Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

ЦРКОВЕН СУД НА ПРАВОСЛАВНАТА ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

Протокол бр. 105 од 16 Јуни 2004 год.
Битола

Црковниот суд на Православната Охридска Архиепископија во проширен состав согласно 12 правило од Картагенскиот Собор, 74 Апостолско правило, како и 1 правило на помесниот Цариградски Собор, на своето заседание одржано во Манастирот „Св. Прохор Пчињски” на 27/14 април 2004г. со почеток во 12 часот, во полн состав, судејќи по обвинението против суспендираниот Митрополит полошко-кумановски г.Кирил, поднесено од страна на обвинителот, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г. Јован, после сослушувањето на обвинението, деталниот увид во предметот и приложените списи, после поединечното расудување и изјаснување на членовите на Судот, едногласно ја донесе следнава

П Р Е С У Д А

Досегашниот Митрополит полошко-кумановски г.Кирил се лишува од епископскиот чин и се враќа во редот на лаиците, со крстеното име Никола Поповски.

Образложение:

По обвинението на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г.Јован, Православната Охридска Архиепископија поведе црковно-судска постапка заради направените морални и канонски престапи против Митрополитот полошко-кумановски г.Кирил (Поповски). Согласно 12 правило од Картагенскиот Собор, 74 Апостолско правило, како и 1 правило на помесниот Цариградски Собор и 11 член од Нишкиот договор, на барање на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, Светиот Архијерејски Синод на Српската Православна Црква со своте одлуки бр. 455/зап.408 од 30 март 2004 и 630/зап. од 23 април 2004г., го дополни со предвидениот број епископи Судот на Православната Охридска Архиепископија така што нејзиниот Суд (од причина што на архијереите судии оневозможен им беше влез во Република Македонија), заседаваше во Манастирот „Св. Прохор Пчињски” на 27/14 април 2004г., во следниот проширен состав од 12 членови: Митрополит црногорско - приморски г.Амфилохије, Епископ сремски г.Василије, Епископ будимски г.Лукијан, Епископ жички г.Хризостом, Епископ бачки г.Иринеј, Епископ врањски г.Пахомије, Епископ рашко - призренски г.Артемије, Епископ тимочки г.Јустин, Епископ шумадијски г.Јован, Епископ браничевски г.Игњатије и Епископите на Православната Охридска Архиепископија: Јоаким велички и местобљустител полошко - кумановски и Марко дремвицки и местобљустител битолски.

Почнувајќи ја својата седница под претседателство на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г.Јован, Претседател на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, Судот најпрво ја утврди својата надлежност во оваа црковно-судска постапка со оглед дека на основ на одлуките на Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква бр. 47/1958 и 6/1959, зап. 57 од 17/4 јуни 1959г., архијереите од Република Македонија со својот Синод стекнаа само статус на автономна Црква и како такви подлежат на надлежностите на сеправославно призната помесна Црква на својата територија, без оглед на нивното самоволно издвојување и одстапување од канонскиот црковен поредок. Согласно на ова, Судот на канонската и сеправославно призната Православна Охридска Архиепископија во својот проширен состав, согласно наведените канони, има право да суди и пресуди по ова обвинение.

Судот на кој после прочитаното обвинение претседаваше Митрополитот црногорско-приморски, зетско-брдски и скендериски г.Амфилохиј констатира дека обвинетиот и претходно ставен под забрана на свештенодејство Митрополит полошко-кумановски г.Кирил, и покрај тоа што е повикан три пати на судење, не се јави. За таквиот кој неоправдано не се одповикува на поканата на црковниот суд, 19 правило на Картагенскиот Собор предвидува исклучување од општењето со Црквата.

Судот ги прочита доказите дека на именуваниот два пати му се доставени покани за црковно-судска постапка и дека истите ги примил, а на нив не се одзвал. Третиот пат, покрај тоа што му е упатена покана по пошта, и лично му е доставена. Бидејќи се утврди дека Митрополитот Кирил повторно одбил да се појави пред црковниот суд, архијерејскиот суд на Православната Охридска Архиепископија во проширен состав одлучи судењето да се одржи во отсуство на обвинетиот и го повика Неговото Високопреосвештенство Митрополитот велески и повардарски и егзарх охридски г.Јован во својство на обвинител да го образложи обвинението и предлогот за пресуда.

Суспендираниот Митрополит полошко-кумановски г.Кирил обвинет е уште како лаик дека бил соучесник на својот брат во убиство и заради тоа бил осуден на затворска казна. Без оглед на тоа дали убиството е извршено намерно или ненамерно, оној кој го извршил или учествувал во него, согласно 22 и 23 правило на Анкирскиот Собор како и 8, 43, 54, 55, 56 и 57 правило на Светиот Василиј Велики, не може да остане во свештенички чин. Судот исто така утврди на основа на доказите од обвинението дека обвинетиот, со одлука на Архијерејскиот Синод на расколничката МПЦ бр. 125 од 07 август 1990г. бил ставен под забрана за свештенодејство заради недозволено служење во туѓа епархија и со тоа го прекршил 2 правило на Вториот Вселенски Собор. Исто така, овој Суд, на основа на доказите, утврди дека именуваниот, кршејќи го 71 правило од Картагенскиот Собор, не живее во седиштето на својата епархија, како и дека постојат индиции иако доволно не докажани, дека неговиот живот служи на соблазна на верните.

Разгледувајќи го обвинението и целиот предмет, Судот констатираше дека основната вина на досегашниот Митрополит полошко-кумановски г.Кирил е фактот што тој самиот од почетокот на своето епископско служење е учесник во расколништвото и носител е на разорувањето на единството на Црквата Божја. Тој е единствениот уште жив архијереј учесник во самоволното и неканонски, од никого не признато прогласување на автокефалијата на т.н. МПЦ. За таквите, канонското предание на Православната Црква, согласно 6 правило на Вториот Вселенски Собор, 15 правило на Првовториот Цариградски Собор (сп. 31 Апостолско правило, 14 правило на Првовториот Цариградски Собор) предвидува лишување од свештеничкиот и епископскиот чин.

Од горенаведените причини, земајќи го на прво место како основна вина учесништвото во организирањето на расколот (1967г.) и упорното останување во расколот, имајќи ги во предвид како отежнувачка околност и горенаведените причини, Црковниот суд на Православната Охридска Архиепископија го лишува од епископскиот чин, досегашниот Митрополит полошко-кумановски г.Кирил (Поповски) и го враќа во редот на лаиците со името Никола Поповски и со тоа донесува одлука како во диспозитивот.

Именуваниот има право на жалба до Светиот Архијерејски Собор на Српската Православна Црква во рок од 30 (триесет) дена по приемот на пресудата.

Архијереј кој председавл
МИТРОПОЛИТ
+ Амфилохије црногорско-приморски, зетско-брдски и скендериски

Потврдува дека е верно на оригиналот
Архисекретар на САС на Православната Охридска Архиепископија
ЕПИСКОП
+Марко дремвицки и местобљустител битолски