Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

ЈОВАН

По милоста Божја, Православен Митрополит велески и повардарски и егзарх охридски, со сите архијереи на Охридската архиепископија, на сето свештенство, монаштвото и побожниот народ на нашата помесна автономна Црква, испраќајќи им благослов и молејќи мирот Божји да биде помеѓу сите нас, го честита Божик и новата година со радосниот Божикен поздрав:

ХРИСТОС СЕ РОДИ!

Бог и Отец од Кого доаѓа секоја иницијатива, благоволи да Го испрати помеѓу створените Својот возљубен Син, Господ наш Исус Христос, за да направи мост помеѓу Него, нестворениот по природа и нас створените, та да можеме минувајќи преку Него да станеме заедничари на Божјата природа, како вели апостолот (2Петр. 1,4). Смислата на Христовото доаѓање на земјата, прифаќањето да ја земе на себе створената природа и сите последици од тоа како што се страдањето и смртта, не е во ништо друго туку во остварувањето на единството помеѓу Бога и човекот, помеѓу нестворената и стоворената природа предвидено уште од вечност да се случи токму во Логосот Божји кој е Христос. Бог го створи светот не за тој да пропадне, туку да се преобразува во заедница со Него и да стекне живот вечен. Адам ја доби таа задача, да се преобразува себе си и светот и никогаш да не ја прекине заедницата со Оној Кој му вдахна живот и нему и на створената природа. Но, тој се покажа неодговорен за таа чест, недостоен за тоа очекување.

Затоа, Отец Го испрати Новиот Адам, љубениот Негов Син Кој го исполни она што се очекуваше од Адама, да го соедини Бога и човекот, нествореното и стовореното во нераскинливо единство на љубовта и животот. Дојде Христос и постана како еден од нас, го зеде на себе она што е својствено на човечката природа, и гладот, и жедта, и уморот, и болката, конечно и смртта, иако по Својата божествена природа нестрадален, доброволно вкуси страдање, со единствена цел, нас да нè одведе до нестрадалност, до победа над смртта, до вечност.

Ете зошто ние како Црква Му пееме: „Христос се раѓа славете. Христос од небесата, излезете во пресрет.” Кога се раѓа нов човек, неговото раѓање го слават и за тоа се радуваат родителите, роднините и пријателите. Но, кога се раѓа спасителот на Светот, се радува и Неговото раѓање го слави целта створена природа, зашто Христос е нејзин ослободител и спасител. Со самото тоа што створената природа Тој ја прими на Себе, истата ја обожи, ја преобрази, ја удостои да има единство со Бога. Токму тоа е најголемата човекова радост, што после Христовото воплотување се укина секоја безнадежност и бесмисла на паднатиот човек. Доаѓајќи во светот и примајќи човечко тело, Христос го осмисли животот на човекот, донесе надеж во иднината, ја претстави целта на постоењето. Јасно му покажа на светот дека единството помеѓу Бога и човекот е темел за конституирање на иднина во вечноста.

Љубени браќа и сестри во Господа! Без единство со Христос, Кој денес се раѓа заради нас и нашето спасение, нашиот живот е бесмислен, бесцелен и трагичен. Но, единството со Христа не е само теорија и добри желби, туку е дело и пракса. За да се има единство со Него потребно е да се остави стариот човек, стариот Адам кој е во нас и да се облечеме во нов човек, во Христа Кој е Новиот Адам. Да ги оставиме делата кои предизвикуваат раздори помеѓу нас, зашто животот е краток и треба да го потрошиме на дела кои ќе бидат ценети во вечноста, не на дела кои забот на времето ќе ги изгризе. Да се соединиме во Христа со врската на мирот која светот ја позна на денот на Неговото раѓање, врска со која треба да се врземе и меѓусебно, не за да се поробиме едни со другите туку за да се ослободиме, зашто единствена врска што не поробува туку ослободува е врската која ја имаме со Христа.

