Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

26.08.2005

Чистотата на верата е во единството и соборноста на Црквата

Ваше Преосвештенство, објаснете за нашите читатели од кога датира расколот во Р. Македонија?

Епископ Јоаким: Заради подобра прегледност, добро би било ова прашање да го разделиме на два дела. Во првиот дел да биде опфатен периодот од 1941 г. до 1958 г., т.е. до создавањето насилна и неканонска автономија, а во вториот дел од создавањето на оваа незаконска автономија, до создавањето на незаконска автокефалија во 1967 г. и понатаму.

Слободно може да се каже дека се почнало од оној момент кога на почетокот од Втората светска војна во 1941 г. биле протерани законските, канонски архиереи од Македонија: митрополитот скопски Јосиф и епископот злетовско - струмички Викентиј, дел од свештенството и дел од народот. Со оваа постапка се назира еден план кој имал за цел иницирање една неканонска Црква. Тој план особено започнува да се реализира со доаѓањето на комунистичкиот режим на власт. Во тој период, имено 1945 г., под покровителство на комунистичкиот апарат доаѓа до свикување на првиот црковно - народен собор во Скопје, на кој се поставени условите за неканонското одвојување од СПЦ на епархиите во Македонија. На овој собир земале учество претставниците на комунистичкиот режим: претседателот на АСНОМ и претставниците на војската, римиокатоличката црква, муслиманската заедница, без присуство на православни архиереи. Поголем апсурд не можело да се замисли. Оние кои насекаде во светот ги гонеле и рушеле Црквите, убивале православни епископи, свештеници и верен народ, сега се јавуваат како иницијатори за создавање, поточно за отцепување на дел од Црквата на национална основа, на база на ереста етнофилетизам. Оној, кој малку го познава учењето на Црквата, ќе види дека овој собир бил мешавина на сè, но никако свештен архиерејски собор на една помесна Црква.

На протераните канонски архиереи од своите епархии во Македонија не им е дозволено да се вратат на своите епископски столици, бидејќи новите комунистички власти на перфиден начин го спречувале нивното враќање во своите епархии. Иако Синодот на СПЦ непрестано барал од владеачкиот комунистички апарат архиереите да се вратат во своите епархии, неговите барања биле залудни. Денес, повеќето расколнички архиереи на т.н. МПЦ во својата србофобија и ксенофобија, и омраза кон Србите, ги лажат неупатените во овој проблем со зборовите дека митрополитот скопски Јосиф и епископот злетовско - струмички Викентиј срамно ги напуштиле своите епархии во виорот на војната, дека го оставиле народот и дека не сакале да се вратат на своите епископски катедри. Така може да зборува само оној на кого не му е до вистината, кој тенденциозно и лукаво ги негира сите барања кои Синодот на СПЦ ги поднел до комунистичкиот апарат за враќање на протераните архиереи во своите епархии.

Претходно рековме дека, во 1945 г. е свикан првиот црковно - народен собор во Скопје, и дека на тој собор се поставени основите на расколничката организација. Но, сепак поправилно ќе биде да кажеме дека расколот во Македонија почнува оној момент кога му е наредено на свештенството да не ги спомнува канонските архиереи на Светата Литургија, така што имаме еден период од 1945 г. до 1958 г. кога Црквата во Македонија фактички останува без епископи, а тоа според учењето на Црквата е незамисливо и невозможно, бидејќи Црква без епископ не може да постои.

