Свет Архијерејски Синод
Бр. на протокол 125 од 15/02 октомври 2004
С О О П Ш Т Е Н И Е
Постапките и дејствата кои ги превзема во последно време расколничката МПЦ, повторно се основани на лага и манипулирање со јавноста, впрочем исто како што тоа го прави од пучистичкото прогласување на од никого непризнатата автокефалија во 1967. Било кое решавање на проблемот со расколниците во Република Македонија не може да биде без согласност со Православната Охридска Архиепископија. Според канонското право на Црквата кое очигледно им е многу слаба страна на расколниците, не е можно некоја помесна Црква да води преговори со друга Црква за она што е под канонска јурисдикција на трета Црква, без при тоа во преговорите да учествува и таа. А, не е непознато оти територијата на Република Македонија е под духовна јурисдикција на Православната Охридска Архиепископија и дека е неможно некој да решава прашања врзани со неа во нејзино отсуство.
Но, наместо да смислуваат лаги, а новинарите на истите да им веруваат, подобро е да се покајат и да не му ја губат душата на овој напатен народ. Никој никогаш нема да признае еден пучистички чин каков што беше самопрогласувањето на автокефалијата во 1967. Треба да се знае дека во оваа фаза може да биде прифатена Црквата само како автономна. Со предлогот кој го промовираат наместо „автономија” да се користел терминот „самостојност” повторно ги лажат неупатените. Прво терминот самостојност не е влезен во канонската терминологија на Црквата. Тој е крајно неопределен и токму како таков им е потребен на расколниците за да ја лажат јавноста. Тие многупати досега изјавиле дека самостојноста од 1958г. всушност била автокефалија. Но, ако била автокефалија зошто тогаш во 1967г. им било потребно да прогласат нова автокефалија, а зошто сега им е толку битно некој тоа да им го признае. После такавата несериозност и неодговорност, како мислат дека денес некој ќе им се согласи да се употреби тој термин кој е толку неопределен и канонското право не го познава. Згора на сето тоа во Диптихот на Православните Цркви има само автокефални и автономни. Трета графа, за самостојните не постои. Што значи, ако барем малку имаат срам не ќе смеат да ја ползуваат таа подлост овде да говорат дека „самостојност” значело автокефалност, а во суштина Црквата во иднина да не може да биде запишана во Диптихот на православните Цркви како автокефална.
За изјавата, пак, на архирасколникот Стефан дека српските архијереји сами си се запишувале во списокот на „непожелни личности” кои не можат да влезат во Република Македонија, а кој го води полицијата во Р.М., не треба посебно да се коментира. Исто така не треба да се коментараат ниту изјавите на Петар дека, и српската, и грчката, а од најново време и бугарската Црква биле непријатели на Македонија, а Православната Охридска Архиепископија, пак, била експозитура на Српскта Православна Црква, како ни оние на Тимотеј дека Српската Православна Црква била туѓа Црква. Тоа не се само зборови на расколници туку и на луѓе кои имат и некој друг вид на здравствени проблеми. Што може да помисли човек за некого кој сака да руши храм или манастир? Само нечестивиот и неговите слуги тоа го посакуваат и тоа бесрамно. А, што може да се помисли ако оној кој сака да руши храм или манастир е епископ на некоја црква, па нека е тоа и расколничка? На секој барем малку упатен јасно му е дека таквиот е лажиепископ и наместо слуга Божји станал слуга на ѓаволот. Расколничкиот митрополит Петар упатил дури седум барања до подрачното министерство за транспорт и врски во Битола да биде урната манастирската црква на Манастирот Св. Јован Златосут во Нижеполе. Може ли барања за рушење на црква да упати нормален човек кој има страв Божји? Властољубивиот Петар е прототип во злото кое се прави кон верниците на Православната Охридска Архиепископија. Наместо да се свести дека сите монаси и монахињи го напуштија заради неговата надуеност, неспособност да заедничари, а оснобено заради злото кое бесрамно го прави на Црквата, поттикувајќи гонења на христијаните и рушење на нивните храмови, наместо значи да се покае и побара прошка од Црквата, тој дружејќи се со ѓаволот станува извор на омраза и раздор кон сите благочестиви христијани.
На обвинувањата од расколниците дека Митрополитот Јован не сакал да дојде до решавање на спорот, Синодот одговара дека не само тој, туку и целиот Свет Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, целото свештенство, монаштвото и целиот народ не сака да дојде до решение каде ќе нема јасно покајание од страна на расколниците. Тие можат да ги лажат луѓето кои не ги познаваат работите или пак оние незаинтересираните, но не можат на црковните луѓе да им продаваат слама за сено. Со други зборови, не можат да влезат во Црквата, а да остнат со расколничка свест како што сакаат да направат. Како Синод кој е уста на Црквата, изјавуваме дека нема да се согласиме со ниту едно решение во кое нема јасно да биде воочливо покајанието за времето кое го поминале во раскол.
Православната Охридска Архиепископија го расчини бившиот Митрополит полошко - кумановски Кирил, а расколничките Епископи сеуште сослужуваат со него. Дури и да нема никакво друго обвинување за нив, тоа е доволно да бидат сите расчинети. Иако, сите членови на Синодот на Православната Охридска Архиепископија се децидни дека писмото на Стефан беше маневарски потег за купување на време, сепак се согласија да им се даде рок до мај 2005г. да се покајат, но од тоа очигледно нема ништо. Тие во ништо не се поразлични од Кирила, единствено во тоа што сеуште имаат шанса за историска рехабилитација. За Кирила тоа е завршено, тој е историски негативец и ако се умни, расколниците треба брзо да се одделат од него. Дури треба да заблагодарат што Синодот на Православната Охридска Архиепископија ја заврши работата што некои од нивите расколнички архијереји ја започнаа уште во почетокот на деведесеттите години од минатиот век кога почнаа да го расчинуваат Кирила, но немаа храброст тоа да го изведат до крај.
Работата е многу едноставна. Треба да сфатат дека никој, а не само Српската Православна Црква не може да им даде автокефалија без при тоа да поминат низ автономија. Никој, па ни Српската Православна Црква не е спремен да им го признае пучот кој го направија во 1967г. и со тоа предизвикаа раскол. Треба исто така да сфатат дека не затоа што Српската Православна Црква не сака да се нарекуваат Македонска Православна Црква, туку за таквото име нема консензус од другите Православни Цркви. Многу е наивно да се мисли дека некој е спремен решавајќи го расколот со нив да направи раскол со пет други Православни Цркви. Но, сево ова е едноставно само за оние кои имаат црковен етос и Христов ум. За другите, кои имаат лични интереси, било да се владици или попови и ја користат МПЦ како приватна фирма за продавање ветер, ова изгледа многу сложено.
На крај, не може да не признаат и да не се покајат за тоа дека биле инквизиција на припадниците на Православната Охридска Архиепископија. Не може да не признаат и да не се покајат за тортурите кои им ги правеа и прават на оние кои го напуштија душепогубниот раскол и не сакаа времето подарено за спасение да го ползуваат во схизма, надвор од Црквата. Само комунистите не му се извинија на човештвото за злосторствата кои ги направија. Ако сакаат да бидат Црква ќе бараат прошка.
Од Канцеларијата на Светиот Архиерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија