Првиот иљач, лек којшто од корен ја лечи секоја штета е - учењето
Еден од нашите духовни и интелектуални џинови великиот Григор Прличев во неговиот Говор на годишниот испит на 12 Јуни 1866 г. вели: „Иљаким Словото Господоо је вистина, а вистината сфеки пат је горка, та затоа не ни требало дидахиа (учење), зашчо таа је огледало, та ке ни ашикерлајсат (објави) кусурите, ке ни откриет голотиата, и ке ни кажит како шчо сме...“ Вистината за МПЦ е горка, та затоа и расколничките владици и попови не му даваат дидахиа на народот, за овој (народот) да не разбере кои се и какви се. Прличев, пак, кога поучува не се либи да изрече и потешки зборови, па во истиот говор продолжува: „ела да ти докажам дека чоекот е токмо со гоедата, и еднипати од гоедата побудала. Јас не го вељам тоа, то го велит Сфетеното Писание: - се уприличи на неразумните животни. Појкето од гоедата, кога да се поболеет си знаеет кадеимје иљачот и го наожџеет. Ама чоекот болен је и незнајт којатрева му је иљач... Чумоние разумот кога тој ни велит хе Рисјани, требит да имате една Цркфа, зашчо Цркфата кога да је една, можит и схолја да крепит и сирачина да ранит и да мажит. Хаир...“ Расколниците од МПЦ не го делат мислењето со Прличева дека треба да сме во Едната Црква. Трговската марка (ТМ-2004/574) под којашто се регистрирани (во Државниот завод за индустриска сопственост на 06.08.2004) не им го дозволува тоа. Под плаштот на евтиниот патриотизам го лажат народот дека се епископи, се додека не ги фатат. Срам голем е за нашето граѓанство да не знае оти е заложник на пет-шестмина измамници на коишто целиот православен свет им вели дека не се Црква и иљачот им го кажува а тие и „Цркоф за јордамлок (срчност) ходат, не за да разберат нешчо... Подумајте се оти чоекот од кога ке се родит, та дури да умрит, и дури да се стопит, сфе смрдеа је, и оти фодуллокот (горделивоста) на чоека је еден голем резилок и голема будалашчина“. А расколот е токму тоа – фодуллок. Никој не ги препознава, ниту ги признава за Црква. Црквата, пак, во Р. Македонија не чека подобри времиња. Го чека Христа.
Но, што се случува ако епископ од Црквата отпаднал во раскол (како што тоа го направи МПЦ), но над него уште не е изнесено одлачување; до кога тој ја запазува благодатта добиена во Црквата и може ли, воопшто, да се нарекува епископ?
Архимандритот Рафаил (Карелин) одговара: „Црквата произнесува официјално одлачување за да го извести народот дека бившиот епископ станал лажеучител и не бива да му се воздава чест принадлежашта на архиереј.“ Православната Црква ги има одлачено од Литургијата и Причеста расколничките епископи од МПЦ. За Неа тие се глумци во костуми на епископи. Ниту некаде некој им воздава чест на архиереи, ниту им дава благослов за Причест. За разлика од нив архиереите (г.г. Јован, г. Јоаким и г. Марко) на Православната Охридска Архиепископија – единствената православна, македонска призната Црква, ширум православието уживаат голем респект. Дека само автономната Охридската Архиепсикопија е призната Црква од Р. Македонија лесно може да се види на респектабилната интернет страница на Московската Патријаршија hristianstvo.ru во одделот на помесни православни цркви.
Согласно на определението на Вториот Вселенски Собор „сè што извршува расколничкиот клирик е недејствително“. Свети Кипријан Картагински пишува: Црквата е во епископот, а епископот – во Црквата. Црквата не може да суштествува без епископ, а епископот – без Црквата. Напуштајќи ја Црквата епископот, свештеникот и мирјанинот губат сè што добиле во Црквата, а според зборовите на свети Кипријан Картагински дури и името христијани. Расколничките клирици на МПЦ ја напуштија Црквата. Единствен којшто се врати е Митрополитот Јован. Синодот на автономната Охридска Архиепископија, клирот, монаштвото и верниот народ од Р. Македонија се единствената помесна, канонска Православна Црква на територијата на нашава татковина, а за расколниците од синодот на МПЦ коишто плукаат на Православната Црква што ја напуштија архимандритот Рафаил (Карелин) пишува: „Епископ којшто ја нарушил архиерејската клетва на послушание кон Црквата ја губи апостолската благодат, тој веќе не може да биде нарекуван епископ како што угаснатиот зрак не може да биде нарекуван светлина. Истото се однесува и за свештеникот којшто едновремено ги нарушува двата завети: послушание кон канонскиот архиереј и послушание кон Црквата.“ Многупати во историјата на Црквата канонските архиереи и клирици биле гонети од расколниците, еретиците и незнабожците. Истото се случува и денес. Расколничките владици и попови т.е. угаснатите зраци заедно со државните органи за прогон ги гонат македонските граѓани секаде каде што ќе стигнат: архиереи ставаат во затвор, упаѓаат на богослужби, гонат студенти од факултетите!!! Оттука, многу важно е секој согласно на својата слобода да разсуди кој е Црква, а кој не. Граѓанската слобода, пак, бездруго наложува да се почитува слободниот избор на другиот. Денес - за разлика од порано кога прокомунистичките клирици на еМПеЦе-то во нивната схизматизирана свест сакаа сите да ги стават во калапот на расколот - луѓето можат да одберат во што ќе веруваат, свесно прифаќајќи го ризикот дека сепак уште не е одминато времето кога е возможно да бидат прогонувани за тоа.
И, додека се вежбаме во почитување на законите и градење на граѓанска култура, архимандриот Рафаил (Карелин) потсетува дека црковните правила им забрануваат на Христијаните да земаат благослов од еретици и расколници. Апостолските правила категорично им забрануваат на Христијаните да се молат заедно со оние коишто не се во Црквата т.е. Литургијата, не само во нивните собранија, но дури и во домовите.
Сфекој милет (народ), колку појке учение имат, толку подовлетлиа (посреќен) је, вели Прличев.
Игор Радев