Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija
→ Русский

29.01.2014

Во Руската Православна Црква продолжува интересот за прогонот на канонската Православна Црква во Р. Македонија, автономната Охридска Архиепископија. Една од најпосетените православни интернет страници, „Православие.ру“, го пренесува разговорот на ѓаконот Георгиј Максимов од Руската Православна Црква со Епископот стобиски и Местобљустител струмички г. Давид. Во разговорот тие се осврнуваат на актуелната состојба на државен прогон врз верска основа насочен кон Архиепископот охридски и Митрополит скопски Јован, кон Епископите, клирот, монаштвото и верниците на Православната Охридска Архиепископија. Во продолжение ја пренесуваме содржината на разговорот објавена на „Православие.ру“.


Црквата во гонењата и страдањата гледа исповедање на верата – Разговор со Епископот стобиски г. Давид (Нинов), викар на Архиепископот охридски

Во 2002 год. значителен дел од македонските верници на чело со тогашниот Митрополит велески г. Јован (Вранишковски), сега Архиепископ охридски, излезе од расколот и го обнови заедничарењето со СПЦ, а преку неа и со сите помесни Православни Цркви. Беше формирана Православната Охридска Архиепископија. И сите овие години Архиепископијата живее фактички во услови на прогон од страна на македонските власти, а Владиката Јован е подложен на постојани судски истраги под измислени и лажни обвиненија. Сега Владиката Јован повторно е во затвор. За тоа каква е состојбата во Архиепископијата денес, што помага таа, не само да опстојува, туку и да се развива во толку неблагопријатни услови, како Архиепископот Јован ги поднесува искушенијата кои го снајдоа – говориме со Епископот стобиски Давид (Нинов), викар на Архиепископот охридски.


Ваше Преосвештенство, Ве молам раскажете ни за сегашната состојба на Православната Охридска Архиепископија и нејзината положба во Македонија.

Современата состојба на Православната Охридска Архиепископија е состојба на радост, на луѓе кои ѝ се радуваат на соборноста на Црквата и тоа не со некоја половична радост, туку со полнотата на радоста. Вам ви е познато дека оној којшто неправедно страда, тој ја прима божествената утеха и сака срдечно да им се заблагодари на оние коишто му ја нанесуваат неправдата, токму заради радоста што чувствува дека произлегува од неправедниот прогон. Тоа е радоста, којашто без престан ја гледаме на лицето и ја слушаме во гласот на затворениот Архиепископ охридски Јован. Всушност, радоста е положбата на нашата Црква, којашто и низ вековите, и денес, со љубов ги победува своите гонители од расколите и ересите, но се разбира никогаш не ги отфрла, туку ги повикува во љубовта на Црквата.

