Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

26.04.2022

Оваа 2022 год., се навршуваат 20 години од воспоставувањето на литургиското и канонско единство на Црквата во Северна Македонија со Српската Патријаршија, а преку неа и со сите помесни православни цркви.

По тој повод, со благослов на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, периодиката на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска „Соборност“, започнува да излегува на интернет, со цел да се одговори на потребите на читателите на нашава епоха, та текстовите, кои ќе бидат објавувани во „Соборност“, да им станат полесно достапни.

На официјалната насловна страница на Православната Охридска Архиепископија од денес стои логото на „Соборност“, преку кое ќе може да се пристапува до содржината на периодиката.

Интернет адресата на периодиката е следнава:

http://sobornost.poa-info.org

- - -

Слово на уредникот:

Кога пред шеснаесет години го преземав уредувањето на периодиката „Соборност“, во краткиот пролог, помеѓу останатото, го предочив и ставот на логотерапијата, согласно кој: секое време има своја колективна невроза и на секое време му е потребна неговата терапија. Посочената и честопати отворено видлива невроза во нашето опкружување, за жал, останува расколот на МПЦ, кој, за волја на вистината, сѐ повеќе бидува сведен на одредени политичко-религиозни кругови. Тие маѓепсани кругови продолжуваат да си мислат дека ги „решиле“ сите свои проблеми со тоа што без прекин и суптилно (на пр., со одбивањето да ја спроведат пресудата од Стразбур за регистрација на ПОА), го продолжуваат државниот прогон врз Православната Охридска Архиепископија. Но, тоа, воопшто не значи дека го решиле проблемот на смртта, кој останува нерешлив надвор од Соборноста на Црквата.

За разлика од пред шеснаест години, денес, бројот на луѓето, кои не дозволуваат корумпираниот систем да им го дресира умот во однос на Црквата и на верските слободи, видливо е зголемен, и, ќе продолжи да се зголемува. Критериумите се изоструваат и наместо славата од минливите политичари, која е обвиткана со смртна сенка, луѓето ја бараат славата Божја. Периодиката „Соборност“ имала и ќе продолжи да има свој конструктивен и терапевтски придонес првенствено во однос на теолошката наобразба, но, зошто да не, и во однос на артикулирањето на верските слободи и останатите животни предизвици, на сите оние, кои сакаат да се сретнат со автентични содржини на современ македонски јазик.

Имајќи предвид дека во меѓувреме читателските навики во многу нешта се променија и дека сѐ поголем број личности читаат на своите подвижни електронски уреди, решивме да го направиме и интернет изданието на „Соборност“ – периодика на Архиепископијата охридска и Митрополија скопска.

Битно е да се истакне дека на интернет изданието на „Соборност“ постои архивата кон старите броеви, кои читателите можат да ги симнат и во .pdf формат, а врските кон текстовите, кои во иднина ќе бидат објавувани во „Соборност“, ќе бидат пренесувани и на социјалните мрежи, така што периодиката ќе добие на транспарентност, со единствена цел - поголем број читатели полесно да пристапат до новите содржини. На овој начин „Соборност“ ќе го продолжи и своето свештенопосланство – гласно да говори и да ги сведочи спасителните соборност и единство на Црквата.

На читателите им посакувам предложените текстови да им ги испроблематизираат личните ставови за на тој начин да влезат во творечки дијалог со исчитаните содржини и така да дојдат до познание на Вистината, за таа да им го дарува божествениот мир и да ги ослободи во Црквата, која ниту вратите на пеколот нема да ја надвладеат.

Епископ стобиски и Местобљустител струмички Давид
На Пасха, 2022 г.