Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Времето во коешто живееме, меѓу другото, го карактеризира и борбата на разни здруженија на граѓани, невладини организации, и поединци за најразлични човекови права и слободи. И властодршците во државите, особено оние со демократско уредување, додуша некои од нив само декларативно, се залагаат за подобрување на условите за живот на секој човек. Почнувајќи од правото на достоинствен живот, преку правото на слободно изразување на својата мисла па, сè до најситните права коишто би требало да му овозможат на човекот да се оствари во животот на начин на којшто тој смета дека треба.

Една таква борба која траеше цели 15 години, заврши со победа, кога Европскиот Суд за човекови права во Стразбур пресуди дека нашата држава  ја прекршила  слободата на собирање, на здружување, на мислата, совеста и религијата, тогаш кога одбила да ја регистрира Охридската Архиепископија.

Листата на права не е затворена и кој знае дали некогаш ќе се затвори. Секојдневно се појавуваат нови потреби на човекот за подобрување на неговиот живот. Колку повеќе се зборува за правата на човекот уште толку, ако не и повеќе, слушаме дека се загрозени човековите права и слободи. Овде се наметнува и логичното прашање: Зошто постои толку многу дискриминација на човековите права и слободи по разни основи во светот кога имаме се повеќе закони за правата на човекот? Одговорот не е многу сложен, но потребно е добро расудување за да се разбере во потполност. Секој еден човек стана критериум за себе. Подобро речено луѓето почнаа да стануваат доволни самите на себе, та секоја потреба да се прилагодат на заедницата или на некој друг критериум се смета за дискриминација.

Ќе се обидеме и поопширно да го образложиме овој краток одговор. Имено, проблемот настанува кога за мерило на нештата ја земаме острастената и огревовена човечка природа. Нејзините потреби многу лесно се претвараат во страст која, пак, го прави човекот свој роб. Ако знаеме дека страста е ненаситно угодување на човековата природа, ќе ја разбереме и потребата од толку многу права и слободи на човекот.

Всушност, острастениот човек, има сè поголема потреба да се ослободи од сите ограничувања и да стане, на некој начин, бог. Tој човеков порив потекнува уште од самото создавање на човекот. Од Бога ни е всадено во природата да се стремиме кон совршенство и да станеме богови по благодат. Но, восовршувањето на човекот подразбира и уподобување кон Створителот, а не величање на сопствените слабости и страсти. Светиот Апостол Павле во првото послание до Коринтјаните (10,23) вели: „Сè ми е дозволено, но не ми сè од полза”. Овие зборови недвосмислено упатуваат на една од најважните одлики што човекот треба да ги поседува, а тоа е одговорноста.

Ниедно друго создание на светот ја нема таа одлика. Единствено на човекот, како круна на созданијата Божји, му е даруван разум и способност да расудува и донесува одлуки, но и одговорност за сите останати созданија. Единствено на човекот му е дадено од Створителот право да ја принесува целокупната створена природа на Бога за да биде благословена и осветена.

Но, се чини, во последно време човекот сè повеќе избегнува да се соочи со вистинската улога што од Бога му е дадена, па (зло)употребувајќи го разумот и егоистички угодувајќи ѝ на својата острастена природа, самиот си ја деградира својата позиција во светот. Па така, неретко, биваме сведоци на тоа кога водачите на народот зборуваат јавно без никаква одговорност за реченото. Едно зборуваат, друго мислат, а сосема нешто трето прават. Се претворивме во општество каде што политичари, судии, верски водачи, директори и сопственици на фирми и фабрики кројат човечки судбини без никаква одговорност за последиците врз нивните потчинети.

Најеклатантен пример за неодговорно и несериозно однесување на јавни личности во последно време, но и во изминатитете педесетина години, претставува примерот со челниците на верската организација МПЦ којашто е во раскол со сите Православни Цркви во светот. Поставувајќи се себе си за критериум во Православието (иако е надвор од Православието), за своите грешки, вината ја бара кај сите само не кај себе. Како некое разгалено дете без чувство за покајание бара да ѝ се удоволат острастените желби и да ѝ се легализира гревот на неединството со сите Православни, во исто време обвинувајќи ги сите други за етнофилетизам, а токму тие од етнофилетистички причини стапија во раскол со сите Цркви. Меѓутоа, полека, но сигурно, вистината излегува на површина и самите водачи на МПЦ секојдневно се разобличуваат пред народот со своите несериозни и недоследни изјави. Останува да се види колку време треба да помине за целиот народ да ја согледа неодговорноста на МПЦ?

Неодговорноста на водачите, секако, се рефлектира и на обичниот граѓанин, па секој си зема за право јавно да настапува и да биде стручен за сè: и за верски и за политички и за економски прашања. Затоа, човекот повеќе не ја чувствува заедницата како нешто што е неопходно за да се восовршува. А токму затоа Бог сите нè создаде различни и оргинални секој на свој начин за во заедница со Него, но и меѓусебно, да ја достигнеме целта на нашето постоење, а тоа е обожувањето. Бог ни покажа пример станувајќи Богочовек откако ја прими човековата природа на себе и стапи во најприсна заедница со него. Не беше тоа неопходно за Бога туку за нас. Ние да се восовршиме во заедницата со Него. И само ако Го поставиме Богочовекот Христос за наш критериум ќе научиме да бидеме одговорни и кон себе и кон заедницата со другите луѓе, но и кон целата створена природа.

На таа христијанска одговорност повикуваме и го посветуваме календарот за претстојното 2018-то лето Господово.

Благодатта на Господ наш Исус Христос, и љубовта на Бога и Отца и заедницата на Светиот Дух нека биде со сите вас во вековите на вековите.

ЕПИСКОП
+Брегалнички и
местобљустител битолски Марко