Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

 

I)                  В О В Е Д Н И  И  О П Ш Т И  О Д Р Е Д Б И

 

Член 1

Црковни престапи и казни се оние престапи и казни што ги пропишуваат светите канони и што врз основа на Уставот на Православната Охридска Архиепископија ги набројуваат овие Правила.

 

Член 2

Повредите на црковните должности што ги прават свештените лица од двата реда, се казнуваат како престапи на клирот, а повредите на црковните должности што ги прават црковнослужителите, монасите и останатите верници, се казнуваат според овие Правила како престапи на верници.

 

Член 3

Членовите на Православната Охридска Архиепископија одговараат за црковните престапи според овие Правила, било каде и било кога да се направени престапите.

 

Член 4

Казните за престапите по општиот кривичен закон или по кривичните одредби од други државни закони, не ја исклучуваат и примената на црковните казни според овие Правила доколку стореното дело содржи и црковна вина и доколку се работи за лица за кои важат овие Правила (чл. 3).

 

Член 5

Во поглед на црковните престапи според овие Правила:

1)     како свештени лица се сметаат само свештенослужителите од мирскиот и монашкиот ред без оглед на тоа дали се во активна црковна служба или се во пензија;

2)     црковнослужителите, монасите и останатите лица кои примиле света тајна крштение и се членови на Православната Охридска Архиепископија, спаѓаат во верни;

3)     под вера се подразбира православната христијанска вера; под Црква секоја помесна православна Црква (Епископија), Православната Охридска Архиепископија и православната Црква во вселената;

4)     под суд се подразбира, со црковниот Устав на Православната Охридска Архиепископија предвидените црковни судски власти и органи.                

 

Член 6

Незнаењето или неправилното разбирање на овие Правила не оправдуваат никого. Незнаењето на верата и учењето на Црквата не ги оправдува свештените лица, ниту монасите, а непознавањето на христијанскиот морал не го оправдува никого.

 

Член 7

Оној што некој друг смислено го наведе или го поттикне да изврши црковен престап или оној што на друг со умисла му помогне да изврши црковен престап, се казнува исто како самиот да го сторил престапот.

 

 

II)              О Д Р Е Д Б И  З А  Ц Р К О В Н И Т Е  П Р Е С Т А П И

 

А)  Свештенички  престапи

1)     Престапи против верата, учењето на Црквата и црковниот поредок

 

Член 8

Свештено лице кое на било кој начин исповеда атеизам или се одрече од православната христијанска вера, ќе се казни за отпадништво со лишување од свештеничкиот чин и со исклучување од црковната заедница.

 

Член 9

Свештено лице кое ја порекнува или ја изложува под сомнеж догматската вистина на Црквата, или јавно исповеда од Црквата осудена заблуда од догматска природа, ќе се казни за ерес со лишување од свештеничкиот чин и со исклучување од црковната заедница.

 

Член 10

Свештено лице кое свесно дава лажна заклетва или лажно сведочење во името Божјо или ја погазува заклетва изречена во името Божјо или заветот даден на Бога, монашки или друг, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 11

Свештено лице кое оддава тајна поверена на исповед, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 12

Свештено лице кое хули на Бога, Пресветата Мајка Божја и Неговите светители, Црквата и верата, или ги пцуе, или сквернави света работа, или свето место, или ја наруши богослужбата или свештенодејствието кој кое самиот го извршува или кои ги извршува друг, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 13

Свештено лице кое за себе ќе присвои света работа, или работа заветена или поверена на Црквата, ќе се казни за светотатство со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 14

Свештено лице кое врши свештенодејствие на непрописен начин, или на неприлично место, или без благослов на епархискиот архијереј, на небогослужбен јазик, или под недозволени услови, или сосема противно на црковните прописи, ќе се казни со дисциплинска казна, а ако остане во истото упорен, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 15

Свештено лице кое ќе се одвои од Црквата или ќе преземе нешто против јерархиското единство на Црквата или канонските власти, или ќе ги порекне нејзините канонски прописи, ќе се казни за раскол со лишување од свештеничкиот чин и со исклучување од црковната заедница.

 

Член 16

Свештено лице кое ќе прими или ќе даде пари или некаква друга вредност за ракополагање или произведување, ќе се казни за симонија со лишување од свештеничкиот чин и со исклучување од црковната заедница, а за непотизам ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

Свештено лице кое ќе се послужи со влијанија надвор од Црквата, за во Црквата да стекне некаков јерархиски степен, именување или служба, или пак прибегнува кон влијаење на лица надвор од Црквата, за да се ослободи од своите црковни одговорности или да избегне некаква обврска спрема Црквата и во Црквата, ќе се казни по слободна оцена на судот, а во потешки случаи со лишување од свештеничкиот чин, односно и исклучување од црковната заедница.

 

 

Член 17

Свештено лице кое одрекува послушност на својот надлежен архијереј, или не го спомнува на богослужбите, или одбива да прима или да се покори на одлука од надлежните во Црквата, или на пресуда од црковните судски власти, или богослужи и врши свештенодејствие иако е под забрана на свештенослужение, или ја бунтува паствата против црковните власти или против нејзините поединечни прописи и одлуки, или побунетата паства не сака да ја умири и приведе кон послушност на црковните власти, или јавно или тајно работи, говори и создава смутови против постоечкиот црковен поредок и јерархиската власт, ќе се казни за непослушност со лишување од свештеничкиот чин. Во потешки случаи може да се казни и со исклучување од црковната заедница.

 

Член 18

Свештеното лице кое извршува свештенодејствие во место под надлежност на друг, или самоволно ја напушти својата службена положба, односно местото на служење, ќе се казни со дисциплинска казна, односно по слободна оцена на судот. Свештеното лице кое самоволно ќе ја напушти црковната служба и не се јавува на повикот на својот архијереј кој го повикува да се врати во црковната служба, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин. Во потешки случаи или соблазни ќе се казни и со исклучување од црковната заедница.

 

Член 19

Свештеното лице кое се огреши по должното почитување кон друго свештено лице, особено кон повисок јерархиски степен, се казнува со дисциплинска казна.

 

Член 20

Свештеномонашките лица кои основаат манастир без одобрение на надлежниот архијереј, или преземат манастир или монаси и монахињи под власт на надлежен архијереј, или биле под некаков вид на самоволно заведување на заеднички двогуб манастир за монаси и монахињи, или како манастирски настојатели примаат во монашки ред или вршат обред на монашење без дозвола на надлежниот архијереј, или примаат за монаси неспособни лица за тоа, или истите не ги надгледуваат, се казнуваат со лишување од свештеничкиот чин.

 

2) Однесувања кои не доликуваат на свештеничкиот чин и положба

 Член 21

Свештено лице кое изврши или се обиде да изврши убиство, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

Ако убие човек во принудна одбрана или случајно, или се обиде со  самоубиство, или сам себе си умислено се осакати, ќе се казни со доживотна забрана за свештенодејствие.

 

Член 22

Свештено лице кое извраши кражба, проневери или присвои, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член23

Свештено или свештеномонашко лице кои извршило прељуба, или обљубило лице од поверената му пастирска грижа, или по ракопологањето стапило во брак, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 24

Свештено лице кое учествува во вршење на противприроден блуд (хомосексуализам), или се оддава на пијанство и блуд, или свештенодејствието го врши во пијана состојба, или се коцка заради добивка (хазардни игри), ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 25

Свештено лице кое ќе направи некое друго неморално дело и ќе покаже недостојно однесување како: поминување време по кафеани, барови или непристојни места, каматарење, исмејување на немоќни по тело, тепање, сплеткарење, клевета, лажење, подмитување, непристојно изразување, пцуење и слично на тоа, ќе се казни со дисциплинска казна, доколку престапот во поединечни случаи не би бил според овие Правила потешко казнив. Во потешки случаи или повторување на дејствијата ќе се казни по слободна оцена на судот.

 

Член 26

Свештено лице кое од одобрување и согласување или наклоност, се дружи со: еретици, расколници, злочинци, блудници, пијаници, коцкари, познати сплеткароши или кавгаџии, и воопшто со озлогласени лица, ќе се казни со дисциплинска казна, а по повторување на дејството, по слободна оцена на судот.

Доколку свештеното лице ги поттикнува или им помага на ваквите лица во извршувања на неморални и кривични дела, или такви лица прикрива, или им јатакува, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 27

Свештено лице кое се бави со баење или гатање од кој и да било вид, или спиритуализам или други празноверија, или лекомислено се здружува, или се впушта во непотребни парничења, или без одобрение на својот надлежен архијереј се вработи надвор од Црквата или оди на лов со борбено оружје, или се бави со било какви недолични работи, ќе се казни со дисциплинска казна или преместување, доколку делото не би било потешко казниво според овие Правила.

 

Член 28

Свештено лице кое без пропишаната свештеничка облека влегува во светиот храм, или богослужи, или врши обреди, или се појавува на собири на свештеници или верници, или се обраќа на паствата, или излегува пред архијерејот и го дочекува, или го запушти својот надворешен изглед и чистота на телото и облеката, или со потполно бричење на брадата и мустаќите го избегнува надворешното обележје на православно свештено лице, се казнува со дисциплинска казна, а по повторување на дејството, или ако со тоа предизвика соблазна, се казнува по слободна оцена на судот.

