Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

кон Православниот род
и кон секој човек со добра волја

Го пееме и славиме Бога на „милосрдието и на секоја утеха” бидејќи нѐ удостои да се собереме во седмицата на Педесетницата (18 – 26 Јуни 2016 год.), на Крит, каде што Апостолот Павле и неговиот ученик Тит го проповедаа Евангелието во првите години од животот на Црквата. Му благодариме на Бога во Троица зашто благоволи да ги завршиме во еднодушност работите на Светиот и Велик Собор на Православието, кој го свика Вселенскиот Патријарх г.г. Вартоломеј со едногласно мислење на Претстоителите на помесните Автокефални Православни Цркви.

Верно следејќи го примерот на Апостолите и на богоносните Отци, повторно го проучивме Евангелието на слободата „со која Христос нѐ ослободи” (Гал. 5. 1). Темел на нашето теолошко истражување беше сигурноста дека Црквата не живее за самата себе. Го предава сведоштвото на Евангелието на благодатта и вистината, и ѝ ги нуди на целата вселена даровите Божји: љубовта, мирот, правдата, помирливоста, силата на Крстот и на Воскресението и очекувањето на вечноста.

1) Основно првенство на Светиот и Велик Собор беше покажувањето на единството на Православната Црква. Основано на божествената Евхаристија и Апостолското Преемство на Епископите, постоечкото единство потребно е да се засилува и да донесува нови плодови. Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква е богочовечка заедница, предвкус и живот на Есхатонот во Божествената Евхаристија. Како една трајна Педесетница, таа е нестишлив пророчки глас, присуство на сведоштвото на Царството Божјо на љубовта. Верна на едногласното Апостолско Предание и мистичното искуство, Православната Црква е автентичен продолжеток на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква, како што се исповеда во Символот на Верата и се потврдува од учењето на Отците на Црквата. Нашата Црква ја живее тајната на божествената Икономија во нејзиниот таинствен живот со центар во божествената Евхаристија.

Православната Црква го изразува нејзиното единство и соборност преку Соборот. Соборноста ја вдахновува организацијата, начинот на кој се донесуваат одлуките и се определува нивниот ток. Автокефалните Православни Цркви не сочинуваат федерација на Цркви, туку Една, Света, Соборна и Апостолска Црква. Секоја помесна Црква која принесува божествена Евхаристија е помесно присуство и објава на Едната, Света, Соборна и Апостолска Црква. Што се однесува до Православната Дијаспора во различни земји под сонцето, беше одлучено да продолжи функционирањето на Епископските Совети сè до спроведување на црковната акривија. Тие се составени од канонски Епископи кои се одредуваат од секоја Автокефална Црква и продолжуваат да ѝ припаѓаат на истата. Доследното функционирање на Епископските Совети го гарантира почитувањето на православното начело и соборноста.

Во работата на Светиот и Велик Собор беше нагласено значењето на Синаксисот на Претстоителите, кој веќе се има одржано, и се формулира предлогот Светиот и Велик Собор да се утврди како трајна Институција.

2) Учествувајќи во Божествената Евхаристија и молејќи се за целата икумена, должни сме да ја продолжиме литургијата и после Божествената Литургија и да дадеме сведоштво за верата кон оние кои се близу до нас и до оние кои се далеку, согласно со јасната заповед на Господа пред Неговото Вознесение: „ќе Ми бидете сведоци во Јерусалим и во цела Јудеја и Самарија, и дури до крајот на земјата“ (Д. Ап. 1. 8). Повторната евангелизација на народот Божји во современите секуларизирани општества и евангелизацијата на оние кои сè уште го немаат познаено Христа, претставуваат непрекината должност на Црквата.

3) Нашата Црква, одговарајќи на должноста да ја сведочи вистината и својата апостолска вера, му дава големо значење на дијалогот, главно со инославните Христијани. На тој начин и останатиот христијански свет ја запознава поточно автентичноста на Православното Предание, вредноста на светоотечкото учење, литургиското искуство и верата на Православните. Дијалозите коишто ги води Православната Црква никогаш не значат компромис по прашањата од верата.

