16.05.2012
Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква изрази протест и го осуди затворањето на Архиепископот Јован
На своето денешно заседание Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква го изрази својот протест против затворањето на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован и го осуди тоа беспримерно насилие и прогон спроведени под маската на заштита на правниот поредок.
Истовремено Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква, покрај останатите адреси, апел за што поскоро ослободување од затвор на Архиепископот Јован испрати и до Владата на Р. Македонија, имајќи предвид дека според релевантните меѓународни извештаи, политичките одлуки во нашата земја бездруго влијаат и на судските одлуки. Во продолжение во целост го пренесуваме соопштението на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква.
Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. др Јован, сеправославно признатиот и познатиот канонски Претстојател на древната Охридска Архиепископија, после повеќегодишните прогони, малтретирања, апсења и затворања – исклучиво заради неговата непоколеблива определеност за единството на Црквата Божја, заради неговата припадност на вселенското Православие преку Српската Патријаршија и заради доследната, исповедничка борба против расколничкиот менталитет и антицрковниот етнофилетизам, - под лажно обвинение за наводно затајување и проневера како резултат на политички мотивираниот и исконструиран квазисудски процес од сталинистички тип, организиран на нескриено барање на расколничката организација, којашто себеси се означува со називот „Македонска Православна Црква“, и после најновата судска фарса во Велес, осуден е на 11-ти Мај, на две ипол годишна робија. Ова е единствен пример во современа Европа – а можеби и воопшто во цивилизираниот свет – државните органи, по нарачка, најгрубо кршејќи го и сопственото законодавство и меѓународните норми и конвенции, да вршат вакво сурово насилие над Православната Црква и нејзините законити високи претставници.
Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква, во чијашто канонска јурисдикција се наоѓа и автономната Охридска Архиепископија, на своето редовно мајско заседание протестира и го осудува ова беспримерно насилие и гонење, спроведено под маската за заштита на правниот поредок. Молитвено и во евангелска љубов Соборот е без престан со своите браќа и сестри во Охридската Архиепископија, а особено со нивниот Архипастир којшто поднесува страдање за единството на Православната Црква Христова. Тој страда заради правда, а властите го држат во затвор со строг режим и покрај неговата тешка здравствена состојба. При тоа, Соборот апелира:
- до сите сестрински Православни Цркви ширум вселената;
- до сите останати христијански Цркви во светот;
- до Светскиот Совет на Црквите, Конференцијата на Европските Цркви и другите христијански организации;
- до владата на Република Македонија;
- до владите и надлежните државни органи на правно уредените држави, во прв ред демократските;
- до меѓународните институции и
- до институциите и организациите за заштита на човековите права и верските слободи;
да пружат духовна, морална, правна и секаква друга возможна поддршка на затвореникот на совеста, Архиепископот Јован, и да придонесат за неговото што поскоро ослободување од затворот.
Белград, 16-ти Мај 2012 год.
Свет Архијерејски Собор на Српската Православна Црква