 

Член 29

Свештено лице кое надвор од службата, со дело или збор, го повреди должното почитување кон светото дејствие, светите места, светите работи и светите времиња, ќе се казни со дисциплинска казна, доколку тоа не би било потешко казниво според овие Правила.

 

3) Невршење, односно негрижливо вршење на службените свештенички должности и законски наредби од претпоставените црковни власти

 

Член 30

Свештеното лице кое:

1)     самоволно ќе пропушти да го изврши пропишаното свештенодејствие;

2)     од негрижа, свештенодејствието го изврши спротивно на црковните прописи;

3)     ќе изврши света тајна на лице кое нема услов да ја прими;

4)     неоправдано на некого ќе му ускрати некоја света тајна;

5)     венчава лица помеѓу кои по црковните или граѓанските прописи не е дозволен брак, или се огреши кон црковните брачни прописи, особено ако венчава лица на кои само граѓанскиот брак им е разведен, а не и црковниот;

6)     на свето место, или при свештенодејствието врши и световни работи кои со верата и Црквата немаат никаква врска;

7)     сослужува на света Литургија, а не се причестува;

8)     служи света Литургија, а не ја употреби светата Причест;

9)     пред да ја служи светата Литургија, јадел, пиел или пушел;

10) не ги подучува верните,

ќе се казни по слободна процена на судот.

 

 

Член 31

Свештено лице кое изгубило службени списи или прилози, ќе се казни со дисциплинска казна, а во потешки случаи ќе се премести на друго место на служење.

 

Член 32

Свештено лице кое уништило или фалсификувало службени списи или прилози, или матични книги, или финансиски книги и документи, ќе се казни по слободна процена на судот.

Ако тоа го стори заради лична полза или острастеност, ќе се казни со лишување од свештеничкиот чин.

 

Член 33

Свештено лице кое вршејќи ги своите служби ги погази црковните прописи, или стори пропуст и со тоа нанесе штета на Црквата, или нанесе штета на некој друг, односно стекне некаква полза за себе или некој друг, ќе се казни со дисциплинска казна, или по слободна оцена на судот.

 

Член 34

Свештено лице кое се послужи со црковни пари, или со друга црковна сопственост за лична полза, или црковниот имот го растура без сметка, или со него не управува по пропишаниот ред, или не ги поднесува навреме сметките и документите, или не ги води уредно книгите и не ги чува документите за управувањето, или им допушта и толерира тоа да го прават други лица на кои црковниот имот им е доверен на раководење и управување, ќе се казни со дисциплинска казна односно по слободна оцена на судот.

 

 Член 35

Свештено лице кое неуредно и немарно ги води матичните и протоколарните книги, ќе се казни со дисциплинска казна, а во случај на повторување на делото, со преместување.

 

Член 36

Свештено лице кое без допуштение на надлежниот архијереј оддаде нешто што во своето службено работење го дознал, а кое што, кога би се дознало, би можело да го осуети успехот на црковната служба и би нанело штета на црковните интереси, ќе се казни со дисциплинска казна.

 

Член 37

Свештено лице кое немарно или неуредно доаѓа на службена должност, или својата служба немарно ја врши, или ги одолговлекува службените работи и извршувањето на одлуките од црковните власти, ќе се казни со дисциплинска казна. По повторување на делото се казнува со преместување.

 

Член 38

Свештено лице кое не ја извршува совесно старешинска должност кон оние над кои е поставен, или намерно препорачува за служба неспособни, незаслужни и недостојни лица, или неоправдано лошо ја опслужува паствата или странките кои службено му се обраќаат, ќе се казни со дисциплинска казна.

Ако така постапи свештеномонашко лице спрема монасите кои се под негова власт, треба да се казни построго, по слободна оцена на судот.

 

4)     Навреди и клевети од едно свештено лице кон друго свештено лице

 

Член 39

Свештено лице кое ќе навреди друго свештено лице, ќе се казни со дисциплинска казна.

Ако навредата е извршена јавно, или предизвикува соблазна, или се повторува, ќе се казни построго, по слободна оцена на судот.

Ако некој клирик го навреди архијерејот, ќе се казни по светите канони.

 

Член 40

Ако едно свештено лице допушти на друго, со своето непристојно однесување, да даде повод да го навреди, може предизвиканиот да се казни поблаго, а може да се ослободи и од секаква казна, ако нанесената навреда била како возврат на оној кој е во помлад чин и доколку со тоа не е предизвикана јавна соблазна.

