Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Српски

19.06.2022

На 19 Јуни, во манастирот „Успение на Пресвета Богородица”, покрај Скопје, беше отслужена света Архиерејска Литургија на која началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот oхридски и Митрополит скопски г.г. Јован во сослужување на Нивните Преосвештенства, Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко, Епископот пакрачко-славонски г. Јован и Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид. На Литургијата сослужуваа и поголем број свештенослужители од повеќе епархии.

После прочитаното Евангелие, беседеше Епископот пакрачко-славонски Јован, а на крајот од Литургијата пригодно обраќање изговори Архиепископот охридски Јован, воедно честитајќи му го јубилејот на Епископот Давид, кој потоа се обрати со изрази на благодарност.

После Литургијата, по повод јубилејот: 15 години од ракополагање во Архиерејски чин на Епископот стобиски Давид, се одржа пригодна програма.

Беа промовирани двете книги на Епископот стобиски Давид „Уметност и откровение” и „Надвор од границите”, кои оваа 2022 год., ги објави книгоиздателството „Макавеј” од Скопје.

Програмата ја водеше актерот Томе Витанов. На почетокот, за Епископот Давид зборуваше познатиот поет Бранко Цветкоски, кој говореше и стихови од неговата најнова збирка поезија. Потоа, за гореспомнатите книги на Епископот Давид зборуваа Димитриос Статарас (теолог), и Јанинка Невчева (музичар), а со музички илустрации (вокали и кавали), настапија: Ванчo и Маја Дамјански, и, Георги и Светлана Доневи.

После пригодната програма, во манастирот, за сите присутни беше подготвена трпеза.