4) Експлозиите на фундаментализам, коишто се воочуваат во различните религии, претставуваат израз на болна религиозност. Трезвениот меѓурелигиски дијалог значајно придонесува за развивањето на меѓусебна доверба, мир и помирување. Маслото на религискиот опит треба да се користи за лекување на раните, а не за распалување на огнот на воените судири. Православната Црква целосно ги осудува ширењето на военото насилство, прогоните, изгонувањата и убиствата на членови на верските заедници, принудното менување на верата, трговијата со бегалците, киднапирањата, измачувањата и ужасните погубувања. Го осудува рушењето на храмовите, на верските символи и културните споменици. Особено, ја изразува својата загриженост за состојбата со Христијаните и со сите прогонети малцинства на Блискиот Исток и на други места. Упатува повик кон меѓународната заедница за заштита на месните жители – Православни и други Христијани – како и на сите жители во регионот, кои имаат неотуѓиво право да останат во својата татковина како рамноправни граѓани. Нашиот Собор ги повикува сите кои се вмешани, без одложување да вложат значителни напори за прекинување на воените судири на Блискиот Исток и секаде каде што продолжуваат воените дејства, и враќање на прогонетите во своите домови.

Особено се обраќаме кон моќниците на земјата – да надвладеат мирот и правдата во земјите од каде што потекнуваат бегалците. Ги повикуваме политичките власти, граѓаните и Православните Христијани во земјите каде што унижените бегалци бараат засолниште, да продолжат да им помагаат од својот вишок, и од својот недостаток.

5) Современата секуларизација цели да го отуѓи човекот од Бога и од духовното влијание на Црквата, којашто неоправдливо ја поистоветува со конзервативизмот. Но, западната цивилизација неизбришливо го носи печатот на вековниот придонес на Христијанството. Уште повеќе, Црквата го покажува спасоносното значење на Богочовекот и на Неговото Тело, како место и начин на живот во слобода.

6) Во современиот пристап кон бракот, Православната Црква ја смета за неуништлива љубовната врска помеѓу мажот и жената „…таинство големо на Христа и на Црквата“. Исто така, го нарекува „мала црква“ - семејството, коешто произлегува од бракот и претставува единствен гарант за воспитување на децата.

Црквата постојано ја нагласува вредноста на воздржанието. Христијанскиот подвиг коренито се разликува од било каков дуалистички аскетизам, којшто го отцепува човекот од животот и од ближниот. Напротив, го поврзува со мистичниот живот на Црквата. Воздржанието не се однесува само на монашкиот живот. Подвижничкиот етос е карактеристика на христијанскиот живот, во сите негови пројави.

 

* * *

Светиот и Велик Собор, освен конкретните теми за кои одлучи, накусо ги нагласува следниве онтолошки, клучни, современи прашања:

7) во однос на темата на врските меѓу христијанската вера и природните науки, Православната Црква избегнува старателство врз научните истражувања и не зазема позиција во однос на било кое научно прашање. Му благодари на Бога, Којшто на научниците им дарува да откриваат непознати аспекти на божјото Творение. Современиот развој на природните науки и на технологијата донесува коренити промени во нашиот живот. Принесува значајни добродетелства, какви што се олеснувањето на секојдневниот живот, третманот на сериозни болести, олеснување на комуникацијата помеѓу луѓето, истражувањето на вселената итн. Покрај сето ова, има и низа негативни последици, какви што се манипулацијата со слободата, постепена загуба на скапоцените традиции, уништување на природната средина, оспорување на моралните вредности. Научното знаење, колку и да се развива со голема брзина, не ја поттикнува волјата на човекот, ниту дава одговори на сериозни етички и егзистенцијални проблеми при потрагата за смислата на животот и на светот. Овие нешта изискуваат духовен пристап, којшто Православната Црква се обидува да го принесе со Биоетиката, којашто се темели на христијанската етика и на отечкото учење. Истовремено со почитта кон слободата на научните истражувања, Православната Црква укажува и на опасностите, коишто се кријат во извесни научни откритија и го нагласува достоинството на човекот и неговото божествено предназначение.

