Државно фаворизираната верска организација МПЦ раскрчмува, јавноста бара одговорност, обвинителството – молчи.
Граѓаните во Р. Македонија веќе неколку денови се соочуваат со скандалот, којшто го предизвикува г. Стефан, поглавар на МПЦ, којашто е во доктринарно и литургиско неединство со помесните православни цркви, ширум светот.
Јавноста овој скандал го нарече раскрчмување на црковниот имот, и побара одговорност. Раководителите, пак, на верската организација МПЦ во нивниот антидемократски и тоталитаристичко-удбашки манир побараа молк, неразсудување и слепа подршка од народот за криминалните дејанија на врхушката на МПЦ (Светла Точка, „Сител ТВ“ 11. 01. 2007 год.).
Водачите во верската организација МПЦ, којашто во мултинационална Р. Македонија се претставува како национално депо за конзервирање на македонската нација, со своето неодговорно однесување покажуваат дека ги имаат завземено нивните места само заради приватна полза. Ја банкротираа австралиската епархија, во храмовите отвораат лотарии, „разнесуваат куфери со пари“ (Светла Точка, „Сител ТВ“ 11. 01. 2007 год.), го продаваат Говрлево, ставаат под хипотека црковен имот за 13 милиони евра… и без да понесат одговорност се повикуваат на народната подршка.
Г. Стефан во своето најново соопштение, за повторно да ја избегне одговорноста, истакнува дека во работењето на неговата верска организација постојат посебни служби и дека имотот на МПЦ тој не го раскрчмувал без нивно знаење. Од долу приложениот текст, пак, се гледа дека тој претседава токму и со службите, коишто ги посочува. За предочување е и фактот што во голема мера, неговото соопштение е препишано, т. е. украдено од одбраната на Архиепископот г. г. Јован пред велешкиот суд, одбрана токму на тужбата од страна на г. Стефан. Архиепископот г. г. Јован во таа одбрана, којашто е многу поширока од штурото соопштение на г. Стефан, предочи дека како Епископ не се занимавал со економските работи, но Јавниот Обвинител не ја прифати одбраната. Затоа, за време на судењето, на вештачењето Архиепископот г. г. Јован даваше отчет и за последното сунгерче за миење садови, после што судот утврди дека не е виновен и донесе ослободителна пресуда. Сосема лицемерно, пак, при тужењето г. Стефан му мереше на Архиепископот г. г. Јован според друг аршин, а сега, кога неговата кожа е во прашање и сака да се извлече, прв си го напушта бродот и ги обвинува сите други, освен себеси, бидејќи имал духовно-пастирски задолженија од типот: играјте лотарија во дворот на храмот, можеби ќе ви се посреќи (види фото)!!!
Демократските институции се на потег. Останува да се види дали судството, коешто заради неговата корумпираност е најподложно на критика од страна на меѓународната заедница, спротивно на ригидниот политички суд, којшто повеќепати го изрекува врз Архиепископот г. г. Јован, повторно ќе завземе заштитнички став и ќе го стави г. Стефан под стаклено ѕвоно. И, до кога!
ЌЕ ИМА ЛИ ОДГОВОРНОСТ ЗА РАСКРЧМУВАЊЕ НА ЦРКОВНИОТ ИМОТ е новинарски запис превземен од дневниот весник „Вечер“ од 16. 01. 2007 год., Бр. 13399, потпишан со иницијалите (М.Н.).
Како и во Говрлево, Стефан ќе обвини други лица!?
МПЦ вината ја префрла на пониските тела
Двата земени кредита за хотелот "Изгрев" не се единствените кои ги подигнала фирмата на МПЦ и браќата Миладинови, дознава "Вечер" од банкарски извори. Според нив, за целата работа поднесена е и пријава до надлежните државни органи, поради неможноста на банките да си ги наплатат парите. Ова е втор мега-финансиски скандал кој ја потресува МПЦ. Првиот беше Говрлево, кога скопскиот митропилит и поглавар Стефан, без знаење на црковните органи, дозволи , па експресно го раскина договорот за продажба на црковниот имот на Цементарницата "Усје".
