Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

30.10.2022

Во неделата, на 30-ти Октомври 2022 год., се навршија две години од упокоението на Митрополитот црногорско-приморски г. Амфилохиј. По тој повод, во Соборниот храм „Воскресение Христово”, во Подгорица, Црна Гора, беше служена света Архиерејска Литургија на која началствуваше Митрополитот црногорско-приморски г. Јоаникиј. Нему му сослужуваа: Архиепископот михаловско-кошички г. Георгиј од Православната Црква на Чешките земји и Словачка, Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко од Православната Охридска Архиепископија, како и Епископите од Српската Православна Црква: рашко-призренскиот г. Теодосиј, пакрачко-славонскиот г. Јован, бихачко-петровачкиот г. Сергиј, будимљанско-никшичкиот г. Методиј, захумско-херцеговачкиот г. Димитриј и повеќе свештенослужители од Света Гора и од Српската Православна Црква.

По Литургијата беше отслужен помен за блаженоупокоениот Митрополит Амфилохиј, чие тело е положено во криптата на храмот.

Истиот ден, во навечерието на празникот на Светиот Апостол и Евангелист Лука и на Светиот Петар Цетински, во цетинската света обител беше служена празнична вечерна богослужба. На вечерната, по благослов на Митрополитот г. Јоаникиј, началствуваше Епископот г. Марко.

Следниот ден, на 31 Октомври, на светата Литургија, којашто се служеше во Цетинскиот манастир, началствуваше Митрополитот црногорско-приморски г. Јоаникиј, а му сослужуваа: Архиепископот михаловско-кошички г. Георгиј, и Епископите: милешевскиот г. Атанасиј, рашко-призренскиот г. Теодосиј, пакрачко-славонскиот г. Јован, бихачко-петровачкиот г. Сергеј и захумско-херцеговачкиот г. Димитриј. Од Православната Охридска Архиепископија, пак, сослужуваа Епископите: полошко-кумановскиот г. Јоаким и брегалничкиот г. Марко. На крајот од Литургијата беше благословено коливо и прекршен славскиот колач.

По завршувањето на Литургијата, во Богословијата, во близина на манастирот, којашто и го прославуваше својот патрон, Свети Петар Цетински, за сите гости беше приредена свечена трпеза.