Љубени чеда во Господа! Безбожниот кумунистички режим кој робовладееше во Р. Македонија полни 45 години, создаде услови за денешната духовна пустош во земјава во која непрестано се раѓаат нови и нови духовни инвалиди. За остварување на своите безбожнички планови таа комунистичка власт направи раскол на Црквата во Р. Македонија со сите други Цркви во светот, раскол кој сега е многу тешко да се излечи. Задача на комуњарите беше уништување на Црквата, а тоа сметаа дека најлесно ќе го направат со предизвикување на расколи. И во тоа не погрешија. Додуша, не успејаа да ја уништат Црквата зашто таа е Божја и неуништлива, но создадоа услови за раѓање на духовни инвалиди кои веќе ги споменавме, а кои сега седат токму во Синодот на од никого непризнатата Македонска Православна Црква. Инфилтрираа свои луѓе во највисокиот врв на Црквата и сега тие, не можејќи да ја распознаат новата реалност на општествени односи како и потребата не само за меѓуправославна интеграција туку и интеграција на Европа па и на светот, делуваат схизматички, сепаратистички, комформистички, работејќи само за својот џеб и во интерес на своето потесно семејство. Поставувани да ги штитат интересите на безбожниот режим, епископите на т.н. МПЦ се бираа од редовите на оние кои имаа што повеќе канонски пречки за да бидат во таа служба. Само ако беа грешни пред Господа ќе можеа да бидат „достојни” за довербата на безбожниците. Комунизмот се распадна, но на голема несреќа за Црквата, тие луѓе сеуште останаа во врвот и се единствениот споменик на атеистичкиот режим во Р. Македонија. Не е толку важно што се неспособни за одоговорната служба која ја имаат, тоа се поправа вели народот, не е ни толку важно што трупаат богатства за да им ги остават на нивните наследници, тоа ќе им се прогледа низ прсти, но тоа што го носат народот во пропаст, што го лажат и манипулираат со него, што го делат од остнатиот православен свет, а со тоа и од Христа, па и од целата Света Троица, тоа нема да им се прости ниту во овој ниту во идниот век.

Тоа што Христос го соедини нема право никој да го разединува. Црквата која Христос ја створи, нема право никој да ја разделува. Дојде во светот за да соединува и тоа единство го плати со сопствената крв. Жално е што луѓе кои се поставени да упатуваат кон тоа единство, а тоа се пред сè епископите во Црквата, работат спротивно на тоа. Епископите на расколничката МПЦ, прават сè да нема единство ниту помеѓу Христа и православниот народ во Р. Македонија, ниту пак, помеѓу православниот народ меѓусебно. Штитејќи го само сопствениот интерес и сопствената столица, тие работаат противцрковно, а истовремено и противнародно, со еретички методи го бранат расколот и не се далеку да бидат судени за ерес. Сите досегашни расколи во Црквата доколку не се исцелиле на време преминале во ерес. Зашто токму тоа е трагедијата на расколот, да ги брани сопствените слабости со сите расположиви методи, па дури и со еретичките, како што тоа во нашава современост го прави јерархијата на расколничката Црква во Р. Македонија.

Но, Христос Кој е глава на Црквата нема да дозволи луѓе нецрковни и кои по некаква случајност се нашле во високата јерархија на Црквата да ја уништуваат Црквата. Народот во Р. Македонија не е веќе во безнадежност. Има своја Црква, Охридската архиепископија, има домороден епископат и Синод на архиепископијата. Секако дека уште многу треба да се направи за да се организира непречено дејстувување на духовната власт на Охридската архиепископија на целата територија на Р. Македонија. Синодот на расколничката организација која себе си се нарекува МПЦ непрестано шири лаги по однос на јерархијата на Охридската архиепсикопија. На жалост, на дел од тие инсинуации подлегнаа и средствата за информирање и сега поставувајќи забрана на говорот на претставниците на Охридската архиепископија, народот останува неупатен и збунет за случувањата. Но, сепак ретко кој ќе се најде да поверува дека Охридската архиепископија била Српска Црква, дека преку владиците на Охридската архиепископија Српската Црква кобајаги сакала да го посрби македонскиот народ, дека Српскиот Патријарх и Соборот на СПЦ имал национални и територијални претензии кон Македонците и Р. Македонија. Тоа се секако ноторни лаги кои немаат иднина барем во ова информатичко општество. Не само затоа што во денешницава сè е транспарентно, туку пред сè затоа што помина времето на секој вид национални пропаганди. Никого повеќе не го интересира некого национално или територијално да придобие, туку ако е можно да го направи економски зависен. Никому не му е потребно територија повеќе зашто тоа е главоболка повеќе. Потребно му е поширока зона на економско владеење, а тоа ќе се добие со укинувањето на границите. Затоа, да не се плашиме од Србите, па дури ни од било кој од нашето соседство, туку од оние кои се доволно моќни економски да нè поробат. А, за тоа да не се случи, или барем за да се одложи за подоцна, потребно е да се здружиме со оние со кои имаме иста вера, со православните. Тоа се пред сè православните браќа од Србија, но исто така и од Грција, и од Бугарија, Романија, па дури и од Албанија.

