Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Протокол бр. 45 од 25 јули 2006

До
Нејзината Екселенција
Амбасадорот на САД во Р. Македонија
г-ѓа Gillian Arlette Milovanovic


Почитувана г-ѓо Миловановиќ,

Во состојба на длабока навреденост заради дискриминацијата која власта на Р. Македонија им ја прави на верниците на Православната Охридска Архиепископија, Ви се обраќаме со молба да помогнете да престане духовното насилство кое континуирано веќе неколку години, сите три облици на власт во Р. Македонија: законодавната, извршната и судската го прават врз припадниците на Православната Охридска Архиепископија.

Како што е познато, во јануар 2004г., законодавната власт во Р. Македонија донесе декларација за поддршка на Македонската Православна Црква. Со самото тоа ги стави во дискриминирана положба сите оние кои доброволно не сакаат да припаѓаат на Македонската Православна Црква и сакаат да се отцепат од неа.

Тоа беше добра подлога за извршната власт да добие уште поголемо алиби да врши неказнето терор врз припадниците на Православната Охридска Архиепископија. Власта го започна теророт уште во 2002г. кога бесправно, без судски налог го избрка на улица од зградата на Митрополијта во Велес, Неговото Блаженство, Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, тогаш како Митрополит велески на Македонската Православна Црква. Потоа, неколку пати го ставаше во притвор Архиепископот Јован, за судската власт конечно минатата година да го осуди на две и пол годишен затвор и да го затворат за „распалување на национална и верска омраза, раздор и нетрпеливост.” Од таа казна тој издржа 8 месеци и после тоа, под голем притисок на меѓународните институции беше ослободен.

Извршната власт во изминативе неколку години правеше и друг терор врз припадниците на Православната Охридска Архиепископија. Во февруар 2004г. петмина маскирани лица, вооружени со автоматски пушки, испратени од полицијата влегоа насилно во манастирот Св. Јован Златоуст, претходно кршејќи ја надворешната врата, им ги стрижеа косите на затекнатите монахињи, а потоа го запалија манастирот. Сè до денес тие луѓе не се најдени, а како и да бидат најдени кога нив треба да ги пронајде полицијата, а тие беа испратени токму од неа.

Малтретирањата и понижувањата кои континуирано им се прават на граничните премини во Р. Македонија на Епископите и свештениците на Православната Охридска Архиепископија се најблагата форма на терор. Нема излегување или влегување во земјата на кое полицијата неовластено не ги задржува, оставајќи ги да чекаат понекогаш и повеќе од еден час. Но, не се непознати начини на терор и честите претреси на домовите, не само на Епископите и свештениците, туку и на многумина од верниците.

Бруталниот вандализам власта го изрази со рушењето на храмот во манастирот Св. Јован Златоуст во октомври 2004г. во селото Нижеполе кај Битола. Во цела една населба со повеќе од 200 куќи кои се изградени на место каде нема урбанистички план, власта ја сруши само црквата на Православната Охридска Архиепископија.

Пред очите на полицијата во Скопје, во населбата Драчево, насилници го демолираа параклисот на Православната Охридска Архиепископија, а полицијата не превзеде ништо.

Деновиве повторно му претат на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован дека повторно ќе го затворат. Тоа значи дека теророт кој го прави власта врз припадниците на Православната Охридска Архиепископија не престанува.

Нека ни биде простено, но она што подолу ќе го опишеме сметаме дека е кулминација на безобразлукот од страна на властите во Р. Македонија. Овој пат се работи са судските власти. Имено, уште во јануар 2005г., Православната Охридска Архиепископија поднесе тужба против владата на Р. Македонија пред Врховниот суд затоа што таа не й дава правен лигитимитет на Архиепископијата. До пред неколку денови немавме никакво известие дали судот одлучувал по тужбата и затоа Светиот Архијерејски Синод на Правосалвната Охридска Архиепискокпија испрати писмо до Врховниот суд со кое побара забрзување на постапката. Само после два дена ни ја испратија пресудата по тужбата со која е одбиено нашето барање, но безобразното е во тоа што судот решавал уште во ноември 2005г., и од тогаш не нè известил. Полни осум месеци Врховниот суд купуваше време за власта, а ние да не можеме да процесуираме тужба во судот за човекови права во Стразбург. Не е толку навредлива самата одлука на судот. Ние ќе бевме зачудени ако судот имаше храброст поинаку да одлучи. Политичката контрола над судовите во Р. Македонија која ја прави Власта сметаме дека на сите им е позната. Но, толкаво понижување да бидеме искрени не очекувавме. Судот нè третира како граѓани од втор ред, не дискриминира до таа мера што и она што законски ни следува, а тоа се одговорите од судот и тоа ни го ускратува. Замислете ако ние не побаравме забрзување на постапката која многу долго се провлече, никогаш немаше да дознаеме дека судот веќе ни ја одбил тужбата. Секако, јасно е оти судството е политички контролирано, јасно е дека граѓаните, не само припадниците на Православната Охридска Архиепископија се назадоволни од работата на судовите, но ваквиот игнорантски однос на највисокиот суд во Р. Македонија го надминува дури и оној терор кој континуирано го прави извршната власт над припадниците на Православната Охридска Архиепископија.

Бидете љубезни да ја прочитате пресудата на Врховниот суд која ја доставуваме во прилог. Таа веќе доволно говори сама за себе и нема да ја коментираме. Единствено, уште еднаш, најтопло замолуваме, направете што е во ваша можност да престане теророт над припадниците на Православната Охридска Архиепископија кој се прави од една недемократска држава, Р. Македонија која континуирано ги крши основните човекови права на слобода на вероисповест.

Со почит,
Е П И С К О П
+Брегалнички и местобљустител битолски Марко