13.11.2010
МПЦ – мајтап
Колку расколничката МПЦ е несериозна верска организација може да се види од последната информација што ја имаа објавено на нивната интернет страница и кога видоа дека тоа предизвика подбив речиси во сите православни Цркви, ја тргнаа таа информација како воопшто никогаш да не ја поставиле. Дека информацијата била автентично произведена на нивната интернет страница може да се види од копијата на веста што сеуште стои на страницата на Охридската Архиепископија како и на страниците на некои други информативни агенции, особено во Бугарија.
Имено, Стефан, расколничкиот архиепископ пред некој ден го примил расчинетиот од Бугарската Православна Црква архимандрит Харалампиј, во придружба на некој архимандрит од парасинагогата на старокалендарците во Грција, а бидејќи тоа му се единствените посети од црквени лица од странство во текот на неговото 12 годишно „успешно” архиепископување, информативниот центар на МПЦ ги претстави како да дошол самиот Бугарски Патријарх и Архиепископот на Атина.
Нормално, кај Стефан не стигнуваат известувања од другите Православни Цркви за пресудите на црковните судови од другите Православни Цркви, зашто во православната икумена МПЦ се смета за расколничка парасинагога, иста како и оние на старокалендарците од Грција и Бугарија од каде Стефан имаше посета. Затоа, грешката не е што ги примил, на крај си се сретнале расколници со расколници, а старокалендарците од Грција се и еретици, не само расколници, но безобразлукот е што заради замајување на јавноста ги претставува како да се официјални претставници на Грчката, односно Бугарската Православна Црква. И дури, како што стои во информацијата, г-динот Стефан дал интервју за Грчката Православна Црква.
Откако се откри дека е тоа лага со скриена позадина, откако тоа го објавија неколку новински агенции, МПЦ ја тргна веста од нивната страница како никогаш да не била објавена. И ако првото може да се нарече смислена обмана, ова второво не би знаеле како да го наречеме, подбив, мајтап, или некако поинаку. Но, тоа ти е сериозноста на МПЦ. Добро е само што во тоа сега се уверуваат сите кои до вчера не ги познаваа кои се. Го потпишуваат Нишкиот договор, после неколку денови плукаат на своите потписи, му ветуваат на Архиепископот Јован дека ќе го следат на патот кон единството на Црквата, после тоа се кријат како глувци, велат дека не ја гонеле Црквата Божја, а прават сè ако е можно Архиепископот Јован доживотно да го сместат во затвор. Тоа е нивото на „славните” епископи на МПЦ, само што најсмешно од сè е што ја убедија власта да го поддржува тој нивни циркус и сега имаме два циркуса со заштитен знак од нашата татковина.
