Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

08.05.2022

Во брегалничката Епископија, во параклисот посветен на светиот Николај Мирликијски, свечено беше прославен празникот на светиот Апостол и Евангелист Марко, којшто, Епископот брегалнички и местобљустител битолски г. Марко го чествува како свој именден.

Попладнето спроти празникот, со доксологија беше пречекан  Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, којшто началствуваше на вечерната богослужба и го благослови петолебието.

Утредента на самиот празник, беше служена света архијерејска Литургија, на која началствуваше Епископот брегалнички г. Марко. Нему му сослужуваше Епископот стобиски и местобљустител струмички г. Давид и свештенослужители од повеќе Епископии на Охридската Архиепископија. На Литургијата молитвено присуствуваше и Архиепископот охридски г.г. Јован, којшто, после  прочитаното Евангелие, произнесе вдахновена беседа, во која истакна дека Бог, давајќи се себеси за спасение на целиот човеков род, нас нè учи да даваме и да се даваме за ближните и Црквата уподобувајќи се на тој начин на самиот Бог.

На крајот од Литургијата, Епископот домаќин г. Марко, им се заблагодари на сите присутни велејќи: „Пасхата Господова, што ја прославуваме е радост која им дава смисла на сите радости во нашите животи, а истовремено и надеж во сите искушенија и неволји што не снаоѓаат во животот”.

По Литургијата, за сите присутни беше приготвена трпеза.