Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Свет Архијерејски Синод
на Православната Охридска Архиепископија

Протокол бр. 43 од 30 Јуни 2006 г.

Власта во Р. Македонија со несмалена жестина продолжува со судскиот прогон против Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. г. Јован. По впечатливото и јавно ругање коешто го доби од Меѓународната заедница, како и од многуте влијателни меѓународни институции кои се занимаваат со човековите права и слободи, конкретно поврзано за затварањето на Архиепископот г. г. Јован, во Јули 2005 год., властите во Р. Македонија ја менуваат тактиката на делување, но не и целта на прогонување на припадниците на Охридската Архиепископија.

Неможејќи пред меѓународните фактори да ги објасни причините за затворањето на Архиепископот г. г. Јован за кривичното дело „Распалување на национална и верска омраза, раздор и нетрпеливост”, судската власт во Р. Македонија — која не е независна, туку е под директно влијание на извршната власт, го ослободи Архиепископот, по осум месеци поминати во затвор, и покрај тоа што беше осуден на две и пол години. Но, државната власт — чијашто цел не е да го реши проблемот со верската слобода во Р. Македонија, ја промени тактиката и сега го гони и го суди Архиепископот, не за она што се однесува на неговата вера — бидејќи така повторно би ги привлекле реагирањата од меѓународната заедница, туку го судат под обвинение за наводно затајување на материјални средства, настојувајќи со тоа да го прикажат како недостоен за службата што ја врши.

Тоа се гледа и од последната извршна пресуда над Архиепископот г. г. Јован, што ја изрече Апелациониот суд во Скопје за кривично дело „затајување” по чл. 239, ст. 4, во врс. ст. 1, од Кривичниот законик на Р. Македонија. Станува збор за следново:

Во Јуни 2002 год., на барање од Архиепископот г. г. Јован, тогаш Митрополит велески со седиште во Велес, сегашниот градоначалник на Скопје, г. Трифун Костовски, донираше 57.000 евра за реконструкција на храмот „Свети Пантелејмон“ во Велес. Бидејќи Црквата со законските промени за финансиско работење во Р. Македонија, направени истата 2002 год., не можеше да располага со девизна сметка, донаторот — г. Трифун Костовски, се согласи парите да ги префрли на приватна штедна девизна книшка на благајникот на велеската епархија, г. Тони Петрушевски. Не поминаа ни десет дена откако парите беа префрлени на девизната сметка на благајникот, во меѓувреме, по воспоставувањето на литургиското и канонско единство со Српската Православна Црква во Јуни 2002 год., Митрополитот велески г. Јован, сега Архиепископ охридски и Митрополит скопски, насилно, во полициска режија, без каков било судски налог за тоа, беше протеран на улица од зградата на Митрополијата - кадешто живееше. Истиот ден добија отказ сите што работеа со Митрополитот г. Јован. Отказ доби и споменатиот благајник Тони Петрушевски. Никој од нив не можеше да влезе во зградата на Митрополијата. Оттука, парите што ги даде г. Трифун Костовски за реконструкција на храмот во Велес, останаа на штедната книшка на Тони Петрушевски.

Пред насилниот прогон од страна на полицијата (во текот на Јуни 2002 год.), Митрополитот г. Јован со изведувачите на работите околу реконструкцијата на споменатиот храм, презеде иницијатива за извршување на планираниот проект. Беа направени договори, па дури и одредени работи беа авансирани. Беа изработени проекти по коишто г. Трифун Костовски ги донираше споменатите средства. Значи, Митрополитот г. Јован, како договарач на тие работи, остана должен на луѓето кои веќе имаа одредени трошоци во подготвувањето на работите околу реконструкцијата на храмот. Само да напомнеме: требаше да се изведе градежна реконструкција на носечките столбови на храмот; реконструкција на електричната инсталација; реконструкција на столаријата и лимаријата; да се воведе греење во храмот и да се постави ново озвучување.

Во Јули и Август 2002 год., ништо не се презеде во однос на наплатата на долговите. Прво, затоа што Митрополитот г. Јован беше во прогонство, па беше отежнат контактот на изведувачите на работите со него, а второ, затоа што тоа беше период на летни одмори. Но во Септември 2002 год., изведувачите на работите, кои направиле извесни трошоци, почнаа да го бараат Митрополитот г. Јован, за да им се подмири дел од тие трошоци. Македонската Православна Црква ги информирала дека донацијата на г. Трифун Костовски сè уште е на штедната книшка на поранешниот благајник, г. Тони Петрушевски.
Во Септември 2002 год., Митрополитот г. Јован писмено му наложи на поранешниот благајник Тони Петрушевски да ги подигне парите (57.000 евра) од неговата штедна книшка, за да може од тие пари да се исплатат пристигнатите долгови. Господинот Петрушевски ги подигна парите, но веќе следниот ден полицијата го уапси. Првиот нареден работен ден, Митрополитот г. Јован го депонираше во судот во Велес полниот износ од донацијата од 57.000 евра, заедно со каматата за три месеци од 180 евра. Истиот ден г. Петрушевски е ослободен од притвор, но потоа почна судење против него како првообвинет и против Митрополитот г. Јован како второобвинет — за кривично дело „затајување”.

Судот најпрво донесе одбивателна пресуда, без изведување на доказна постапка, бидејќи немаше овластен тужител. Уште во текот на истрагата, Македонската Православна Црква се откажа од кривично гонење, а истото го направи и во текот на главниот претрес. По завршувањето на судскиот процес и по добивањето на пресудата, Јавниот обвинител направи фалсификат и вметна во предметот предлог за гонење од Македонската Православна Црква. Тоа не беше заведено никаде. На него немаше судски печат. Но без оглед на тоа, Апелациониот суд во Скопје, кој очигледно работеше по директиви на извршната власт, го врати предметот на повторно разгледување во Основниот суд во Велес, усвојувајќи ја жалбата на Јавниот обвинител, направена врз основа на фалсификатот.

