Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Членот на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, Неговото Преосвештенство Епископот дремвицки и местобљустител битолски г. Марко, на 14. 09. 2005 г., за белградскиот дневен весник „Вечерње Новости“ го даде следново интервју, коешто го пренесуваме во целост.

Архиепископот г.г. Јован е првиот затворен христијански великодостојник после падот на комунизмот.

Со расколничката црква во Р. Македонија сите контакти се прекинати, и без Светиот Синод на Охридската Архиепископија нема да има никакви преговори помеѓу СПЦ и МПЦ.

Светиот Архиерејски Сабор на СПЦ нема повеќе да се занимава со таканаречената Македонска православна црква. Со издавањето на Томосот за автономија на Православната Охридска Архиепископија, Соборот целата надлежност за решавање на овој проблем ја пренесе на Светиот Синод на Охридската Архиепископија, дури донесувајќи одлука дека без неа ниту е возможно да се водат било какви преговори помеѓу МПЦ и СПЦ.

По посетата на српскиот Патријарх Г. Павле, кога и членовите на Синодот на СПЦ ги извести за настаните поврзани со затворањето на Архиепископот г.г. Јован, помеѓу останатото, ова за „Вечерње Новости“, го кажува Епископот дремвицки и местобљустител битолски г. Марко (Кимев).

Укажувајќи дека ниту еден медиум, и дека ниту една политичка партија во Р. Македонија досега не го осудиле грубото кршење на човековите права, овој член на Светиот Архиерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија вели: Епископите, свештенството и монаштвото на Архиепископијата и понатаму чукаат на вратите на сите оние, на коишто им е грижа за Црквата; сите правдољубиви организации и поединци коишто сакаат и во овој случај да се испочитуваат човечките права.

Забранети посети.

Со претходно одлежани дваесетина денови во притвор, а до сега одлежани четириесетина денови, нашиот Архиепископ во затвор има поминато веќе полни два месеци – вели Епископот г. Марко. Не ми е познато некој од православните или католичките епископи да бил затворен после падот на комунизмот. Кога Апелациониот суд во Битола го повика, Архиепископот на судиите им се обрати со само една реченица: „Ако немате срам да затворите Поглавар на една помесна православна Црква, и тоа на правда и вистина, вие утре би ги осудиле и Вселенскиот и Рускиот Патријарх, и било кој Поглавар којшто МПЦ ја смета за расколничка црква“.

Според зборовите на Епископот г. Марко, до денешен ден Архиепископот го нема посетено никој, вклучувајќи ги и родителите, бидејќи за тоа - нема дозвола. Единствено на претставниците на Хелсиншкиот комитет за човекови права на Р. Македонија им е допуштено да влезат во затворот. До неодамна, додека беше во приемното одделение, се јавуваше еднаш седмично, а бидејќи знаеме дека разговорите се прислушкуваат, не може да каже многу за условите во затворот. Но, тој како духовен човек никогаш и не би рекол дека му е тешко, особено кога се во прашање условите за живот. Меѓутоа, тоа што му се доволни и минимални услови, не значи дека условите во затворот се добри и дека кон него се однесуваат добро.

Кога на празникот Успение на Пресвета Богородица отидовме да го посетиме и да му однесеме Света Причест, без образложение, посетата не ни беше допуштена. Во време кога веќе се наоѓаше во затвор, во затворот се случи убиство со пиштол. Како во затворот може да се најде пиштол, нека проценат читателите – тој детаљ доволно говори за условите за живот во него.

Раскол по мерка.

На прашањето дали за ова време на Охридската Архиепископија и се обратил некој од непризнатата МПЦ и постојат ли денес било какви контакти со неа, Епископот г. Марко вели:

Со расколничката организација во Р. Макеоднија сите односи се прекинати. Немаме никакви контакти. Меѓутоа, интересно е дека после сите осуди коишто ги изрекоа православните Цркви и меѓународната заедница, расколниците во Р. Македонија бранат еден таков недемократски чин, каков што е затворањето на нашиот Поглавар. Јавно се изјаснија дека Архиепископот г.г. Јован треба да биде во затвор, и тој е таму по нивен предлог за тужба, а сега се обидуваат да му натоварат уште две кривични дела.

Со нескриен впечаток дека Поглаварите на православните Цркви, како и сите Христијани во канонските Цркви „се повеќе загрижени за решавање на овој раскол отколку самите расколници“, Епископот дремвицки вели:

Не е никаква тајна дека ним, барем на повеќето расколнички епископи, им одговара нерешена состојба, за да го сокријат нивното нецрквено однесување. Ќе го бараат невозможното се до моментот додека не им се удоволи, но во случај со тоа да се реши расколот, ќе постават други невозможни побарувања. Им одговара расколот да трае, та затоа секој разговор со нив е безпредметен.

Благословениот Патријарх.

На прашањето што кажал Патријархот Павле, од којшто овие денови беше примен, Епископот дремвицки вели:

На сите им е позната молитвеноста на Неговата Светост, и верувам дека тој не престанува да се моли за Архиепископот г.г. Јован. СПЦ навистина прави се што е во нејзина моќ за да ги запознае помесните православни Цркви и меѓународната заедница со кршењето на човечките права и верските слободи во Р. Македонија. Сметам дека и покрај сите овие тешкотии Патријархот Г. Павле е среќен и благословен човек. Ова често го спомнува и Архиепископот г.г. Јован. Сепак, во негово време доведени се до крај, и решени се два црковни расколи.