 

Член 41

Свештено лице кое за друго свештено лице изнесе и пренесе нешто невистинито, што може да наштети на свештеничката чест и достоинство, ќе се казни со дисциплинска казна. Ако се повтори или во потешки случаи, ќе се казни по слободна оцена на судот.

 

Член 42

Докажување на вистината при навредување помеѓу свештените лица е исклучено.

Кај клеветите е допуштено докажување на вистината во случаи каде не се работи за клевета која се однесува на приватниот или домашниот живот на оклеветениот.

 

Член 43

Кривична постапка за навреда и клевета се води само по приватна тужба.

 

 

5)      Изнудување на непропишани награди за свештенодејствието

 

Член 44

Свештено лице кое за свештенодејствието изнудува невообичаени награди и услуги, или награда во пари со невообичаен износ, не сакајќи да го изврши свештенодејствието за вообичаената награда, ќе се казни со дисциплинска казна, а ако делото се повтори, тогаш ќе се казни построго.

Кривична постапка се води само по приватна тужба.

 

6)      Критикување на црковните правила и наредби поставени од надлежните власти и нивните постапки

 

Член 45

Свештено лице кое во беседите, проповедите и написите, или пред поверената му паства, или пред други свештени лица или на друг начин ги критикува или ги исмејува црковните правила и наредби од црковните власти, нивните постапки или пак самата власт, ќе се казни со дисциплинска казна, а по повторување на делото или во потежок случај, ќе се казни по слободна оцена на судот.

 

Б) Вини на црковнослужителите, монашките лица и останатите верни

 

Член 46

Кој од нив изврши дело на отпадништво од верата, или падне во ерес, кривоклетство, симонија, раскол, богохулство, светотатство, или изврши убиство или прељуба, ќе се казни со дисциплинска казна, а во потешки случаи по слободна оцена на судот.

 

Член 47

Кој откаже послушание кон својата јерархиската црковна власт, или се бунтува, или создава завера против истата, или ѝ го ускрати должното почитување, или ја навредува, клевети и понижува, или не ја признава и не сака да ги изврши нејзините одлуки и наредби, или не го прима својот надлежен парохиски свештеник, или ги занемарува своите верски и црковни должности, ќе се казни со дисциплинска казна, а во потешки случаи по слободна оцена на судот.

 

Член 48

Кој ќе ја злоупотреби довербата на Црквата и ќе присвои црковни пари или имот, или со нив непрописно и на штета на Црквата ќе управува, или ако неисправно ги води книгите и кривотвори документи, или ги уништува, или изгуби, или отуѓи црковен имот, без одобрение од надлежните црковни власти и слично, ќе се казни со дисциплинска казна, а во потешки случаи по слободна оцена на судот.

 

Член 49

Кој свесно или под уплив од други говори, или нешто превзема против црковниот поредок, или црковните интереси, или Црквата воопшто, ќе се казни со конечно исклучување од црковната заедница.

 

Член 50

Кој покаже недостојно владеење по чл. 22, 25, 26 и 27 од овие Правила, или лажно сведочи, ќе се казни со дисциплинска казна или по слободна оцена на судот.

 

Член 51

Кој се  бави со подведување, или нечовечно и недостојно постапува кон својот брачен другар, или самоволно ја растури брачната заедница, или недостојно и нечовечки постапува спрема своите родители, или деца, или спрема помладите во куќната заедница или кон други лица, ќе се казни со дисциплинска казна, а во потешки случаи со конечно исклучување од црковната заедница.

 

Член 52

 Монах или монахиња кои:

1)  ќе ги погазат монашките завети;

2)   ќе основаат манастир без одобрение од надлежниот архијереј, или ќе одвојат манастири или монаси или монахињи од неговата власт;

3)   ќе заведат согуби манастири, т.е. во него да живеат заедно монаси и монахињи,

ќе бидат казнети со лишување од монаштво.

 

Член 53

Монах или монахиња кои во својство на манастирски настојатели примаат во братството, односно во сестринство, некого без одобрение на надлежниот архијереј, или по поткуп, или без пропишаната старост, или слабоумно лице, или некој што сè уште е во брак, или не водат надглед над братството, односно сестринството, над нивниот живот, владеење или пропишаното облекување, или кон нив нечовечки постапуваат, или не го одржуваат манастирското правило, ќе се казнат со лишување од монаштво.

