Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

05.06.2023

На Денот на Светиот Дух, понеделникот по Педесетница, во катедралниот храм „Св. Софија“, во Охрид, беше отслужена Света Архијерејска Литургија на која началствуваше Неговата Светост Архиепископот пеќски, Митрополит белградско-карловачки и Патријарх српски г.г. Порфириј. Нему му сослужуваше Неговото Блаженство Митрополит скопски, Архиепископ охридски и македонски и на Прва Јустинијана г.г. Стефан, заедно со Високопреосвештените Митрополити дебарско-кичевски г. Тимотеј, преспанско-пелагониски г. Петар, брегалнички г. Иларион и кумановско-осоговски г. Григориј од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, и Преосвештените епископи нишки г. Арсениј, марчански г. Сава и топлички г. Петар од Српската Првославна Црква и Неговото Преосвештенство Епископот полошко-кумановски и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким од Православната Охридска Архиепископија.

На богослужбата молитвено беа присутни Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, Преосвештените епископи брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко и стобиски и Местобљустител струмички г. Давид од Православната Охридска Архиепископија, како и Високопреосвештените Митрополити европски г. Пимен и тетовско-гостиварски г. Јосиф и поранешниот Митрополит кумановско-осоговски г. Јосиф, и Преосвештените Епископи хераклејски г. Климент и стобиски г. Јаков од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.

На овој ден се одбележува една година од доделувањето на Томосот за автокефалија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија од страна на Српската Православна Црква.

После дописите кои треба да стигнат од страна на Српската Православна Црква, на закажаната седница на Светиот Архијерејски Синод на МПЦ-ОА, на 20 Јуни, ќе се заврши процесот на интегрирање на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија и Православната Охридска Архиепископија, чии Архијереи ќе добијат нови титули.