8) Јасно е дека денешната еколошка криза се должи на духовни и етички причини. Нејзините корени се поврзани со ненаситност, алчност и егоизам, коишто водат кон несловесна употреба на природните извори, оптоварување на атмосферата со штетни загадувачи и климатски промени. Христијанското соочување со проблемот изискува преумување за злоупотребите, воздржание и аскетски етос, коишто претставуваат противдејство на преголемата потрошувачка; истовремено, пак, кај човекот ја култивира свеста дека е „домостроител“, а не владетел на творението. Црквата не престанува да нагласува дека идните поколенија имаат право на природните богатства, коишто ни ги довери Творецот. Заради таа причина, Православната Црква активно учествува во различни меѓународни обиди од областа на екологијата. Го одреди и 1-ви Септември како ден за молитва за заштита на природното опкружување.

9) Наспроти обопштувачко и обезличувачко воедначување, коешто се промовира на најразлични начини, Православието ги проповеда почитта и самобитноста на луѓето и народите. Се спротивставува на одделувањето на економијата од основните потреби на човекот и нејзино претворање во цел сама по себе. Напредокот на човечкиот род не се поврзува само со зголемен животен стандард и економски развој, на штета на духовните вредности.

10) Православната Црква не се меша во политиката. Нејзиното слово останува расудувачко, но и пророчко, како должно вмешување за доброто на човекот. Човековите права, денес се наоѓаат во центарот на вниманието на политиката како одговор на современите социјални и политички кризи и потреси, ставајќи го граѓанинот во заштита од произволноста на властите. Нашата Црква, исто така, ги додава должностите и одговорностите на граѓаните, и потребата од постојана самокритика на политичарите и граѓаните за суштинско подобрување на општеството. И, главно, потцртува дека православниот идеал за човекот ги надминува рамките на востановените човечки права, и дека „над сѐ“ е љубовта, како што ја откри Христос и ја живееја сите кои верно Го следеа. Настојува уште дека основно право е и заштитата на верската слобода, т.е. на слободата на совеста, на верата, на богослужењето и на сите нејзини лични и општествени изрази, вклучително и правото на секој верник и секоја верска заедница да ги совршуваат своите верски потреби, слободни од секакво државно вмешателство, како и правото на јавно поучување на верата.

11) Православната Црква се обраќа кон младите, коишто бараат полнота на животот, исполнет со слобода, правда, творештво, но и љубов. Таа ги призива свесно да се соединат со Црквата на Оној, Којшто е Вистина и Живот. Да пристапат принесувајќи му ги на црковното тело својата жизненост, своите немири, проблематизирањата и своите очекувања. Младите не ја претставуваат само иднината на Црквата, но динамичната и творечка сегашност, на помесно и вселенско ниво.

12) Светиот и Велик Собор го отвори нашиот хоризонт кон современата многуобразна икумена. Ја нагласи одговорноста во просторот и времето, секогаш со вечноста како перспектива. Православната Црква чувајќи го недопрен својот Таинствен и Сотириолошки карактер, чувствителна е на болката, на агониите и на криците за правда и мир кај народите. Таа го благовести „ден по ден спасението Негово. Ја објавува кај незнабошците славата Негова, кај сите народи чудесата Негови“ (Псалм 95).

Да се помолиме „Бог на секоја благодат, кој ве повика во својата вечна слава во Христа Исуса, откако малку ќе пострадате, Он и нека ве восоврши, утврди, укрепи, втемели; Нему слава и сила, во вековите на вековите. Амин.“ (1Петар 5. 10,11)

 

Следуваат потписите на Претстоителите на помесните Православни Цркви и на Архиерејите учесници на Светиот и Велик Собор, помеѓу кои и потписот на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован.

 

Превод од грчки јазик: Информативната служба на poa-info.org

Од: ΜΗΝΥΜΑ Τῆς Ἁγίας καί Μεγάλης Συνόδου τῆς Ὀρθοδόξου Ἐκκλησίας