 

Член 54

Ако монах или монахиња се огрешат кон останатите должности во смисла на манастирските прописи и завети кои ги дале, ќе се казнат по внатрешниот манастирски устав.   

 

III)           О Д Р Е Д Б И    ЗА   Ц Р К О В Н И     К А З Н И

 

Член 55

Црковни казни се следниве:

а) За свештените лица од двата реда: 

1)     опомена;

2)     укор;

3)     епитимија;

4)     преместување на друго место на служба;

5)     привремена забрана за свештенодејство;

6)     губење на парохиската служба, односно друго назначување во Црквата;

7)     доживотна забрана за свештенодејство;

8)     лишување од свештеничкиот чин;

9)     лишување од свештеничкиот чин со исклучување од црковната заедница.

 

 

б) за црковнослужителите, монашките лица и останатите верни:

1)     привремено лишување од поедини права и почести во Црквата;

2)     лишување од монаштво;

3)     исклучување од црковната заедница на определено време;

4)     конечно исклучување од црковната заедница.

 

Член 56

Казните за свештените лица од двата реда: опомена, укор, епитимија до 15 дена и забрана за свештенодејство до 30 дена,

како и казните за црковнослужителите, монасите и останатите верни: привремено лишување од поедини права и почести во Црквата, односно лишувањата: од монаштво за прости монаси и монахињи, се дисциплински казни.

Сите останати казни се за црковни престапи.

Дисциплинска казна за презвитерите и ѓаконите од двата реда, односно за верните (чл. 5) ги изрекуваат надлежните архијереи со свои одлуки и тоа казната опомена без формално испитување.

 

Член 57

1) Казните: опомена и укор се извршуваат со писмена одлука;

2) Казната епитимија се извршува со праќање на некое време во манастир на покајание.

Епитимија за една вина не може да трае повеќе од 30 дена и се издржува во манастир кој ќе го одреди надлежниот архијереј.

Лицето што е упатено на епитимија ги задржува своите принадлежности за време на издржувањето на казната, освен половина од наградата за свештенодејствијата, која за тоа време му припаѓа на оној што ќе го заменува во службата.

3) Казна преместување на друго место на служба се извршува со преместување на виновниот на полошо службено место без надомест на патните и селидбените трошоци.

4) Казната привремена забрана за свештенодејство се извршува со одлука на надлежниот архијереј за забрана за виновниот на поедини или на сите свештенодејствија, за време кое не може да биде подолго од една година.

5) Казната губење на парохиската служба, односно друго назначување во Црквата, се извршува со разрешување на лицето од неговата служба, односно назначување.

6) Казна доживотна забрана за свештенодејство ги содржи забраните за сите свештенодејствија за цел живот на казнетиот.

7) Казната лишување од свештенички чин се извршува со одлука на надлежниот архијереј, донесена врз основа на конечна пресуда од Големиот црковен суд во рок од еден месец од донесувањето на оваа пресуда. Доколку оваа одлука од било која причина не се донесе во овој рок, ќе се смета дека расчинувањето е извршено во последниот ден од рокот. Правилно одземениот чин не може никогаш да се поврати. Лишувањето од свештеничкиот чин ги содржи сите губења на свештенослужителските права и повластици на осудениот и негово приведување во редот на обичните верни.

 

Член 58

1)                      Во казните за привремено лишување од поедини права и почести во Црквата спаѓаат:

а) Одлачување од светата тајна причест;

б) исклучување од заедничката молитва со верните;

в) забрана на опело;

г) лишување од црковнослужителските степени: ипоѓакон, чтец, певец;

д) лишување од службата кај црковните власти и членување во црковните тела, установи и други верски организации;

ѓ) лишување од должноста храмов настојател;

 

Казната исклучување од црковната заедница на одредено време трае најмалку три, а најмногу десет години. Ако таквиот смртно се разболи, а претходно искрено се покае, архијерејот може да му ја укине казната.

Со казната конечно исклучување од црковната заедница со анатема, исклученото лице се лишува од сите права и повластици и сите должности во Црквата, како и од сите обврски.

Кај монашките лица исклучувањето од црковната заедница го содржи и лишувањето од монаштво.

Кај останатите верни секоја казна за црковна вина ги повлекува и губењата права на членство во црковните тела додека трае казната.

 

Член 59

При одмерување на казната ќе се земат предвид сите олеснувачки или отежнувачки околности кои влијаат казната да биде помала или поголема.

 

Член 60

Правото на казнување со дисциплинската црковна казна застарува ако виновниот не биде казнет во рок од пет години од кога го направил престапот и доколку за тоа време не направил нов црковен престап.

