Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Епископ брегалнички и Местобљустител битолски г. Марко

Голем настан чествуваме денес! Неискажлива благодат се излева од гората Тавор. Се преобрази денес Христос пред светите апостоли Петар, Јаков и Јован покажувајќи им ја Својата Божја природа. Го обезвремени времето за момент покажувајќи им ги вечните и нестворени енергии Божји. И покрај тоа што поради силната светлина апостолите ги покрија лицата свои, близината Божја направи светиот апостол Петар да му каже на Христа: „Господи добро ни е да бидеме овде!“ Кому не би му било добро, драги браќа и сестри, да биде во близина Божја? Та човекот затоа е створен, да биде вечно во близина Божја. Бог нè створи за да бидеме учесници во Неговата вечна слава, која во времето ја покажа на гората Тавор, а нам од љубов ни ја нуди на дар ако посакаме да бидеме во Негова близина. Не сака Бог, возљубени браќа и сестри, од нас да направи робови туку слободни битија кои слободно ќе се определат за вечноста. Затоа нè обдари со слободна волја. И затоа на сведоците на Неговото Преображение, на светите апостоли Петар, Јаков и Јован им забрани да кажуваат за тој настан до Неговото Воскресение. Можеше Господ Исус Христос да се преобрази пред сите и сите да ја видат славата Божја, но така би биле принудени да веруваат во Него. Зашто покажува нешто што само Бог може да го направи. Но Бог друго бара од нас. Бара во слобода и од љубов да го побараме. Да го направиме само тој мал чекор кон Него за да нè прегрне во вечноста. Да нè собери сите во Преобразеното и Воскренато Тело Негово, та да постанеме вечни сотелесници Божји. Ние Христијаните токму тоа и го правиме. Се собираме на секоја Литургија за да ја вкусиме вечноста уште сега и овде. Примајќи ги Телото и Крвта Христови во себе постануваме согосподари на времето, бидејќи и минатото и иднината се собираат во една вечна сегашност во Христа. Токму тоа ни го покажа и Господ на гората Тавор кога ги собра Мојсеј и Илија. Ја собра на едно место историјата и есхатонот. Мојсеј како претставник на она што веќе се случило во времето, а Илија како претставник на она што допрва треба да се случи во времето. Да дојде како човек што сè уште не вкусил смрт, како претеча на второто Христово доаѓање за да вкуси смрт и потоа да биде воскреснат од Господа за живот вечен.

Неискажлива е љубовта Божја кон нас, драги браќа и сестри. Нè возљуби толку Бог што заради нас постана човек. Ја зеде на себе нашата грешна и смртна човечка природа за да ја преобрази во безгрешна и бесмртна. Дека навистина ја зеде нашата природа ни покажа многупати. Тогаш кога како човек јадеше, како човек плачеше и конечно како човек и смрт вкуси. А како Бог дури и пред Воскресението ни се покажа денес кога прво на Себе покажа дека е можно да ја преобрази човечката природа и да ја покаже во таква светлина во којашто непросветлените и непреобразени очи не можат да гледаат. Единствен кој може тоа да го направи е нашиот Господ и Спасител. И нема друг начин да се преобразиме освен преку заедницата во Неговото преобразено Тело и преку нестворените енергии Божји. А тоа преобразено Тело и тие нестворени енергии ни се даваат во Светата Евхаристија. Затоа е потребно Телото и Крвта Христови да ни постанат најпотребната храна. Секоја друга храна е за да го одржиме нашето тело во времениот живот, но Телото и Крвта Христови, тоа наше времено тело го преобразуваат за вечен живот бидејќи постанува едно со Христа. И единствено така ќе можеме да се спротивставиме на најголемиот човеков непријател-смртта. И само така ќе можеме искушенијата којшто нè снаоѓаат да ги преобразиме во сретства за наше усовршување.

Тешки времиња преживеала Црквата низ нејзината историја сведочејќи ја вистината. Но секогаш излегувала и излегува како победник бидејќи е Преобразено Тело Христово. Затоа надвор од Црквата, надвор од Телото Христово, значи, нема победник и победа. Секој крај надвор од Црквата води во смрт, а крајот наш води во бескрај. Со секој поминат ден надвор од Црквата поблизу е гробот, но со секој поминат ден во Црквата поблиску сме до осмиот невечерен ден, до најприсната заедница со Нашиот Бог и Спасител.

Многумина во нашава современост мислат дека можат и надвор од Црквата да ја достигнат вечноста. Тоа е затоа што Црквата не ја поимаат како Едно и Единствено Преобразено Тело Христово туку како нешто со кое можат да се пазарат. Па затоа имаме луѓе кои бараат услови за да влезат во Црквата. Но во Црквата или си или не си! Или влегуваш со покајание и се преобразуваш во Телото Христово или остануваш надвор во непокајание и непреобразен за живот вечен. Нема пазарење со вистината, драги браќа и сестри. Немаме ние што да понудиме во замена за вистината. Таа е една и неделива. Христос е патот, вистината и животот. Ако тој пат го следиме, патот на вистината, ќе имаме и живот вечен и обратно ако останеме на патот на нашите непреобразени човечки слабости и страсти, себеси се лажеме а крајот ќе ни биде далеку од близината Божја, но не затоа што Бог така сака, туку затоа што самите сме избрале да бидеме далеку од Бога.

Нека Бог сите нè просветли да го избереме вистинскиот пат до нашето конечно преобразување од смртни во бесмртни битија. Нека ни го осветли патот низ мрачните тунели на искушенијата во овој свет. Да се покажеме преобразени синови и ќерки Божји достојни за Неговата вечна прегратка во вековите на вековите. АМИН!