Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

24.05.2022

На празникот на светите сесловенски просветители Кирил и Методиј, Неговата Светост Патријархот српски г.г. Порфириј началствуваше на светата Литургија во сослужение на Претстоителот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија г. г. Стефан и архијереите од Српската Православна Црква Митрополитот црногорско-приморски Јоаникиј, Епископите: сремскиот Василиј, бачкиот Иринеј, зворничко-тузланскиот Фотиј, крушевачкиот Давид, ремезијанскиот Стефан, избраниот шабачки Јеротеј, од Православната Охридска Архиепископија Епископите: полошко-кумановскиот Јоаким и брегалничкиот Марко и од Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија Митрополитите: преспанско-пелагониски Петар, повардарски Агатангел, брегалнички Иларион и кумановско-осоговскиот Григориј.

На Литургијата молитвено присуствуваа и Неговото Блаженство и Епископот стобиски г. Давид. На литургијата сослужуваа и повеќе свештеници од СПЦ, ПОА и МПЦ.

Во својата беседа, на крајот од Литургијата, Патријархот српски г.г. Порфириј истакна дека Светиот Архијерејски собор на Српската Православна Црква едногласно и еднодушно излегол во пресрет на молбата на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија да ѝ благослови, одобри, прифати и признае автокефалност.

Истовремено, Патријархот српски г.г. Порфириј истакна дека Светиот Архијерејски Собор на СПЦ му доделил должност на Светиот Архијерејски Синод на СПЦ и на Патријархот, заедно и во соработка со Архиепископот Стефан и неговиот Синод, најпрвин да ги разработат сите техничко-организациони детали, а дури потоа ќе следи свеченото прогласување со официјален и одговарачки акт за што ќе бидат известени сите помесни Православни Цркви и ќе бидат повикани и тие да го прифатат автокефалниот статус на МПЦ-ОА.