 

Член 61

За сите престапи постапката се покренува и се води по службена должност, освен за тие за кои со овие Правила се пропишува дека сторителот може да се гони само по приватна тужба од лицето кое е повредено со тој престап.

Приватна тужба може да се поднесе во рок од три месеци, сметајќи од денот кога повредениот дознал за стореното дело и за сторителот.

При поднесување на тужбата, тужителот е обврзан на име трошоци да вложи кај судот сума која тој ќе му ја одреди.

Од приватната тужба тужителот може да се повлече сè додека не се одржи главната расправа.

 

Член 62

Право на вонредно ублажување на казната и тоа: казна за доживотна забрана за свештенодејствие, односно лишување од свештенички чин и лишување од свештенички чин со исклучување од црковната заедница пред нивното извршување, припаѓа на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, а за сите останати казни на надлежниот архијереј, и тоа до половина од досудените казни.

 

 

IV)           ОДРЕДБИ ЗА ПОСТАПКАТА ВО КРИВИЧНИТЕ РАБОТИ


Член 63

Во црковното судење редовната судска власт ја вршат:

1)   Епархиските архијереи,

2)  Епископските црковни судови и Големиот црковен суд спрема прописите од чл. 54 т. 11, чл. 112-128 и чл. 130-138, од Уставот на Православната Охридска Архиепископија, а вонредната судска власт, телото предвидено во чл. 141 од Уставот на Православната Охридска Архиепископија.

 

Член 64

За постапка во црковните престапи на свештените лица од двата реда, односно црковнослужителите, монашките лица и останатите верни, надлежен е судот на онаа епархија на која тие лица канонски припаѓаат, а за останатите верни, судот на територијата каде што се постојано населени (чл. 73 од Црковниот устав). Црковниот суд кој бил надлежен за покренување на постапката ја задржува својата надлежност до завршувањето на постапката.

 

Член 65

Постапката е писмена и се води на кирилица. Странките општат со судовите по пат на поднесоци, а во случај на неписменост, со кажување во записник. Во двата случаи, обврзувачки треба да се наведат бројот и податоците од личната карта на поднесителот. Непотпишаните поднесоци во никој случај нема да се земат предвид или во постапка.

Со странките се општи писмено по пат на повик и одлуки предадени по пошта, препорачано или со повратница, или пак врачени преку црковните органи со доставница.

 

Член 66

Ако лицето обвинето за црковен престап не се отповика на повикот, или одбие да го прими повикот и одлуката на судот, или на нив не сака да одговори, ќе се смета дека го признава делото и постапката ќе се заврши без негово учество.

Лицето обвинето за црковен престап кое е отсутно и без познато место на живеење или пребивање, или лишено од слобода, судот од црковно неказнуваните свештени лица ќе постави застапник со кој постапката ќе заврши и ќе се објави во „Црква“ - службениот весник на Православната Охридска Архиепископија.

 

Член 67

Покренувањето на постапката не е поврзано со никакви формалности.

Кога надлежниот архијереј прими пријава за црковно кривично дело, или до него допре глас за тоа, ќе ја оцени веродостојноста на истите и ако најде дека пријавата е основана, ќе нареди покренување на постапка во која преку своите органи, односно преку подрачните свештени лица од двата реда или црковните тела и органи, ќе ја провери и испита работата и ќе ги изврши потребните сослушувања на обвинетиот, на сведокот, а ќе изврши и прибирање на докази.

Никој не може да биде казнет без претходно да биде сослушан.

Доколку постои, на обвинетиот треба да му се достави во препис и писмената пријава, односно приватната тужба, за да може по неа писмено да се изјасни.

 

Член 68

Кога ќе се заврши со прибирање на потребните факти, докази и заклучоци од неопходните сослушувања на сведоците, надлежниот архијереј ќе ги проучи сите списи и кога ќе најде дека работата е доволно разјаснета или утврдена, ќе донесе одлука или за запирање на понатамошната постапка, односно ќе ја отфрли пријавата или приватната тужба, или ќе изрече казна согласно на својата надлежност, или пак ќе го предаде предметот во постапка на подрачниот суд. Во таа одлука може да се изрече и забрана за свештенодејство на обвинетото свештено лице, со или без намалување на неговите принадлежности до половина, односно за разрешување од управување на обвинетиот сè до завршување на постапката, ако се работи за злоупотреба од материјална природа.

 

Член 69

По приемот на предметот, судот списите ќе ги даде на црковниот обвинител, тој да напише тужба во онолку примероци во колку ќе е потребно за процесот, и со тужбата целиот предмет да го врати на судот.