Архиерејскиот Собор на СПЦ на својата седница со право го прогласува овој црковно - народен собир за апсолутно неканонски, бидејќи истиот не бил свикан со благослов на Црквата, туку исклучиво под диктат на владеечкиот апарат, без присуство на ниту еден епископ. Во синодалната одлука од 22.12.1945 г. му се советува на свештенството во Н.Р. Македонија да остане верно на каноните на Црквата и да се чува од работи кои водат во неред и раскол во Црквата и го рушат нејзиното единство. Но, како што ќе се види понатаму, секое предупредување од страна на Светиот Архиерејски Синод било залудно. Создадениот иницијативен одбор не се запира на тие предупредувања, туку и понатаму забрзано работи на отцепување. Она што замислиле, тоа и го оствариле во 1958 г. Таа година повторно е свикан црковно - народен собор, сега во Охрид. На овој собир под притисок и закана на титоистичкиот апарат, повикан е Доситеј, викарниот епископ на српскиот Патријарх Герман. Целата постапка околу доаѓањето на викарниот епископ Доситеј од Белград на собирот во Охрид се одвива во строга тајност. И така, во потполно идентични услови како и првиот црковно - народен собор во 1945 г., што ќе се рече потполно неканонски услови, се свикува и одржува и овој втор, на кој дефинитивно се одвоени епархиите во Македонија од духовната јурисдикција на СПЦ, и со тоа е создаден раскол и е нанесена длабока рана на соборното тело на Црквата. Зборуваме за неканонски услови, бидејќи овој собор:

На тој собор во 1958 г. во Охрид, викарниот епископ Доситеј, и покрај изричната забрана од страна на српскиот Патријарх да не доаѓа, избран е за Архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски, архиерејските инсигнии ги прима од свештеник, а архиерејскиот жезол од световно лице!!! Со оваа незаконска постапка, епархиите во Македонија дефинитивно се оттргнати од составот на СПЦ. Подобро да ги разјасниме работите: начинот на свикување на овој собор и неговите одлуки се неканонски и спротивни на учењето на Црквата, што подразбира и спротивни на уставот на СПЦ. Свикување на собор без дозвола и знаење на надлежниот архиереј е неканонски и без важност за што говорат Правилата на Светите Апостоли 31, 34, 39; Правилата на IV Вселенски Собор 18, 30; Правилата на Трулскиот Собор 31. Понатаму, креирањето на епархии и менувањето на нивните називи му припаќа исклучиво на Светиот Архиерејски Синод на една помесна Црква, а не на еден незаконит мешовит собир. Исто така неканонска работа на овој собир е и изборот на митрополит и неговото востоличување, како и изборот на епископи. Избран е и востоличен од владеачкиот апарат, а не од Соборот на Црквата Христова. Новоизбраниот митрополит од неканонското тело, самовласно ја напуштил својата должност без дозвола и благослов, и отишол во епархија која не е негова, ја приграбил властта и чинодејствувал. Сето ова е спротивно на погоре спомнатите канони на Црквата кои осудуваат узурпација на една епархија. А, пак, колку е беззакона и богохулна постапката на самовласното цепење на Црквата преку одвојување на неколку епархии од нејзина јурисдикција и земање титула поглавар на Црква од комунистички режим?! Тоа колку е неканонска, толку е и неразбирлива постапка на еден епископ. За ваквите насилни постапки епископот или свештеното лице се расчинува, а народот кој општи со нив се одлачува (изопштува) од Црквата. Зошто е тоа така? Затоа што е тоа директно, брутално и богохулно спротивставување на канонското учење на Црквата, спротивставување на нејзиното Свето Предание, спротивставување на Светиот Дух. Светителите не ги составувале каноните на Црквата самите од себе, туку и Светите Оци, како и Светите Пророци и Светите Апостоли, зборувале и учеле научени од Светиот Дух.

Колку е опасно кога некој некого ќе соблазни, се зборува во Светото Евангелие: “Не е можно да не дојдат соблазни, но тешко на оној преку кого доаѓаат” (Лк. 17,1). А колкава е, пак, опасноста кога еден дел од Црквата насилно ќе се отцепи од нејзиното Соборно Тело, кога се создава раскол?