Во нашата татковина се познати мемоарите на Доне Илиевски објавени во книгата: „Смислата на некои отпори против автокефалијата на МПЦ“ (Скопје, 1970 г.), кадешто авторот недвосмислено предочува дека: „во 1967 г., на состанок на Централниот комитет на комунистичката партија беше донесена одлука да се прогласи автокефална Македонска Православна Црква (МПЦ), која ќе ги прекине сите канонски врски со Српската Православна Црква (СПЦ)“! Таа одлука од споменатиот состанок беше спроведена, и МПЦ во 1967 г., западна во состојба на раскол, во којашто, за жал, се наоѓа и денес! Чудно е како некој би можел да очекува дека соборното Православие ќе признае една таква партиска одлука! Сепак, поаѓајќи од пастирската грижа, после падот на комунизмот, во почетокот на 90-тите години, СПЦ започна преговори за враќање на расколничката МПЦ во соборноста на Црквата. Во 2002 г., тие преговори резултираа со взаемно потпишување на Нишкиот договор, според кој на Црквата во Р. Македонија ѝ се дава најширока возможна автономија. Но, иако потпишан од страна на Комисијата за преговори на МПЦ со согласност на расколничкиот архиепископ, тој договор единствено го испочитува Архиепископот охридски Јован, кој се врати во единство со Српската Православна Црква. Од тогаш во Р. Македонија постои канонската автономна Охридска Архиепископија која дејствува во канонското подрачје на Српската Православна Црква и постои самопрогласената расколничка МПЦ. На 28-ми Јуни 2002 г., (во писмото со број на протокол: 3727), блаженопочившиот Патријарх Московски и на цела Русија Алексеј му напиша на блаженопочившиот Патријарх српски Павле: „Нас длабоко нè опечалува пребивањето вон црковно заедничарење на верниците во Р. Македонија. Искусуваме утеха од Господа тоа што еден од Архиереите од Р. Македонија, Митрополитот велески Јован (сега Архиепископ охридски), стапил во канонско заедничарење и единство со Вашата Светост, а со самото тоа и со полнотата на Вселенското Православие. Оттука и ние овој брат во Христа го поздравуваме преку Вас и двојно го споменуваме него во нашите молитви“. Но, од 2002 г., заради пристапувањето на Архиепископот охридски Јован во единство со Црквата, расколниците започнаа да го прогонуваат него и канонската Црква, а канонската Црква тој прогон го прифаќа со радост, надевајќи се дека расколниците еден ден ќе си го постават суштинското прашање: „што постигнавме со прогонот“, истовремено сфаќајќи дека со прогонот си наштетуваат единствено на себе си, дека прогонот што го спроведуваат нема да ги одведе никаде, та конечно, како луѓе кои не го создале, туку го наследиле расколот ќе сфатат дека и не треба да им биде тешко да се вратат во спасителната соборност и единство на Православието. И покрај сè што направија против Црквата, еднаш рековме и ќе повториме – целото Православие чека на нив!

Познато е дека неодамна имаше нова пресуда против Архиепископот охридски Јован. За што беше обвинет Владиката, колку беа поткрепени со докази тие обвиненија, и што всушност стои зад нив?

Архиепископот охридски Јован досега бил обвинуван за најразлични нешта. Замислете, Архиепископот охридски Јован, којшто со своето постоење ја проповеда и сведочи евангелската љубов, беше обвинет дури и за ширење на верска омраза, само затоа што пристапи во единство со Црквата, за што и лежеше во затвор. Кога таквите обвиненија станаа проѕирни, расколниците го обвинија за финансиски малверзации. Додека беше Митрополит во МПЦ, црковните финансиски инспекции кај Архиепископот охридски Јован не наоѓаа неправилности туку подобрено работење, та следствено тогаш немаше никакви обвиненија, но откако пристапи во единство со Српската Православна Црква, тој стана мета на разни лажни обвиненија и тоа од самиот врв на расколничката МПЦ. Но, кога расколничките епископи би ги почитувале каноните на Црквата, тие би го почитувале и канонот 9 (од IV-от Вселенски Собор), кој предвидува црковни лица да не се тужат по светски судови. Но, во последниве единаесет години, со директна заложба на расколничката МПЦ, Архиепископот охридски Јован е затваран седумпати, а во последно време прогонот се прошири и врз останати Епископи, монаштво и верници на Архиепископијата.

Оваа година нашата Црква прославува 1700 години од донесувањето на Миланскиот едикт, со којшто беше загарантирана слободата на вероисповедта. Светиот цар Константин виде дека е невозможно, човекот, со присила и наредба, да биде натеран да верува или да не верува. Се чини дека тоа што го виде светиот Константин е тешко видливо во нашата татковина! И после искуството на Миланскиот едикт, како би можеле во XXI-от век на сила да ги натерате луѓето да бидат дел од расколот! Тоа е невозможно! Светиот цар знаеше дека ниту едно општество нема да преживее доколку не му го дозволи на секој свој граѓанин основното – верата, искреноста слободата! Како, пак, ќе го празнуваат овој голем јубилеј, оние што се во раскол, кога спроведуваат прогон врз слободниот избор да се припаѓа на соборното Православие, не ни е познато! И демократијата без почитување на слободата на вероисповед, не е демократија!

Сепак, и оваа прослава на донесувањето на Миланскиот едикт, нека ни биде повод на сите нас во нашава татковина, да ја сфатиме големината на настанот што го славиме, та за прославата да биде достоинствена, оваа година нека биде година на конечно ослободување на Архиепископот охридски Јован, година на прекин на прогонот врз верска основа и година на почеток на враќање на расколниците во единството на Црквата.


