Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Прв дел

Општи одредби

1. Архиепископот охридски и Митрополит скопски, или неговиот заменик, во согласност со Светиот Синод, свикува Свет Архијерејски Синод со означување на место, ден и час, и со список на предмети кои дотогаш стигнале за разгледување на Светиот Архијерејски Синод.

2. Членовите на Светиот Архијерејски Синод се должни да се јават на повикот за седница на Светиот Архијерејски Синод, освен поради доволно оправдани причини. За време на траење на заседанието на Синодот, отсуство на членовите им дава Светиот Архијерејски Синод.

3. Членовите на Светиот Архијерејски Синод се собираат во одреден ден и час, во сала каде што се одржуваат синодските седници, и оттаму заедно одат во храмот, каде што ќе се изврши призив на Светиот Дух.

4. По извршувањето на призивот на Светиот Дух сите членови се враќаат во синодската сала, каде што Архиепископот, односно неговиот законски заменик, го завзема претседателското место, а останатите членови ги завземаат местата според редот на јерархијското старешинство.

5. За да може Светиот Архијерејски Синод да донесува полноважни одлуки, потребно е присуство на две третини од Епархиските Архијереи.

6. Дневниот ред го предлага претседателот на Синодот, но конечно го составува сам за себе Светиот Архијерејски Синод.

7. Седниците на Светиот Архијерејски Синод не се јавни, освен во исклучителни прилики, по одлука на Синодот.

8. Светиот Архијерејски Синод може на своите седници, заради сослушување на мислења, да повика стручни, свештени и световни лица од православната вера, кои се одликуваат со вера, наука и добар живот.

9. За проучување на предметите и составување на предлог за решавање, за време на заседанието Синодот избира посебни одбори. Секој одбор треба да се конституира со избор на претседател, потпретседател, референт и секретар, од својата средина. Референтот го застапува предлогот на одборот во Синодот. Одборот решава со надполовинско мнозинство од присутните членови, доколку се присутни повеќе од половина од вкупниот број на членови на одборот. Предлозите на одборот се поднесуваат (во записнички извод со извештај) на Светиот Архијерејски Синод преку претседателот на Синодот, кој известува за тоа на првата наредна седница на Синодот. На седниците на одборот можат да присуствуваат сите членови на Синодот. Претседателот на Светиот Архијерејски Синод им ги дава на располагање на одборот сите списи, кои се однесуваат на предлогот кој се претресува во одборот.

Втор дел

Претседателство

10. Со седниците претседава Архиепископот или неговиот законски заменик.

11. Претседателот ја закажува, отвора и затвора секоја седница, раководи со расправите и ги прогласува решенијата.

12. После отворање на седницата се чита записникот од претходната седница, кој потоа го потпишуваат претседателот и сите членови на Свет Архијерејски Синод кои присуствувале на таа седница, како и архисекретарот или неговиот заменик.

13. После заверување на записникот се покажуваат списите кои стигнале пред седницата, и се читаат предлози кои им се упатуваат на односните одбори на проучување, освен оние кои се прогласуваат за итни и кои можат веднаш да се решат во пленум, и после тоа се читаат евентуални изјави и се пристапува кон расправа за одделни предмети кои се на дневен ред. По предлог на претседателот, дневниот ред за секоја идна седница го утврдува Синодот на крајот од седницата. Оние предмети чијшто претрес не можел да се заврши во една седница, се ставаат на прво место од дневниот ред на идната седница.

14. Секој член од Светиот Архијерејски Синод има право да направи самостојни предлози во почетокот од седницата, а на предлозите кои се во врска со предметот за кој се расправа, во текот на самата расправа, но секогаш со образложение.

15. Самостојните предлози и изјави на поедините членови на Светиот Архијерејски Синод му се поднесуваат на претседателот писмено, со потпис, и се внесуваат во записникот од седницата на која се прочитани, и тоа предлозите по содржина, а изјавите во целина.

16. Предлозите кои се однесуваат на дневниот ред или на предметот за кој се расправа, се земаат веднаш во расправа. Останатите предлози претседателот ги изнесува на расправа според утврден дневен ред.

17. За предметите кои биле во некој од одборите известува известувачот на одборот кому му е даден предметот во реферат, и тоа усно или писмено.

18. Ако се утврди дека извештајот и предлогот не е доволно образложен, или дека се превидени некои битни околности во него или дека одборот стои на погрешна позиција, предлогот може да се симне од дневен ред и да му се врати на одборот.

19. Поважните и поопширни предлози треба да се умножат и пред расправата да им се раздадат на членовите на Светиот Архијерејски Синод во полн состав на проучување, а предлозите на Светиот Синод по можност да се испратат заедно со поканата за заседание на Светиот Архијерејски Синод.

20. После известувачот или предлагачот зборуваат останатите членови на кои претседателот им дава збор, по ред како што се пријавиле за говор.

21. При расправата за еден предмет може секој член на Светиот Архијерејски Синод само еднаш да зборува, но во оправдани случаи Светиот Архијерејски Синод може да му дозволи на својот член да зборува и по вторпат. Известувачот или предлагачот може да зборува и на завршетокот од расправата, а пред нив добиваат по вторпат збор и оние кои предложиле спротивни предлози, и тоа по оној редослед по кој ги изјавиле своите спротивни предлози.

22. Во текот на расправата за било кој предмет може во секое време да добие збор:

а) оној кој сака да се премине на дневниот ред;

б) оној кој сака да одговори за својата лична работа, и

в) оној кој сака да се повика на деловникот.

