12.03.2023
Архиепископот Јован богослужеше во Будимпешта
Во втората недела од Великиот пост, посветена на Светиот Григориј Палама, со светата архијерејска Литургија во храмот Свети Великомаченик Георгиј во Будимпешта, началствуваше Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, во сослужување со епископот домаќин, Неговото Преосвештенство Епископот будимски г. Лукијан од Српската Православна Црква и свештенство од Епископијата Будимска и од Православната Охридска Архиепископија.
На крајот на светата Литургија, Преосвештениот Владика Лукијан го поздрави Блаженејшиот Архиепископ Јован и му се заблагодари за благословот што го донесе со своето доаѓање во будимската Епархија. Владиката Лукијан ги истакна непроценливото значење и историската улога на Архиепископот Јован во борбата за единството на Црквата.
Архиепископот Јован срдечно му се заблагодари на Епископот Лукијан за поканата, а потоа со собраниот народ ги сподели своите впечатоци за состојбата во будимската Епархија. Архиепископот Јован, исто така, му се заблагодари на верниот народ за љубовта и за молитвената поддршка, а потоа на сите им подели икони на Светиот Еразмо Охридски.