Архиепископот Јован на обвинителната клупа

Какво е здравјето на Архиепископот, како ги поднесува искушенијата кои го снајдоа?

Судот уште во Март, оваа година, даде одобрение на лекарската препорака за операција на Архиепископот охридски Јован, заради здравствените проблеми, со коишто тој се здоби во затворите. Но, досега, од непознати причини, таа операција не е извршена! Архиепископот охридски Јован, исто така е дијабетичар. Времето во притвор и затвор тој го поминува во исклучително субстандардни услови. За лошите услови во затворите нашето општество трпи меѓународна критика. Затоа, неодамна Митрополитот Црногорско-приморски Амфилохиј, кога служеше Литургија во Скопје, рече: „Блаженејшиот Архиепископ Јован можеше да остане и таму кадешто беше, во расколот. Така, не би бил затворан дури шест пати, та и денес не би се наоѓал повторно во затворот. Се добива впечаток дека него, не само што го имаат затворено, но демонска и зла сила ги ползува сите возможни средства – како би го убиле. Тоа е мојот впечаток, со којшто се здобив по моето доаѓање тука. За жал, односот на властите на оваа држава, кон него, а преку него и кон Вас, едноставно претставува начин како него да го уништи. Поинаку не е возможно да се објаснат нивните постапки!“

Но, неопходно е да се предочи и дека Архиепископот охридски Јован ја живее слободата во затворот, та на тој начин покажува дека, за жал, постојат и луѓе, кои можат да бидат заробени и надвор од затворот. Архиепископот охридски Јован ја разбира слободата како единство, заедница, соборност во Црквата, додека расколниците ја разбираат слободата како целосно ослободување од другиот, што претставува најсуров вид на самољубие.

Истата година се одвиваше и процес против скоро сите Архиереји, клирици и игумании на Православната Охридска Архиепископија. Раскажете ни за тоа.

Да, Епископите, манастирите и верниот народ на Охридската Архиепископија посакаа со лични средства да го помогнат животот на Архиепископијата, но расколниците измислија обвинение дека наводно токму тие средства Архиепископот охридски Јован, пред 15 години ги зел од расколничката МПЦ! Всушност, како во времето на еднопартискиот систем, тоа обвинение, по којзнае кој пат, значеше отворање на вратите за полицијата да влезе во епископските канцеларии, во манастирите, во домовите на верниците, и да одземе сѐ што можеше да се одземе, дури и матичните книги на крстени и венчани (на пр. тие книги не беа одземани ниту во комунизмот, ниту во отоманската империја), а имаше случаи дури и на физичко малтретирање на монахињи. Како сведоци против канонската Црква и во овој судски процес, како и во секој друг, повторно се појавија расколнички клирици, кои бараа Архиепископот охридски Јован да биде осуден! На крајот од процесот, судот го осуди Архиепископот охридски Јован на три години затвор, сите останати Епископи, монаштво и верници (вкупно 19 лица), на две години затвор условно, а беше консфискуван и имотот на Архиепископијата.

На Вашите читатели им се познати зборовите Христови: ако мене ме гонеа и вас ќе ве гонат (Јован 15. 20). Тие зборови се критериумот, според кој Соборната Црква секогаш го вреднувала квалитетот на својот живот. Во Р. Македонија за време на комунизмот немаше никаков прогон на Црквата, напротив се прогласуваше автокефалија. Затоа, Архиепископот охридски Јован има обичај да каже дека сега ни дојде редот и нам малку да пострадаме. Имајќи го ова предвид, треба да покажеме дека, според силите, нашите срца се таму кадешто е нашето богатство, а нашето богатство е во соборноста на Црквата (Матеј 6. 21).

Изгледа дека властите на Р. Македонија прават сè за, ако не да ја уништат, тогаш крајно да го отежнат постоењето на ПОА. Дали успеаа да го постигнат тоа? Какво е расположението на верниците?

