Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

08.10.2021

На денот кога Светата Православна Црква го празнува споменот на Св. Сергиј Радонешки, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован служеше на Архиерејската Литургија во Троице-Сергиевата Лавра, во Москва, каде што се наоѓаат моштите на овој голем светител на Руската Православна Црква.

На Литургијата во Успенскиот храм на лаврата началствуваше патријаршискиот намесник на Московската Митрополија, Митрополитот крутицки и коломенски г. Павел. Покрај Архиепископот Јован, нему му сослужуваа и Митрополитот кургански и белоезерски г. Даниил, Епископот одинцоводски и красногорски г. Тома, претставникот на Српскиот Патријарх при Рускиот Патријарх Епископот моравички г. Антониј, Епископот истрински г. Серафим, претставникот на Православната Црква на Чешките земји и Словачка при Рускиот Патријарх архимандритот Серафим, претставникот на Православната Црква во Америка при Рускиот Патријарх протојерејот Даниил и бројно свештенство.

Празничниот молебен на плоштадот на Лаврата го служеше Митрополитот Павел.

После празничните богослужби во Лаврата беше прочитано поздравното послание на Неговата Светост Патријархот руски г.г. Кирил.