Тужбата треба да содржи:

1)  име и презиме на тужениот, со назначување на неговите лични податоци;

2)  податоци за надлежниот суд;

3)  опис на кривичното дело (по време, место, начин на извршување) за кое обвинетиот се тужи со сите обележја кои се потребни за примена на кривичните прописи на овие Правила;

4)  службеното име на кривичното дело по овие Правила со наведување на казната која по предлог на црковниот обвинител треба да се примени;

5)  точно наведување на доказите; и

6)  образложение за предлогот на казната, како и потпис на црковниот обвинител.

 

Член 70

Судот тужбата ќе ја достави до тужениот со повик во рок од 14 дена на судот да му поднесе писмен одговор.

Ако тужениот во тој рок не го достави својот одговор до обвинителството, ќе се смета дека делото го признава и се откажува од правото на одговор. Во одговорот, тужениот во границите на тужбата може да изнесе сè што смета дека е потребно во своја одбрана.

 

Член 71

По примениот одговор на тужбата, или констатацијата на судот дека во законскиот рок не е доставен одговор, судот во советот прописно составен, секогаш во тајно заседание, ќе ги проучи сите списи и врз основа на нив, со гласање, најпрвин за престапот, а потоа и за казната, ќе изрече пресуда. Казната ќе ја предложи и пресудата ќе ја изработи член на судот кој ќе го одреди претседателот.

 

Член 72

Претседателот, архијерејот, гласа во советот на епископскиот црковен суд ако гласовите се поделени. Ако е постигната едногласност и без гласање на претседателот архијереј, или ако претседателот, епархискиот архијереј, во советот на судот има свој заменик, тогаш за да биде пресудата полноважна, претседателот архијереј треба да се согласи со донесената одлука без неговиот глас. Во спротивно ќе се постапи според прописот од чл. 121 од Црковниот устав.

 

Член 73

За советувањето и гласањето се води записник што треба да се состави веднаш на седницата на советот на судот и кој ќе го потпише претседателот, сите членови на судот кои учествувале во советувањето и гласањето, како и секретарот, а во записникот кратко ќе се запише одредбата – диспозитивот на пресудата.

 

Член 74

Пресудата треба да содржи:

1)  ознака на судот што ја донесува;

2)  означување на лицата за чија работа се водел предметот;

3)  ознака на предметната постапка;

4)  одредба за предметот (диспозитив);

5)  образложение со упатства за правен лек; и

6)  датум, број на документот, потпис на претседателот и деловодителот со печат.

 

Член 75

Во случаите кога се води предмет за некакви недоразбирања помеѓу свештените лица од двата реда заради црковни работи или парохиски приход, или заради подвижен или недвижен црковен имот што му е отстапен на свештенството на ползување, судот само на приватна тужба на заинтересираните лица, откако совесно ќе ја испита целата работа врз основа на поднесените списи, ќе донесе на својата седница одлука која е извршна.

 

Член 76

Во случај државната судска власт да казни свештено лице од двата реда за кривично дело кое содржи и црковен престап, надлежниот архијереј, врз основа на извршната пресуда, или ќе постапи по својата надлежност или предметот ќе го предаде на подрачниот црковен суд за преземање на постапка.

 

Член 77

Пресуди на првостепени судски власти кои гласат:

1)  на губење на службата, односно звањето;

2)  на доживотна забрана за свештенодејство;

3)  на лишување од свештенички чин;

4)  на лишување од свештенички чин со исклучување од црковната заедница; и

5)  на конечно исклучување на верните од црковната заедница,

се поднесуваат по службена должност до второстепениот суд на конечно разгледување.

 

Член 78

Против пресудата на првостепените судски власти дозволена е жалба до второстепената судска власт, освен во случаите предвидени со чл. 54 т. 11 од Уставот на Православната Охридска Архиепископија.

Жалбата се поднесува во потребен број примероци преку првостепената судска власт во рок од 14 дена од кога пресудата е предадена препорачано по пошта, или со повратница, или е врачена преку црковен орган на доставница. Неблаговремено поднесување на жалбата нема да се зема во постапка.

Жалбата го отповикува извршувањето на пресудата до конечното решавање.

 

Член 79

Жалбата може да се вложи заради одредбата (диспозитивот) на пресудата, а во врска со: престапот, одредената казна, привремените последици од казната, правните последици од казната, пресметувањето на казната и временото оддалечување од свештенодејство.

Во жалбата не може да се изнесуваат нови факти кои не биле предмет на расправа пред првостепената судска власт.

