Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

14.05.2021

Американскиот Стејт департмент го објави Извештајот за верските слободи во Република Северна Македонија за 2020 г., во кој одново се нотирани бројни нарушувања на верските слободи од страна на државниот апарат.

Во споменатиот Извештај се наведува дека до крајот на 2020 г., Основниот суд Скопје 2 не дејствувал согласно на Извештајот на Европската комисија (ЕК), од Мај 2019 г., кој ја повикува Владата на Република Северна Македонија да ги спроведе одлуките на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), и да ги почитува правата на Православната Охридска Архиепископија (ПОА).

Во 2017 г., ЕСЧП пресуди дека Владата ја прекршила Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи со одбивањето на апликациите на ПОА да се стекне со статус на религиозна група. Во Извештајот на ЕК за напредокот во 2020 г., објавен во Октомври, се бара Северна Македонија да ја спроведе правосилната пресуда на ЕСЧП и да ја регистрира ПОА.

Американскиот Стејт департмент предочува дека ПОА продолжително истакнува дека Владата одбива да ја регистрира црквата, дека Владата се меша во работата на судството во случаите каде што е вклучена ПОА, и, дека врши притисок врз ПОА да направи повторна апликација со ново име. Истовремено, во Извештајот се наведува дека ПОА цитирала писмо од Основниот суд Скопје 2 со кое се бара ПОА да го смени името, бидејќи судот не можел да ја разликува од МПЦ-ОА. Во Извештајот е запишано и дека според претставниците на Владата, пресудите на ЕСЧП не ја менувале легислативата на државата, а државата бара името на апликантот да биде различно од веќе регистрираните религиозни групи, па затоа ПОА морала да го смени своето име за да биде регистрирана во судот.

Во Извештајот на американскиот Стејт департмент не е наведено, бидејќи тоа е општо познато, дека според Законот за извршување на одлуките на ЕСЧП, Владата не смее да ги прилагодува одлуките на ЕСЧП на својата легислатива, туку е обврзана својата легислатива да ја сообрази со одлуките на ЕСЧП, одлуки, кои согласно на членовите 2 и 3 од спомнатиот закон: „се задолжителни за Северна Македонија“; а, согласно на членот 28 од истиот закон: „доколку надлежните државни органи не ја спроведат одлуката, одговараат согласно со закон“.

Тука е неопходно да се истакне дека во своето образложение на пресудата против Владата на тогашната БЈРМ, ЕСЧП недвосмислено истакнува дека името на ПОА (Грко-Православна Охридска Архиепископија на Пеќската Патријаршија), е доволно специфично да се разликува од името Македонска Православна Црква - Охридска Архиепископија, и дека, оттука, нема да создава забуна кај граѓаните, земајќи предвид и дека ПОА изрично одбива да се идентификува со МПЦ.

Американскиот Стејт департмент го завршува својот Извештај со крајот на 2020 г., наведувајќи дека до крајот на годината, барањето за регистрација на ПОА од 2009 г., без промена на името, останало неодговорено во Основниот суд Скопје 2.

Во Април, оваа 2021 г., Апелациониот суд конечно го одби барањето да биде исполнета пресудата од ЕСЧП во Стразбур – да биде регистрирана Православната Охридска Архиепископија. Следствено, властите продолжуваат да ги прекршуваат домашните и меѓународните закони.

Во Извештајот на американскиот Стејт департмент наведени се и реакциите на ПОА дека посетите и писмата на политичарите од државниот врв до Константинополскиот Патријарх Вартоломеј претставуваат мешање на власта во верските прашања и кршење на уставниот секуларен поредок, реакции кои, пак, се цензурирани од страна на медиумите.

Во Извештајот се нотира дека ПОА недвосмислено смета дека судските одлуки против Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован се резултат на пристрасноста на власта, а исто така, се наведува и дека ПОА, како нерегистрирана заедница продолжува да се соочува со разни дискриминации и заплашувања, помеѓу останатото на пр., и со неможноста да го оствари своето основно право да организира сопствени училишта. Дискриминацијата врз припадниците на ПОА се спроведува до такви незивилизациски димензии, та Извештајот ги нотира и навредите во медиумите, потоа жртвите на физички напади на припадници на ПОА од страна на припадници на МПЦ, како и забраната на припадници на ПОА да повикаат свештеник на ПОА да ја изврши погребната служба.

Останува вечното прашање: дали барем некој од политичарите и другите чинители во државниот апарат ги чита извештаите на американскиот Стејт департмент во изминативе скоро две децении? Педантните хроничари сигурно можат да се сетат дека токму откако државата почна да ѝ нанесува зло на Православната Охридска Архиепископија, го снижи своето ниво, и, константно си го нарушува меѓународиот углед. Паметните се учат од грешките, а неразумните ги повторуваат.

 

Интегралниот текст на споменатиот извештај, можете да го прочитате на следнава врска: https://www.state.gov/reports/2020-report-on-international-religious-freedom/north-macedonia/