Говор на омраза врз верска основа: за претстојното дефокусирање на јавноста
Од 2002 год, до денес, во континуитет трае политичко-медиумската хајка врз Православната Охридска Архиепископија: изречени се затворски казни против Архиепископот Јован, се монтираат нови судски процеси, низ медиумите редовно биваат клеветени и озборувани оние, коишто припаѓаат на канонската Црква во Р. Македонија. Следствено, Freedom House ќе забележи: „иако Уставот предвидува слобода на печатот, медиумите често се усогласени со одредени политички интереси, коишто ги прават помалку од независни. Политички именувани, а не професионални новинари, се поставени на високи позиции во медиуми, од коишто мнозинството од населението ги добива информациите.“ Со оглед на фактот дека слободата на уверување е основна придобивка на напредните демократии, хајките и клеветите очигледно одат на товар на угледот на нашата земја! Чуму?!
Цела деценија во континуитет, кога македонската власт од двете политички провиниенции е принудена да наметне некоја непопуларна одлука за своето гласачко тело, како на пр.: отворање на универзитет во Тетово (на којшто претходно јавно се противела); влез во коалиција со политички партии, за коишто порано се тврдело дека се „терористи“; неуспех да се влезе во НАТО и т.н. и т.н.., ќе забележите дека токму тогаш по неверојатна коинциденција започнува „стрелба од сите медиумски оружја“ против Православната Охридска Архиепископија. Нема ништо полесно од тоа да се проверат интернет архивите на вести за да се увиди веродостојноста на овој заклучок. Посоченово спинување на реалноста, за гладната по вести публика, покажува дека најсоодветна храна е најпрвин во арената да биде скандализирана токму Православната Охридска Архиепископија! Се разбира, од демократското право и основната граѓанска пристојност, и Архиепископијата да го изнесе својот став во медиумите коишто се занимаваат со неа, ниту трага, ниту глас! Според исказите на некои новинари, соопштувањето на ставот на Архиепископијата им е забрането „од горе“! Што ли ќе прават ако еден ден „од горе“ дојдат и по нив!
Владеачкиот дискурс со којшто сега се храни македонската јавност е дека, од една страна Православната Охридска Архиепископија е „минорен феномен“, составен од „двајца без тројца“, без никаква релевантност за општеството, а од друга страна, дека таа е „голема“ и „застрашувачка“ закана за Р. Македонија, која може да ја „разнебити“ нашата држава, та во борбата со неа мора да бидат вклучени сите новинарски, безбедносни, судски сили со цел создавање на неподнослива омраза, којашто сосем лесно може да се прелее и во вистински физички погром против членовите на Црквата. Но, сосема очигледно, не е возможно канонската Црква истовремено да биде „достојна за заборав“ и „омилен центар на внимание“ на политизираните журналисти. Пројавувањето, истовремено, на две взаемно исклучиви мислења попрво наликува на еден општо извесен симптом!
Истиот тој пристап, истото политичко-медиумско дивеење на клевети и сплеткарења од најширок спектар, истата омраза, камери и провокации, треба да се очекуваат и во однос на најновиот монтиран судски процес против Архиепископот, против Епископи, против монаштво и верници на Православната Охридска Архиепископија, судски процес којшто се најавува за претстојнава есен.
Неодамна осамна еден новинарски текст во којшто беше посочено дека домашните разузнавачки служби лиферувале до медиумите дозирани документи за наводни кодоши, со цел – одвлекување на вниманието на јавноста!
Токму при нивниот лов во матно, нека се знае однапред, дека наместо да се соочат со нивните вистински непријатели, разузнавачките служби преку одредени политичари и новинари, кога ќе им биде потребно, одвреме навреме, ќе го отвораат „пликот Православна Охридска Архиепископија“, ќе прават театар со „поразителни откритија“, ќе лиферуваат „скандали од прв степен“ и т.н. Весниците и телевизиските канали ќе влегуваат во трка кој ќе „открие“ повеќе. Разноразни „експерти“ ќе принесуваат „скапоцени“ услуги.
Но, сето тоа се случувало и ќе се случува со единствена цел – дефокусирање на вниманието на јавноста од суштинските проблеми со коишто се соочуваат политичарите. Оти, зар е можно државниот апарат да ги решил сите свои проблеми и недоумици, та сега на ред да е останата Православната Црква во Р. Македонија, зар е можно на ред да се останати монахињите, коишто со лисици на рацете биваат снимани по судовите!
Да, „црковниот скандал“, малограѓанската желба воајерски да се ѕирне во дворот, во животот на другиот, е навистина „чудесен“ начин за да се одвлече јавното мислење од некој политички скандал или да се смират реакциите за некои противнародни мерки.
Предвидувањата се остваруваат! Ниедно „откривање на скандал“, воопшто не е случајно! Избрано е во погодно време, согласно на методологијата да се биде на власт по секоја цена, на власт како цел самата по себе!
Оние, пак, коишто дејствително се упатени во православната теологија, во автентичните христијански вредности, се сеќаваат и избираат да го живеат она што го претрпе Христос, токму од политичарите и јавноста на Јерусалим, во тоа време! Без вина, Христос претрпе јавни плукања, клеветења, смрт!
Господ рече: „Ако мене ме гонеа и вас ќе ве гонат“. Сето тоа им е добро познато на православните Христијани, но не и на голем дел од оние, коишто се водат според други интереси и критериуми во животот. Доколку, патем, не ја изгубил совеста, барем во миговите на смртта секој човек се навраќа на она што ја определува неговата личност, дали гонел или бил гонет, дали љубел или мразел, дали бил заедно со гонителите, или, пак, бил заедно со оние, коишто биле клеветени и омразени!
За оние, пак, политичари, судии, полицајци, новинари, коишто креваат рака врз недолжни луѓе, православни Христијани без вина за она што ги товарат, постои една мудра отечка изрека: облак е, ќе помине!
Согласно на историјата, којашто во голема мера е историја на прогон на Црквата, православното Предание сведочи за една непобитна стварност, а тоа е дека луѓето на Црквата се како цветот: кога биваат прегазени, тогаш пуштаат миризба, тогаш најмногу благоухаат!