23. Претседателот може да зборува во секое време, за сè што е на дневен ред.

24. Ако предметот се однесува на донесување на закон, уредба или правилник, тој предмет се чита трипати. После првото читање се зборува начелно за целиот предлог, потоа ако се прими тој предлог како подлога за посебна расправа, се расправа за поединечни негови делови, па за секој дел се гласа посебно и се донесува одлука. Третото читање на тој предлог и конечната одлука за него во целина се врши во една од наредните седници.

25. Говорникот за време на говорот треба да се држи до предметот за кој се расправа, во спротивно претседателот на Светиот Архијерејски Синод ќе го повика да се држи до предметот.

26. Говорникот за време на говорот не е дозволено да се прекинува.

27. Оној член на Светиот Архијерејски Синод, кому му се суди за негова работа, не може да биде присутен на седницата. Ако е таков случај со претседателот, него го застапува неговиот законски заменик.

Трет дел

Гласање и донесување одлуки

28. Кога расправата за еден премет ќе заврши, претседателот го повикува Светиот Архијерејски Синод да донесе одлука. Заради тоа тој поставува прашање кое го опфаќа споменатиот предлог. Прашањето се поставува така, да на него може да се одговори само со „за” или „против”.

29. Гласањето е јавно или тајно.

30. Јавното гласање е со прозивање на имињата на Архијереите кои одговараат со „за” или со „против” и се почнува од најмладиот по чин Архијереј, па до најстариот. Последен гласа претседателот.

31. Поименично гласање се спроведува кога тоа го бараат три члена од присутните Архиереи.

32. Предлогот врз кого паднале мнозинство гласови, претседателот го прогласува за полноважна одлука. Ако гласовите, заедно со претседателскиот глас, се подеднакво поделени, одлучува страната на која е гласот на претседателот.

33. Тајно гласање се одвива при избор, потоа кога се решава за лични прашања, кога тоа го бара половина од присутните членови Архиереи, а се врши со давање ливчиња.

34. Ако при тајното гласање гласовите се поделат на еднакви делови, се пристапува кон повторно гласање, па ако резултатот на гласањето биде ист, се зема дека предметот за кој се гласало, е одбиен. За таквиот предмет не може веќе да се решава во истото заседание.

Кај изборот за Архијереј, ако не се постигне еднодушност, се гласа тајно, и одлучува апсолутното мнозинство гласови, ако пак, гласовите така се поделат, што ниту еден кандидат не добива апсолутно мнозинство, веднаш се пристапува на потесен избор помеѓу оние двајца кои добиле најмногу гласови. За тоа кој кандидат ќе влезе во потесениот избор од оние што добиле еднаков број гласови, одлучува Архиепископот, кој одлучува исто така и при потесниот избор ако гласовите се подеднакво поделени.

35. При избор на Епископ, кога епархијски Архијереј е спречен да дојде на седницата на Светиот Архијерејски Синод, го известува на време претседателот за тоа и може да му даде писмено овластување или на Архиепископот или на еден член од Синодот, да гласа наместо него.

36. Кога се спроведува гласањето, не е допуштено да се држи говор и да се наведуваат причини.

37. Претседателот го констатира резултатот од гласањето и ја прогласува одлуката на Светиот Архијерејски Синод јасно и точно.

Четврт дел

Синодски записник

38. На синодските седници записникот од седницата го води архисекретарот на Светиот Архијерејски Синод или неговиот заменик.

Во записникот се бележи место, ден, месец и година каде и кога е одржана седницата, имињата на присутните членови по ред на старешинство, потоа поединечни предмети за кои се расправало, поднесените предлози, начинот и резултатот од гласањето и решението како што го прогласил претседателот. Во записникот се бележат имињата и говорите на оние што зборувале.

39. Членот на Светиот Архијерејски Синод, чие мислење не било усвоено, има право, доколку сака, да бара неговото писмено поднесено мислење, да се внесе во записникот.

40. При заверување на записникот, ако се направи приговор против било кое дело од истиот, на повик од претседателот, Светиот Архијерејски Синод решава каква исправка да се внесе во записникот.

Записникот од последната седница на заседанието не се заверува на истата седница.

41. Додека не се заверат записниците, решенијата од седницата не може никому да се соопштуваат или поинаку да се објавуваат.

Текот на седничката расправа се држи во тајност.

Петти дел

Извршување на одлуките

42. Одлуките од Светиот Архијерејски Синод ги извршува Светиот Синод.

43. За работењето на Светиот Архијерејски Синод и за сите предмети кои стигнуваат до Синодот се води деловен протокол, регистар и други книги, под одговорност на архисекретарот на Синодот.

44. Преписите од одлуките на Светиот Архијерејски Синод ги заверува Архиепископот или еден одреден член на Синодот, како и архисекретарот на Синодот, односно неговиот заменик.

На секој Синодски акт мора да има ставено печат.

45. Печатот на Светиот Архијерејски Синод во полн состав има околу црквениот грб натпис: Православна Охридска Архиепископија – Свет Архијерејски Синод.

Шести дел

Архива

46. Списите од Светиот Архијерејски Синод се чуваат во архивата на Светиот Синод.

Архивата на Светиот Архијерејски Синод стои под врховен надзор на Архиепископот и Светиот Синод, под непосреден надзор на архисекретарот на канцеларијата, а ја држи во добар ред синодскиот архивар.

Канцеларијата на Светиот Архијерејски Синод се уредува со посебна уредба.

47. Овој деловник останува во важност, сè дотогаш, додека не се замени со нов.