Ние во автономната Охридска Архиепископија немаме слушнато дека било каде во светот се спроведува единаестгодишен прогон и затвори врз православен Архиепископ само затоа што, по слободен избор, одбрал да припаѓа на Соборната Црква.

Во античкиот свет постоеше познатиот Прокруст, кој во своето „гостољубие“, на патниците, за одмор им го нудеше својот кревет. Ако гостинот беше подолг од креветот, Прокруст му ги сечеше нозете. Ако, пак, беше пократок го истегнуваше со сила што убива. Остануваа да му робуваат само малкумина чија должина се совпаѓаше со креветот. Во ХХI-от век, религиските претензии на транзиционата македонска политика и политичката издресираност на расколничката МПЦ, стануваат Прокрустова постела за сѐ поголем и поголем број македонски граѓани.

За православните луѓе, клеветата е ужасна пројава на омраза и злоба, а расколниците не престануваат да ја клеветат нашата Црква пред општеството. Клеветата претставува рана за оној што ја поднесува. Во текот на сите овие спомнати години, расколниците искажуваат разни клевети врз Архиепископот и Архиепископијата, но таквите клеветења старецот Јосиф Исихаст ги нарекува: „одбранбено оружје на оние што имаат комплекс на пониска вредност, бидејќи не можат да ја покријат сопствената голотија и сопствената ништожност, та се обидуваат да ги оцрнат оние, коишто се наоѓаат повисоко од нив.“

Целта, значи, на клеветата е да ја скрши цврстината. Во Евангелието гледаме дека ѓаволот, преку фарисеите, истото му го приредуваше на Христа. Автономната Охридска Архиепископија, како носител на соборната љубов, ја поднесувала и ќе ја поднесува раната од клеветите, имајќи го секогаш за свој архетип Христа Господа, којшто им прости на ѓаволоподобните клеветници. Соборната Црква, насекаде низ светот, подигајќи го овој најтежок крст, се украсува со зборовите на Евангелието: „Блажени сте кога ве срамотат и прогонуваат, и лажејќи говорат против вас секакви грди зборови, заради Мене“ (Мат. 5. 11).

Значи, одговорот на Вашето прашање е едноставен: верните се утврдуваат во верата, а наш впечаток е дека расколниците со прогонот постојано губат, бидејќи ни се обраќаат сè повеќе луѓе, коишто сострадуваат со Црквата што страда.

Во врска со тие настани, дали се измени нешто во односот на македонската јавност кон ПОА во последните години?

Поранешниот македонски премиер г. Љубчо Георгиевски отворено изјави (неделникот „Фокус", бр. 891/892, 27.07.2012), дека: „Архиепископот Јован е политички затвореник“! Во духот на овие зборови, слично се имаат изразено и други угледни професори (на пр. универзитетскиот професор г-ѓа Мирјана Најчевска). Кај мнозина интелектуалци е присутен идентичен став. Особено и заради фактот што „Амнести Интернешнл“ го прогласи Архиепископот охридски Јован за „затвореник на совеста“, а и останати меѓународни извештаи упатуваат на нашите судови, коишто ја гонат Црквата, како на најкорумпиран и најпроблематичен дел од нашето општество! Значи, нештата се менуваат полека, но сигурно.

Добро би било горереченото да се види низ призмата на она за што неодамна зборувавме на една богослужба, а тоа е дека вековното искуство покажува дека оние што ја гонат Црквата, сè уште ја немаат определено целта на нивната историја, односно каде ги води таа, вака како што се појдени! Согласно на зборовите на еден современ отец и учител, историјата, за оние што ја гонат Црквата, т.е. Христа, претставува само едно обично, бесцелно бележење и набројување на некакви настани. Но, ние, во духот на нашето православно предание, на историјата не гледаме како на закон од причини и последици. За нас во Црквата, историјата не се развива од почетокот кон крајот, туку таа се развива од есхатонот, па се отвора кон почетокот. Не е важно толку тоа што било, колку што е важно она што ќе биде! Христос не ни доаѓа само од минатото, туку попрво од Иднината! Затоа, ние не можеме да се согласиме дека како што проаѓа времето, нештата за нас стануваат полоши и пооддалечени од Вистината. Напротив, како проаѓа времето, нештата за нас стануваат сè подобри и подобри, и поблиску се до Вистината.