Токму тоа е пораката на денешниов голем празник, празник на единството помеѓу Бога и човекот, но исто така и на единството помеѓу луѓето меѓусебно. Единство кое почнува преку личносната обнова, обновата на односите во семејството, на работното место, во соседството, на улица, на пазар. Христијаните не се разликуваат многу од другите по нивните физички карактеристики колку што се разликуваат по сваќањата дека од секоја личност пооделно зависи и целосното единство во светот. На тоа ги научи Христос Кој дојде во тело за личносно да го преобрази секого од нас пооделно. Затоа, вистинските христијани почнуваат да го градат единството преку сопственото покајание. Не чекаат другите први да направат чекор, туку тргнуваат да го изодат делот кој од нив се очекува за да можат да се сретнат со другиот во нераскинливото единство на љубовта во кое нема делби на јудеи и елини, како вели апостолот Павле (Галат. 3,28), туку сите сме едно во Христа Исуса.

Посакуваме во Новата Година да прекинат сите расколи во Р. Македонија, но и меѓу нашиот народ во Австралија каде расколничката организација МПЦ прави раздори помеѓу верниците, неправо узурпирајќи им го она што со солзи и крв го стекнувале како имот на Црквата, повторно заради лични интереси на поединци. Се молиме да не се цепи едноделниот хитон Господов, зашто Црквата е многу повеќе од личните овоземни интереси на секого од нас пооделно, но и на сите заедно. Црквата е брод на спасението и не е за еднократна употреба како што тоа сметаат расколниците.

Повикани на единство од самиот Господ Кој заради нас прими тело на човек и постана како еден од нас, ја ползуваме приликата преку ова окружно послание уште еднаш да го повикаме оној дел од богољубивото свештенство и преподобното монаштво што сеуште пребива во раскол, да ја отфрли таа душепогубна состојба и да влезе во канонските граници на Црквата, зашто надвор од тие граници нема спасение. Жално е да се трошат годините во амбиент на духовна пустош каков што е амбиентот на расколот. Жално е да се биде свештеник кај расколници кои ситните лични интереси на нивните лажиепископи ги поставуваат пред Христа и единството во Неговото Тело, но уште пожално е да се монахува во расколничка организација која не дава плодови на спасение. Ако сослужуваш и се причестуваш со расколници и епископи кои имаат канонски пречки да го носат тој чин, или ако сослужуваш или се причестуваш со оние кои сослужуваат и се причестуваат со таквите, по ништо не се разликуваш од нив. Имаш заедница со нивното злодело, а немаш заедница со Црквата која е Тело на воплотениот Христос, Кому нека Му е слава во сите векови.

ХРИСТОС СЕ РОДИ ! БЛАГОСЛОВЕНА НОВА ГОДИНА !

Дадено во Охридската архиепископија со привремено седиште во Битола, на Божик 2003.

Ваши молитвеници пред воплотениот Христос :

+ ЈОВАН Митрополит велески и повардарски и егзарх охридски

Со членовите на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија:

+ ЈОАКИМ Епископ велички и местобљустител полошко-кумановски,

+ МАРКО Епископ дремвицки и местобљустител битолски