Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

29.05.2022

На 28 и 29 Мај во градот Сурдулица, Р. Србија, свечено беше одбележан празникот на светите Сурдулички маченици.

На покана од Епископот врањски г. Пахомиј, на прославата, во името на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, учество зеде Епископот брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко.

По празничната вечерна богослужба, на која началствуваше Епископот г. Марко, се одржа свечена духовна академија, а беше отворена и изложба на тема: „Свети Викентиј Епископ скопски”, којшто пострадал заедно со Сурдуличките маченици. Изложбата содржеше фотографии, документи и писмени сведочења за дејноста на Светиот Викентиј, пред и после изборот за Епископ скопски, како и сведочења за неговата маченичка смрт, од страна на бугарската окупаторска војска. На отварањето на изложбата говореше и Епископот г. Марко. Тој ги пренесе поздравите и благословот од Архиепископот г.г. Јован, истакнувајќи дека не е само титулата она што ги поврзува Светиот Викентиј и Архиепископот г.г. Јован како скопски Митрополити, туку и спремноста да го сведочат Христа и Соборноста на Црквата, ако е потребно и по цена на сопствениот живот.

На светата Литургија на 29 Мај, началствуваше Епископот г. Марко, а му сослужуваше домаќинот, Епископот г. Пахомиј како и свештенослужители од Епископијата врањска и Охридската Архиепископија. По Литургијата беше направена и литија со моштите на мачениците до местото наречено „Дубока долина”, кадешто пострадале најголемиот дел од Сурдуличите маченици.

На оваа прослава дојдоа и верници од околните градови, директни потомци на Сурдуличките маченици, како и верници од Р. Северна Македонија.