Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

22.11.2021

На денот кога Православната Црква го чествува споменот на светиот Нектариј Пентаполски, егинскиот Чудотворец, небесниот покровител на параклисот Свети Нектариј Егински, во Скопје, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован богослужеше во овој параклис.

На навечерието на празникот беше отслужена празнична Вечерна служба, а на самиот ден на празникот, Архиепископот Јован служеше Божествена Литургија. По прочитаното Евангелие, Неговото Блаженство му се обрати на насобраниот народ со вдахновена беседа, а на крајот на Литургијата беше благословено коливо.

Во својата проповед, Архиепископот нагласи дека иако луѓето од светот сакаат да водат удобен и безгрижен живот, тоа не ни е полезно. Напротив, животот со потешкотии е она што го прави духовниот човек поискусен и поцврст во верата, како што и најживописно се покажува во примерот на Светиот Нектариј кој станал свет преку трпењето на неправдите и потешкотиите.