Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ English

→ Ελληνικά

→ Српски

17.11.2017

На 16 Ноември, оваа година, Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), во Стразбур, ја објави пресудата за случајот број 3532/07: „Православна Охридска Архиепископија против Бившата Југословенска Република Македонија (FYROM)“.

Во пресудата е констатирано дека „ФИРОМ го прекршила чл. 11 (слобода на собирање и здружување), во врска со чл. 9 (слобода на мислата, совеста и религијата), од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП)“, која произлезе од одбивањето на надлежните да биде регистрирана Православната Охридска Архиепископија (ПОА), како посебна верска заедница.

Република Македонија како странка, која го загубила спорот, задолжена е на тужителот, Православната Охридска Архиепископија, да ѝ исплати обесштетување во висина од 9500 евра.

Ова е најголема победа на правдата за Православната Охридска Архиепископија во изминативе 15 години, од кога започна да се води државен прогон не само врз Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, туку и врз повеќе нејзини Епископи, свештенослужители, монаси, монахињи и верен народ.

И без изрекување на ваква пресуда, Православната Охридска Архиепископија е незаобиколива реалност на верскиот живот во Република Македонија.

Слободата, која е врвен критериум на православното христијанство, се чува со саможртва, не само и единствено со правни акти, но добро е што понекогаш тој врвен критериум е потврден и од правото.

Затоа оваа пресуда од ЕСЧП за прекршување на неколку членови од ЕКЧП од страна на Република Македонија, а на штета на Православната Охридска Архиепископија, е сатисфакција не само за верниците на Црквата, туку е голема опомена за новата власт да не владее тоталитаристички и насилнички, како што тоа го правеше претходната врхушка.

Од канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија