Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ English

12.05.2012

Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. др Јован, сеправославно признатиот и познатиот канонски Претстојател на древната Охридска Архиепископија, после повеќегодишните прогони, малтретирања, апсења и затворања – исклучиво заради неговата непоколеблива определеност за единството на Црквата Божја, заради неговата припадност на вселенското Православие преку Српската Патријаршија и заради доследната, исповедничка борба против расколничкиот менталитет и антицрковниот етнофилетизам, - под лажно обвинение за наводно затајување и проневера како резултат на политички мотивираниот и исконструиран квазисудски процес од сталинистички тип, организиран на нескриено барање на расколничката организација, којашто себеси се означува со називот „Македонска Православна Црква“, и после најновата судска фарса во Велес, осуден е вчера, на 11-ти Мај, на две ипол годишна робија. Ова е единствен пример во современа Европа – а можеби и воопшто во цивилизираниот свет – државните органи, по нарачка, најгрубо кршејќи го и сопственото законодавство и меѓународните норми и конвенции, да вршат вакво сурово насилие над Православната Црква и нејзините законити високи претставници. За среќа, на „судењето“, како набљудувачи присуствуваа и поедини дипломати, и претставници на Православната Црква, и претставници на организации и институции посветени на заштитата на човековите права и верските слободи, така што сите релевантни чинители и севкупната јавност ќе добијат точно известување и јасна претстава за природата на тажната и грда сценска претстава, одиграна во велешката судница.

Светиот Архијерејски Синод на Српската Православна Црква, во чијашто канонска јурисдикција се наоѓа и автономната Охридска Архиепископија, го осудува со најдлабока морална индигнација, ова беспримерно насилие и гонење, спроведено под маската за заштита на правниот поредок; молитвено и во евангелска љубов без престан е со своите браќа и сестри во Охридската Архиепископија, а особено со нивниот Архипастир којшто со радост го прифаќа и поднесува страдањето за прадедовската вера и за единството на Православната Црква Христова и, на крај, апелира:

да пружат духовна, морална, правна и секаква друга возможна поддршка на затвореникот на совеста, Архиепископот Јован, и да придонесат за неговото што поскоро ослободување од затворот.

Белград, 12-ти Мај 2012 год.

Свет Архијерејски Синод на Српската Православна Црква