12.11.2018
Соборско соопштение за црковната криза во Украина после најновите одлуки на Цариградската Патријаршија
Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква во којшто учествува Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован и останатите Архиереји од автономната Православна Охридска Архиепископија, одржа дводневно заседание на 6 и 7 Ноември, оваа година, во Белград.
Покрај останатите теми беше донесен и соборски став во однос на црковната криза во Украина, после најновите одлуки на Цариградската Патријаршија. Со овој став службено беа известени сите Православни Цркви и откако тоа е направено, сега е момент тој да биде изнесен во целост и пред јавноста.
Соборот, најпрвин, со жалење констатира дека Цариградската Патријаршија донесе канонски неоснована одлука да рехабилитира и да признае за епископи двајца водачи на расколнички групации во Украина, Филарет Денисенко и Макариј Малетич, заедно со нивниот епископат и клирот, од кои двајца, првиот е своевремено канонски лишен од чинот, а потоа исклучен од црковната заедница и подложен на анатема, а вториот ионака е лишен од апостолското преемство како духовен изданок на сектата на таканаречените самосвети, заради што Светиот Архијерејски Собор таа одлука на Цариградскиот Синод ја смета за необврзувачка за Српската Православна Црква.
Соборот не ги признава наведените личности и нивните следбеници за православни епископи и клирици и, следствено, не прифаќа литургиско и канонско општење со нив и со нивните приврзаници.
И, на крајот, Соборот им предлага на Цариградската Патријаршија и на сите останати помесни автокефални Православни Цркви, прашањето на автокефалијата и прашањето на православната дијаспора, што поскоро да се разгледаат на сеправославен собор, за да се потврдат и да се зајакнат соборноста и единството на Православната Црква и во иднина да се избегнат искушенијата како што е ова, низ кое сега поминува светото Православие
Епископ бачки Иринеј,
Портпарол на Српската Православна Црква