На второто судење како сведоци се појавија: донаторот г. Трифун Костовски, кој сега е градоначалник на Скопје, и претставниците на фирмите што ги изведуваа работите во храмот. Сите сведочеа во корист на Архиепископот г. г. Јован. Врз основа на писмените докази и сведоштва, судот донесе ослободителна пресуда. На таа пресуда Јавниот обвинител повторно се жалеше, па Апелациониот суд во Скопје донесе одлука предметот да се врати на повторно разгледување во Основниот суд во Велес.
На третото судење, со истите докази, истиот судија — кој двапати донесе ослободителна пресуда, без изведување на какви било нови причини кои би влијаеле при донесувањето на поинаква пресуда, беше изречена осудителна пресуда и тоа во траење од две години затвор за Архиепископот г. г. Јован и петнаесет месеци за првообвинетиот, г. Тони Петрушевски. Апелациониот суд во Скопје, по жалбата на обвинетите, ја намали казната и го осуди Архиепископот г. г. Јован на една година затвор — како второобвинет, а првообвинетиот, г. Тони Петрушевски, на пет месеци.

Сметаме оти не е тешко да се заклучи дека и ова е политичко судење. Бидејќи за некој да направи кривично дело „затајување”, треба да се стекне со некаква подвижна или неподвижна добивка за себеси или за некој друг. Во овој случај тоа го немаше. Парите беа депонирани во судот со каматата во оној момент кога судот ги побара. Пред подигањето на парите, никој не ги побара тие средства. А покрај тоа, Македонската Православна Црква, во овој случај, не можеше да биде оштетена, бидејќи таа никогаш и не располагаше со тие пари. Единствен оштетен би можел да биде донаторот, но тој не подигна обвинение. Така, не само што на основа на доказите немаше можност да биде осуден Архиепископот, туку немаше ни правна можност да се поведе постапка. Додуша, сето ова го констатираше и Основниот суд во Велес, и затоа најпрво донесе одбивателна, а потоа ослободителна пресуда. Но кога извршната власт притисна за осудување на Архиепископот, судот попушти.

Колку судот во Р. Македонија е под влијание на политичката власт и во колкава мера е корумпиран, сметаме дека на сите им е познато. Поради тие причини за тоа нема да зборуваме.

Но, би сакале да се знае дека не е првпат за големите историски процеси да се даваат и големи жртви. Тоа овој пат падна на Архиепископот охридски и Митрополит скопски г. г. Јован. Среќна околност е тоа што тој со радост се жртвува, а тоа во суштина е жртва и за целата Црква. Но дури и да не сакаме да ја признаеме неговата жртва, или да се сомневаме дали навистина е невин, не смееме да дозволиме една тоталитаристичка гарнитура — каква што е власта во Р. Македонија, во срцето на Европа да ги крши основните човекови права, а Соединетите Американски Држави и Европската Унија да не можат ништо да сторат. Дури и да го оставиме настрана тоа што Архиепископот, веќе по вторпат неправедно е осуден, и тоа што по вторпат ќе оди во затвор, страшно е што ни по ова, никој од припадниците на Охридската Архиепископија не е сигурен дека и тој нема да биде затворен без каква било вина.

А таа несигурност ќе владее до оној момент додека Охридската Архиепископија не биде призната од државата Р. Македонија како една од верските заедници во земјата. Што значи дека ова не е апел само за неправедно осудениот Архиепископ г. г. Јован. Тој веќе издржа една неправедна осуда. Ќе ја издржи и оваа. Една година во затвор ќе помине како ден. Но кој може да биде сигурен дека политичкиот прогон нема да продолжи — а уште повеќе од тоа — кој може да биде сигурен дека политичкиот прогон ќе запре само кај Архиепископот г. г. Јован и нема да биде проширен на останатите припадници на Охридската Архиепископија? Тој беше двапати ослободуван од кривичното дело, и дури по третото судење осуден. Пред неколку месеци првостепениот суд го ослободи по уште едно обвинение за друго кривично дело, многу потешко од пред­ходното. Но кој може да биде сигурен (по сè што се случи) дека Апелациониот суд под политичка директива на извршната власт, нема да ја промени и оваа нова ослободителна пресуда? Со ова сакаме да предочиме колку му е тешко на Архиепископот г. г. Јован веќе пет години да живее под закани од нови судски обвиненија. А можно ли е по сето ова да не се запрашаме: кој е гарантот дека сите овие прогони ќе се запрат на него? Ако ништо не се преземе и не им се каже на властите во Р. Македонија дека не смеат да монтираат политички судења, утре ќе дојде ред и на некој друг Епископ од Православната Охридска Архиепископија, на некој од свештениците на оваа Црква, или на некои од лаиците што припаѓаат во неа. Од друга страна, поминаа веќе две години откако Охридската Архиеписко­пија поднесе барање да биде регистрирана како верска заедница. Врховниот суд сè уште не одговара на тужбата подигната против државата Р. Македонија, за тоа што не ја регистрира Охридската Архиепископија. Се работи за еден крајно бесправен хаос, кој предизвикува голема несигурност кај граѓаните, а сметаме дека го дестабилизира и целиов регион.

Затоа молиме и преколнуваме: направете сè што е во Ваша моќ за Охридската Архиепископија да добие правен легитимитет во Р. Македонија. Сметаме дека со тоа не бараме преку леб погача. Тоа се основни човекови права, а токму тие човекови права сосем им се укинати на припадниците на Охридската Архиепископија во Р. Македонија.