Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

18.07.2021

Во четвртата недела по Педесетница, Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован со свечена архијерејска Литургија во Ставропигијалниот манастир Св. Јован Златоуст, во Битола, ја прослави 23-тата годишнина од ракополагањето во епископски чин.

На Неговото Блаженство Архиепископот Јован му сослужуваше Неговото Преосвештенство Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, свештеници и ѓакони од Православната Охридска Архиепископија и од Српската Православна Црква.

На богослужбата учествуваа и група поклоници од Србија, предводени од Високопреподобниот Архимандрит Петар, игуман на манастирот Пиносава.

За велелепието на службата се погрижија завршените богослови од Призренската Богословија, кои дојдоа заедно со игуменот на манастирот Црна Река Високопреподобниот о. Андреј. 

По прочитаното Евангелие, на собраниот народ му се обрати Епископот Марко кој во вдахновената беседа му ја честита на Архиепископот Јован годишнината од ракополагањето во епископски чин, и потсети дека тој веќе повеќе од две децении вложува максимални напори за воспоставувањето на Единството на Црквата, без оглед на тоа што тоа подразбира огромна жртва на личен план, го носи крстот кој го зеде на себе доброволно и смирено остана да ја сведочи вистината и да Го сведочи Христа. 

На крајот на Литургијата беше благословено коливо и колач, а на присутните им се обрати Блаженејшиот Архиепископ Јован, кој во своето слово истакна дека се труди народот во нашата татковина, кој долго време немал правилна поделба на харизмата Божја, да ги добие тие дарови од Бога и да напредува во црковниот живот кој води директно во Царството Божјо.

По завршетокот на службата за сите присутни беше приготвено послужување.