Се чини дека за настаните во Македонија малку се свесни во другите земји. Ја чувствувате ли Вие поддршката од страна на останатиот православен свет?

Да, и срдечно сме благодарни за поддршката! Ние сме соборна Црква и знаеме дека кога ние се радуваме, тогаш целата Црква се радува со нас, кога ние страдаме страда целата Црква. Би можеле да го додадеме и следново: светот, овој прогон и страдање ги именува – тортура врз верските слободи; Црквата, пак, во поднесувањето на прогоните и страдањата препознава исповедање на верата! Едни се грижат прогонот да престане, други се немоќни да го прават тоа, трети гледаат со исчекување, но никој не е рамнодушен.

Како луѓето го наоѓаат патот до ПОА? Раскажете ни, ако е можно, за некои впечатливи случаи на обраќање.

Расколот е опасен затоа што е сокриен непријател. Луѓето лесно препознаваат доколку некој припаѓа на друга христијанска деноминација, но расколот им е тешко да го препознаат. Во расколот никој не се прашува зошто канонските православни архиереји и свештеници не се во евхаристиско заедничарење со расколничките клирици или, пак, тоа несослужување си го оправдуваат со навреди кон канонските Цркви. Во една прилика расколничкиот архиепископ изјави дека тоа што целото православие не ја прифаќа самопрогласената автокефалија на МПЦ е чин на „духовна незрелост“ (ТВ Сител, 07.10.2012). Луѓето се постојано изложени на ваков тип на пропаганда.

Значи, политичката пропаганда, незнаењето и сеењето страв прават на луѓето да не им е познато - што е раскол! Претпоставувам дека не се различни и околностите со расколот на Денисенко во Украина.

Кај нас постојат луѓе, коишто како расколници отишле на Литургија на Света Гора или во некоја од соседните, помесни цркви, та фактот што светогорците, како и свештениците од помесните цркви не им дозволуваат причест на расколниците во канонската Црква, направил мнозина од нив да сфатат што е расколот и да се вратат во единството на Црквата. Други, пак, гледајќи го прогонот на Црквата и информирајќи се за историјата на расколот, ја препознале автентичноста на канонското Православие и пристапиле во соборноста, сфаќајќи дека соборноста не е нешто без коешто се може, туку е самата суштина на Црквата. Имаме случаи кога расколничките духовници не можеле да одговорат на прашања од верниците зошто МПЦ не е во заедница со соборното православие, па луѓето го молеле расколничкиот свештеник заедно да пристапат во соборната црква. Имаме и случаи кога некои луѓе од на пр. Јеховини сведоци ѝ пристапиле на канонската Црква. Значи, Господ секогаш си ги наоѓа своите луѓе! Суштинското прашање, коешто човекот може да си го постави доколку сака е: зошто јас да не бидам тој човек, когошто Господ ќе го најде?

Веќе единаесет години ПОА се наоѓа во состојба на малтретирање и дејствителен прогон. Што Ви помага да опстанете, та дури и да се развивате во толку неблагопријатни услови?

Воскресението е стилот на живот на Православниот Христијанин. Согласно на тој стил на постоење, човекот, бивајќи соочен со најразлични животни околности, постојано се исправа и постојано оди напред. Живеејќи ја таа крсто-воскресна атмосфера, Црквата без престан ита кон средбата на иднината, средбата со Воскреснатиот Христос.

Нам ни помага тоа што секој човек од автономната Охридска Архиепископија се труди во лицата на сите луѓе да го открива Воскреснатиот Христос.

Значи, неопходно е секогаш да простуваме за сè, токму заради Воскресението, та како и сега, така постојано да се среќаваме и да го обожуваме своето постоење во канонските Литургиските Собранија, кои претставуваат крај за безизлезите на светот.

Дозволете ми и овој наш разговор да го завршам поздравувајќи Ве вас и сите Ваши читатели со најрадосниот поздрав: Христос Воскресе!

Извор: http://www.pravoslavie.ru/orthodoxchurches/66971.htm