Тоа што не дошло до покренување на црковно - судска постапка за расчинување, расколничката ерархија на МПЦ треба да ѝ заблагодари на безбожната комунистичка власт која извршила силен притисок врз архиереите на СПЦ. Во тоа време, СПЦ, премолчно минува преку овој неканонски поредок, бидејќи истата се наоѓа под силен притисок од титовиот безбожнички апарат и не била во состојба да превземе канонски мерки. Снисходувајќи на оваа немила ситуација, т.е. применувајќи го методот на икономија, СПЦ со надеж дека ерархијата што го предизвикала расколот ќе се вразуми и покае, се согласува на хиротонија на епископи на така изнудената и создадена автономна Црква во Македонија. Набрзо се покажало зошто власта вршела притисок Црквата во Македонија да добие автономија. Тоа било само преодна состојба до реализирање на конечната цел, а тоа е создавање на неканонска, нецрковна автокефалија. Сето тоа било со цел да се сруши Црквата и да се намали нејзиното влијание преку отсекувањето на еден дел од нејзината јурисдикција.

Со таа цел се свикува и третиот црковно - народен собор во Охрид во 1967 г. Доследно на претходните два собири и на овој во потполно неканонски услови, без никаква врска со учењето на Црквата, на типично пучистички начин, е прогласена автокефалност на црквата во Македонија. Така е создадена, според комунистичкиот рецепт - МПЦ.

Зошто се навраќате на периодот пред автономијата во 1958 г., кога СПЦ ја признала таа изнудена автономија?

Епископ Јоаким: Се навраќаме на опишување на тој период со цел да покажеме дека насилниот начин на здобивање автономија е исклучиво неправославен и дека оние кои ја создале таа автономија, според каноните на Црквата, подлежат на расчинување, а народот кој заедничари со нив и ги поддржува во тој нецрковен, политички и бунтовен чин, подлежи на одлачување (изопштување). И уште, за да се види дека она што се прави лукаво, прикриено, тенденциозно, со зли намери, со предумисла, безбожнички, тоа уште повеќе се продлабочува, создава схизофренија - расцеп во душата на народот. Кога таа болна состојба на схизофренија не се лечи со покајание, тогаш станува уште полошо, а тоа го гледаме денес. Иако СПЦ снисходела, долго чекала и трпела надевајќи се на покајание и вразумување на оние кои го создале расколот (схизмата), до покајание и вразумување не дошло. И така, пребивајќи во таа схизофрена состојба, отишле во уште поголема крајност која ја оправдувале со секакви начини, и со тоа дале повод за соблазна и други да одат по нивниот пат.

Дали имало обиди и порано Црквата од ова подрачје да влезе во канонско единство со останатите Православни Цркви?

Епископ Јоаким: По создавањето на ваквата незаконска автокефалија СПЦ свикува собор на кој црквата во Македонија е прогласена за расколничка верска организација која на безбожнички начин се оттуѓила од мајката Црква, користејќи го за тоа комунистичкиот режим. Во текот на сите овие децении “ерархијата на МПЦ” барала од СПЦ да ѝ се признае така создадената автокефалија, да ѝ се озакони и благослови тој беззаконен и безбожен чин. Да се влезе во литургиско и канонско единство со останатите помесни Цркви без враќање кон онаа Црква од која се оттуѓиле, т.е. мајката Црква, без враќање на автономниот статус е невозможно. Канонскиот редослед на работите е поинаков, инверзен. Со тоа што го направила расколничката ерархија на МПЦ, таа отишла во земјата “Недојдија”, а оттаму нема враќање доколку нема покајание. И понатаму се правени обиди, и се водени разговори за решавање на ова болно прашање, се до Нишкиот договор во 2002 г., со кој е дадена широка црковна автономија. Тројцата митрополити што ја сочинуваа комисијата на Синодот на МПЦ за преговори, сфатија дека тоа е единствениот канонски пат, и дека не постои друг во надминувањето на расколот. И, затоа и ги ставија своите потписи во името на Синодот на МПЦ, но за жал, не останаа доследни на своето архиерејско звање. Под притисок од страна, негираа се што беше договорено со Нишкиот договор и со тоа дефинитивно и себе си, и верниот народ во Р. Македонија го вкоренија во расколот. Според зборовите на Светите: “Ниту маченичка крв не може да го измие гревот на расколот”, бидејќи расколот е такво зло кое ја руши верата, ја искривува вистината и го раскинува единството на Црквата. Расколот е тајно оружје со кое, непријателот на човечкиот род, ѓаволот, води борба против Црквата Христова. Тој се преслекува во разновидни облеки, понекогаш се јавува како нешто “сосема ново”, но всушност, тој е древно зло, кое со себе не донесува ништо ново, туку само смрт и трулежност. Чистотата на верата се чува во единството и соборноста на Црквата. Надвор од таа соборност и тоа единство не може да постои чистота на вероисповедањето, и, затоа, доколку расколот не се излечи со покајание, оди уште понатаму и завршува во ерес. Нарушувањето на единството и соборноста на Црквата се одвива преку узурпација на власта, и преку расколите кои го одземаат и присвојуваат името и достоинството на Црквата.