Кријат ли аферите Говрлево и Калишта уште многу црковни скандали поврзани со имотот на МПЦ и нејзиното материјално-финансиско работење? До кога македонските архијереи ќе ги ги оставаат скандалите под тепих?
Случајот со продажбата на имотот во Говрлево заврши без никаква одговорност за никого. Иако договорот со Цементарницата "Усје" беше склучен без знаење на црковните тела, само ден пред синодската седница на која се најавуваше одговорност за инволвираните во случајот, купо-продажниот договор беше експресно раскинат. Архиепископот Стефан се вадеше пред владиците дека тоа е епархиско прашање и дека договорот е раскинат и од тие причини, било беспредметно да се разговара за завршена работа!
И во сегашниот случај се прави обид да се избегне одговорноста. Иако митрополитот Тимотеј јавно го прозва поглаварот на МПЦ и негови блиски дека се дирекно вмешани во скандалот, МПЦ преку соопштение се обидува да ја прфрли вината на црковните тела, кои пак воопшто не биле запознаени со целата ситуација.
- Грижата за материјално-финансиското работење на архиепископоијата и на Скопската епархија во практика не се примарна задача на архиепископот. За тој дел од работењето постојат посебни служби и тела како што се АУО, ЕУП, секретарите на епархиите, архиерејските намесници, старешините на црквите итн. Архиепископот ниту има време, ниту пак физички и технички можности се да контролира. Неговата оговорност за материјално-финансиското работење на Црквата е посредна, а слободно може да кажеме и минимална, стои во соопштението што МПЦ го лиферуваше преку својата интернет страница.
Останатите владици, но и Уставот на МПЦ го зборува спротивното. Архиепискпот е оној кој ја претставува Црквата. Тој е и претседател на архиепископскиот Управен одбор и претстедател на Синодот, тела кои што и во двата случаи морале да бидат запознаени со сотојбите на црковниот имот. Дека на овие тела воопшто не биле тема на дневен ред ниту Говрлево, ниту Калишта тврдат и самите владици.
Тимотеј пред три дена изјави дека за такво нешто воопшто не е разговарано.
Поглаварот на МПЦ, пак, завчера тврдеше дека сите органи на МПЦ биле запознаени.
Кој е сопственик на хотелот Изгрев?!
Во изјавата на македонскиот поглавар и во дописот на Димитар Миладинов има една контрадикторност околу тоа кој е вистинскиот сопственик на хотелот Изгрев и на 45.000 м2 градежно земјиште, кои пак се предмет на хипотекарниот договор.
Димитар Миладинов тврди дека овој имот е сто проценти сопственост на фирмата Миладинов ДОО, што впрочем го објави и Вечер. Во имотниот лист стои токму она што го тврди и самиот Миладинов.
МПЦ, пак, тврди дека хотелот и имотот се нејзини. Поглаварот Стефан вчера изјави дека МПЦ пред неколку години откупила 59% од државните акции на хотелот и станала нејзин сопственик, но набргу потоа поради презадолженост хотелот отишол во стечај и имотот бил даден на лицитација.
- Во тој момент беше формирано заедничко претпријатие и беше откупен хотелот со средства на браќата Миладинови, но по договорот МПЦ има 51% од сопственоста, тврди архиепископот, г.г. Стефан.
Она пак што Димитар Миладинов го тврди е сосема спротивно.
- Инсистирам на демант на искажаните лаги за наводна сопственост на МПЦ на хотелот Изгрев, односно дека тој бил вратен со денационализација. Тој е купен на јавно наддавање од страна на друштвото Миладинов ДОО и е негова сопственост. Со уплата на сопствени средства Друштвото станува сопственик на хотелот Изгрев и се стекнува со право на трајно користење на 45.000 м2 неизградено земјиште, вели во писмениот допис Миладинов.
Тој признава дека МПЦ е содружник во фирмата Миладинов ДОО, но категорично тврди дека таа нема никаков оснивачки влог.
-Точен е наводот дека како оснивач на Друштвото се јавува МПЦ, но во основањето и во целото нејзино работење досега не учествувала со никакви средства, ниту влог на имот, за што постојат и докази, објаснува Димитар Миладинов.
