05.05.2008
Според Freedom House: Р. Македонија падна подолу на скалилото на слободата во информирањето, а новинарите се политички назначеници
Медиумите во Р. Македонија, притиснати од извештајот на Freedom House, деновиве, срамежливо и без дебати за излез од незавидната положба, се обидоа да го отворат прашањето за слободата на информирањето во нашата земја. Тоа го направија со истата оценка – делумно, со тенденција на влошување! Значи, оценката е дека Р. Македонија паѓа, и дека од цела Европа, единствено во Албанија постои помала слобода во информирањето, што не ни е за утеха!
На пример, никој не го пренесе ставот од извештајот на Freedom House: дека е појавена голема пукнатина откако дел од Црквата се оддели од „таканаречената Македонска православна црква, којашто останува непризнаена од сите цркви во православниот свет“. Freedom House, исто така, прецизира дека заради државниот прогон што му се приредува на Архиепископот г.г. Јован, од страна на Amnesty International, тој е прогласен за „затвореник на совеста“. Проблемот може да се издолжува со оглед на тоа што, како што констатира Freedom House: „македонското судство е корумпирано и некомпетентно“.
Сликата за Р. Македонија се комплетира кога ќе прочитаме како Freedom House ни предочува дека заради „политичките и бизнис интереси во медиумите, медиумите се - помалку од независни“. Професионализмот, пак, е отсутен.
Она што остава особен впечаток е дека Freedom House, македонските новинари, наместо новинари, ги нарекува - „политички назначеници“ од коишто мнозинството граѓани добиваат информации. Тоа упатува на податокот дека политичките назначеници, покрај од медиумите за коишто работат, се финансираат или од политичарите или, пак, на пример, од расколничката организација МПЦ, чиишто интереси ги застапуваат!
Мапа на Freedom House за севкупните слободи во Европа. Со зелена боја се обележани слободните земји, со жолта делумно слободните, со виолетова неслободните. Р. Македонија е на дното на делумно слободните земји! Кој е одговорен за тоа! Сакаме ли да ја промениме оваа мапа или не!
Можете сега да заклучите какви карактери и во какви околности, години наназад, ја создаваат искривената претстава за нештата во сфаќањата на голем број луѓе. Се разбира, зборуваме за Црквата. Политичките назначеници, коишто ја срамотат Р. Македонија не се некои апстрактни личности, тие се конкретни озборувачи од калапот на Б. Јовановска, коишто ги штитат своите и бизнис интересите на расколничката МПЦ, обликувајќи пазарџиски поимања за црковниот живот; тие се известувачи од типот на М. Николовски, коишто не знаат на англиски да ги прочитаат извештаите на Freedom House, а знаат да се огласат за експерти по црковни прашања; тие се Д. Штрговковци, коишто трчаат по секоја кокошка со необично снесено јајце по нашите села и истовремено решаваат канонски положби на црквите. Ова не е произволен став. Како што гледаме, потврдата за горекажаното ни е доставена од извештаите на релевантните организации.
Згора на тоа, политичките назначеници се ползуваат и со говор на омраза против Архиепископот г.г. Јован и Православната Охридска Архиепископија, бивајќи заштитени од корумпираното и некомпетентно македонско судство, коешто ќе треба да одлучува дали една верска заедница може или не може да биде регистрирана!
Срамно е за граѓаните на една земја, којашто гоеграфски се наоѓа во Европа, во 21-от век, да немаат слобода во информирањето. Тоа јасно упатува на фактот дека сите граѓани, на насилен начин мора да бидат туркани во тоталитаристичката матрица на оние коишто се плашат од слободата. Затоа, на партиите нема да им е од интерес да го решат ова прашање, народот ќе остане незаинтересиран и во продолжение озлобуван од осредноста на политичките назначеници, а Р. Македонија ќе биде таму каде што најмногу им одговара на расколниците - на дното.
Инаку, скандинавските држави се наоѓаат на врвот според слободата на медиумите. Во Финска најслободно може да се соопшти зборот. Потоа следуваат: Исланд, Данска, Норвешка, Белгија, Шведска.
На ист континент, а нè делат континенти!
http://www.freedomhouse.org/inc/content/pubs/fiw/inc_country_detail.cfm?year=2007&country=7220&pf