Што всушност не ѝ одговараше на т.н. МПЦ од она што беше предвидено со Нишкиот договор?

Епископ Јоаким: Со Нишкиот договор е дадена најширока црковна автономија, но тие од т.н. МПЦ само едно и упорно бараат - автокефалија без покајание. Кога некој намерно ги затвора очите пред вистината, тогаш таквиот е спремен да измислува, да се користи со лажни работи и методи само за да го оправда тоа што го направил. Тука би било добродојдено да дадеме едно мало објаснување во врска со автономијата и автокефалијата во Црквата. За вистинската Црква прашањето за автономија и автокефалија е излишно, бидејќи секоја епархија во однос на друга е на извесен начин, можеме да речеме, автокефална, додека од друга страна пак, цела една помесна Црква која е составена од многу епархии може да не биде ниту автономна, доколку се прекрши принципот на соборност и доколку го нарушила канонскиот поредок на Црквата, како што тоа го направила т.н. МПЦ. Синодот на т.н. МПЦ и покрај толку јасните и очигледни работи, знаејќи го канонскиот поредок и предание на Црквата, се одлучил, користејќи ги комунистичките власти, да ја создаде својата неканонска и безбожна автокефалија, а каноните на Црквата во тој поглед се изричити. Ние веќе спомнавме некои од правилата на Црквата кои се однесуваат по ова прашање, а сега, со цел за поголема прегледност, ќе го спомнеме и триесетото Апостолско правило кое го вели следново: “Епископ кој ќе се послужи со световни власти и преку нив задобие епископска власт во Црквата да се расчини и одлачи (изопшти), а исто така и оние т.е. народот кој општи со него”. Знаејќи дека се разоружани од каноните на Црквата, и дека не можат да се оправдаат за својата постапка, тие сега прибегнуваат, поточно се кријат зад името на нацијата, намерно премолчувајќи ја суштината на проблемот. Тие говорат: “Ние сме народ и ние ги имаме сите услови да ни ја признаат автокефалијата, но СПЦ не сака ние да се викаме МПЦ”. Значи, според нив, нема друга причина, само оваа единствена. Само не знам колку пати треба СПЦ и Патријархот српски да им повторат дека тие немаат никакви ниту национални, ниту територијални претензии и дека го почитуваат националниот идентитет на македонскиот народ. Проблемот не е во прашањето на националното име, туку суштината на проблемот е во самото безбожничко и незаконско отстапување од Црквата, во расколот, како што веќе претходно кажавме. Да се протераат канонските архиереи и да не им се допушти да се вратат во своите епархии е грев што вапие пред Бога. Треба да знаат дека оние кои ги гонат епископите, свештенството, верниот народ, ја гонат главата на Црквата - Го гонат Господа Христа. Но тешко на човек кој се рита против бодило. Од Евангелието знаеме како постапиле гадаринците. Кога Господ Исус Христос дошол во гадаринскиот крај и ги излечил т.е. ги ослободил гадаринските бесомачници, гадаринците наместо да се радуваат што во нивниот крај дошол Месијата - Спасителот на човекиот род и ги исцелил нивните сограѓани, тие со својата постапка покажале дека нив им било повеќе грижа за свињите и матерјалното богатство. Тие дошле и Го замолиле Господа, како што кажува Евангелието, да си оди од нивниот крај. Велам, дека иницијаторите на таквата безбожничка автономија постапиле уште полошо од гадаринците, зашто покрај тоа што ги протерале канонските архиереи, тие брутално го спречиле нивното враќање на своите епископски катедри.

