Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

08.05.2023

Во брегалничката Епископија, во параклисот посветен на светиот Николај Мирликијски, свечено беше прославен празникот на светиот Апостол и Евангелист Марко, којшто Преосвештениот Епископ брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко го чествува како свој именден.

На навечерието на празникот, со доксологија беше пречекан Блаженејшиот Архиепископ охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, којшто началствуваше на вечерната богослужба и го благослови петолебието.

Утредента на самиот празник, беше служена света архијерејска Литургија, на која началствуваше Епископот брегалнички г. Марко. Нему му сослужуваа Преосвештените Епископи полошко-кумановски и Местобљустител дебарско-кичевски г. Јоаким и стобискиот и Местобљустител струмички г. Давид, заедно со свештенослужители од повеќе Епископии на Православната Охридска Архиепископија.

На Литургијата молитвено присуствуваше и Архиепископот охридски г.г. Јован, којшто, после  прочитаното Евангелие, произнесе вдахновена беседа.

На крајот од Литургијата, Епископот домаќин г. Марко, им се заблагодари на Блаженејшиот Архиепископ Јован и на сите присутни.

Великолепието на богослужбите беше зголемено со учеството на црковните појци од хорот „Мојсије Петровиќ“, од Белград.

По Литургијата, за сите присутни беше приготвена трпеза.