Член 80

Жалбата треба да содржи:

1) точно назначување на судската власт со наведување на бројот и датумот на пресудата против која жалбата се вложува;

2) означување на причината заради која се жали;

3) одредено барање во поглед на дополнување или измена на пресудата нападната со жалбата; и

7)     потпис, занимање и живеалиште на подносителот.

 

Член 81

По примањето на жалбата, првостепената судска власт може да ја достави до црковниот обвинител кој може на жалбата да даде свој писмен одговор во рок од 8 дена. Одговорот треба да се ограничи на наводите и барањата од жалбата и да содржи точно определување против барањата.

 

Член 82

Второстепената судска власт ќе ја поништи првостепената пресуда:

1)  ако првостепената судска власт не била надлежна за судењето;

2)  ако не била прописно составена;

3)  ако во судењето учествувале изземени или подмитени лица;

4)  ако при изрекувањето на пресудата се повредени, превидени или погрешно применети црковните прописи од чл. 6 од Уставот на Православната Охридска Архиепископија;

5)  ако одредбата на пресудата е во противречност со образложението или образложението е во спротивност со судските списи на кои се повикува; и

6)  ако спрема приликите на случајот е судено премногу благо и несразмерно на престапот.

 

Член 83

Второстепената судска власт ќе ја оснажи пресудата на првостепената ако постапката е правилно спроведена според овие Правила и ако пресудата во сите свои делови е оправдана и издадена во прописен облик.

 

Член 84

Во случај пресудата да биде оснажена во целост, не е потребно да се образложува, освен ако првостепеното образложение било непотполно и погрешно.

 

Член 85

Ако жалбата била очигледно неоснована, или поднесена со дрскост, или срочена со цел да се заведе и да се донесе во заблуда второстепената судска власт, може заради тоа жалителот да биде казнет заради дрскост.

 

Член 86

Ако второстепената судска власт најде дека во случај на поништување на пресудата не е потребно ново судење пред првостепената судска власт, ќе изрече само конечна пресуда која секогаш треба да биде образложена.

Второстепениот суд може со посебен допис да ја поучи првостепената судска власт за сите забележани грешки.

 

Член 87

Второстепената пресуда е конечна и извршна.

Таа се поднесува кај надлежниот архијереј преку првостепената судска власт на извршување, според прописот од чл. 57 од овие Правила.

 

Член 88

Молба за вонредно ублажување на казната се поднесува кај надлежниот архијереј кој сам ќе ја реши ако тоа спаѓа во негова надлежност, или ќе ја поднесе до Светиот Архиерејски Синод со свое образложение и предлог.

Против решението на надлежниот архијереј со кое ја одбива молбата за вонредно ублажување на казната, нема место за жалба.

Молбата за ублажување на казната не го одложува извршувањето на казната.

Надлежниот архијереј може да го казни молителот заради дрско повторување на молбата за ублажување на казната.

 

Член 89

Во поглед на плаќање на црковната такса во оваа постапка важат прописите од Правилникот за наплата на црковна такса.

Останатите црковно-судски трошоци, ако ги има, ги сносат виновниците.

Ако некој за сопствен интерес бара судска работа поврзана со издатоци, треба да вложи кај судската власт онолку средства колку што судот ќе му одреди. Тоа ќе биде пресметано во конечната одлука.

 

Член 90

Во случаи предвидени во чл. 141 од Уставот на Православната Охридска Архиепископија, правата на епархискиот архијереј предвидени со овие Правила, ќе ги извршува Светиот Архиерејски Собор според прописите од Уставот на Православната Охридска Архиепископија и своите деловници.

 

Член 91

Сите свештени лица кои самоволно ја напуштиле црковната служба и не се отповикале на повикот на својот архијереј да се вратат во црковната служба, како и свештеномонашките лица кои стапиле во брак, ќе се сметаат за лишени од свештеничкиот, односно од свештеномонашкиот чин.

Ова ќе го утврдуваат епархиските архијереи со свои декларативни одлуки по службена должност која ја извршиле и за тоа го известуваат Светиот Архиерејски Синод.

 

Член 92

Овие правила ги донел Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија врз основа на чл. 20 т. 9 од Уставот на Православната Охридска Архиепископија со одлука бр. 11 од 12 Април / 30 Март 2011г. Истите ќе се објават во службениот гласник „Црква” со што добиваат обврзувачко значење на целата територија под јуриздикција на Православната Охридска Архиепископија.

 

АРХИЕПИСКОП И МИТРОПОЛИТ
+Охридски и Скопски Јован
Претседател на Светиот Архијерејски Синод

 

 

Прв секретар
+Епископ стобиски и
Местобљустител струмички Давид