Дали е проблемот во тоа што некој од “епископите на МПЦ” нема да биде примен, како на пример Кирил кој во православниот свет е познат по својот неморален живот? Дали сите останати се фактички негови заложници?

Епископ Јоаким: Дали сите останати се негови заложници, тоа не знам. Но, доколку тие од страв од еден човек не сакаат да пристапат во канонско единство, или, пак, и нивниот став е идентичен со ставот на расчинетиот Кирил (што може да се заклучи од нивните изјави), значи дека тие од тој страв или став ги жртвуваат каноните на Црквата, нејзиното учење и целиот свој народ го туркаат во погибелен раскол. Дали на такви луѓе може да им се благослови и довери раководење на една помесна Црква?

Како Вие го гледате развојот на ситуацијата во иднина? Ќе влијаат ли на македонските власти барањата од надвор и дали ќе го ослободат Архиепископот Јован или ќе продолжат со репресивните методи кон останатите клирици на Православната Охридска Архиепископија и верниците?

Епископ Јоаким: Мојата желба и молитва е онаква како што не учи Евангелието и Црквата Божја, оние кои отпаднале од Светата Соборна и Апостолска Црква преку грев, неверие ..., раскол и ерес, преку покајание, повторно да се вратат на патот на спасението, да се вратат во Црквата Христова. Се зависи од покајанието. Таму каде што има покајание (во овој случај одрекување од расколот), работите доаѓаат на свое место, а таму каде што нема покајание може да биде уште полошо. Со покајание се лечат сите човекови паѓања, сите гревови, сите предрасуди и сите расколи кои се директно отстапување од Црквата Божја. Ако човек за она што грешел не принесе покајание пред Бога, туку уште таа состојба на грев ја апологира и оправдува, таквиот уште подлабоко себе си се зацврстува во неверие, во богоотстапништво (апостасија).

Денешните државници и функционери секаде во светот, па и нашиве македонски, многу сакаат да зборуваат за хуманите и демократски вредности. Само, прашање е што тие под тоа подразбираат? Дали навистина сакаат демократија или, пак, со неа се користат само како со плашт да би ја прикриле под таквите вредности својата програма и своето учење. Во комунистичките системи, во времето на едноумието, кога комунистичкиот апарат не допуштал поинакво мислење, можеле да имаат политичка слобода и да ја уживаат нивната демократија само оние кои не излегувале од рамките на нивната програма и учење, додека останатите биле маргинализирани, да не кажам гонети ... Политичарите се обврзуваат да ги почитуваат меѓународните конвенции и општо прифатениот кодекс на човекови права, како и правото на слобода на совеста и исповедање на верата. Аналогно на тоа нема да поддржуваат, ниту ќе дозволуваат било кој облик на дискриминација на припадниците на Црквата и верските заедници, т.е. државните политички органи нема да се мешаат во статусот, учењето и устројството на Црквата. Доколку македонските власти се спремни за остварување на хуманите и демократски права, како што зборуваат, тогаш нив нема да им биде потребно влијание од надвор, било тоа влијание да доаѓа од добронамерни луѓе, или пак, од релевантните домашни и меѓународни институции за да го ослободат Неговото Блаженство Архиепископот г.г. Јован. Гледајќи ја таа направена неправда, ќе побрзаат што поското да ја исправат.

Значи можеме да го резимираме следново: се зависи од тоа од кој аспект македонскиот апарат ги набљудува работите и го решава проблемот. Ако пристапат од хумана и демократска страна, се надевам дека решението ќе биде позитивно. Доколку пак, пристапат поинаку, да не кажам тоталитаристички, во знак на тоталитарните системи, тогаш се плашам дека решението ќе биде негативно.