Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija


најава за осмиот број на периодиката УСПЕНИЕ

Игумен Давид (Нинов)

(разговор со архимандритите
отец Серафим од Сирија и отец Анастасиј од Кенија)

Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно.

Псалм 132. 1

Секој од нас се сеќава на одговорот што черепот од пустината му го упати на преподобниот Макариј Велики. „Пеколот се состои во тоа што не можеме еден на друг да си ги видиме лицата, а кога ти ќе се помолиш, тоа за нас донекаде станува возможно, и чувствуваме големо олеснување“, рече черепот.

И навистина, има ли денес нешто попеколно од „постоењето“ на луѓе коишто не сакаат да се среќаваат, да се проникнуваат, заедно да се причестуваат, да бидат едно! Зар постои нешто поадско од ѕидањето бариери и предрасуди од неизживеаност, особено во Црквата!

И, додека мнозина философираат барајќи го исходот од загадочното прашање – што значи да си среќен, Црквата дејствително го живее одговорот којшто почива во црковнословенскиот збор срешта, односно средба. Да си среќен, бездруго значи - да се среќаваш.

Се среќаваме во средба којашто трае и се облекува, во ново руво, нова промена со секоја отслужена Литургија. Со нив можеш да разговараш за сè. Не си во расцеп. „Црквата е една“, пишува Алексеј С. Хомјаков, додавајќи: „ние знаеме, кога некој од нас паѓа, паѓа сам, но никој сам не се спасува. А, оној којшто се спасува, се спасува во Црквата како нејзин член, и во единство со сите други нејзини членови.“

Со нив најпрвин можеш и да молчиш. Можеш да патуваш, тивко да се молиш, да се причестуваш, да разменуваш познавања и познанства, да црпиш радост, пак да молчиш и повторно да зборуваш, и да чувствуваш жал поради тоа што постојат луѓе коишто колку и да посакуваш средбата да ја споделиш со нив, соодветно толку тие ја одбираат несреќата. Бидејќи за сите нас, без разлика на бојата на кожата, беше болно кога некој ја повтори вистината извирашта од светоотечката реченица: „МПЦ во самото нејзино постанување, е нејзино исчезнување“ (свети Јустин Келијски). Едно сожалување за расколниците, таму некаде на крајот, и толку. А потоа, повторно среќа, среќа, среќа. „Како роса ермонска којашто паѓа на горите Сионски, зашто таму Господ дал благослов и живот вечен“ (Псалм 132. 3).

Архимандритот Серафим е роден 1970 г. во Лаодикија, град близу до морето. Таму живеел до 1991 г. Во 1992 г. заминува да го отслужи двеиполгодишниот воен рок. Во 1995 г. се запишува на теолошките студии во Баламанд. За ѓакон е хиротонисан во 1998 г., а во 2001 г. кога ги завршува студиите ракоположен е за свештеник. Во архимандрит е произведен во 2002 г. Тој е Арап, а името го добил по големиот руски светител Серафим Саровски.


Отец Серафим, која е првата активност со којашто се зафативте во Црквата, откако бевте ракоположен?

Архимандрит Серафим: По барање на мојот митрополит г. Сава, основав едно здружение со име „Движење на православната младина“. Главната задача беше да се организира веронаука за младите. За кратко време здружението анимира многу луѓе. Добив парохија и се зафатив со пастирската работа – служење Литургија и исповед.

А, денес?

Архимандрит Серафим: Денес имам две парохии со голем број луѓе со коишто негувам прекрасни врски. Особено се грижиме за старите и болни луѓе. Оние коишто не можат да станат од постела ги причестуваме редовно во нивните домови. Имам и две групи на жени коишто ја помагаат мојата пастирска работа. Доколку самиот не сум во можност, ги испраќам нив да се грижат за болните.

Организираме и верска настава за изучување на византиската музика, а по еден хор имаме во секое село. Такви настави организираме и за изучување на техниката витраж.

Отец Серафим, знам дека живеете во митрополијата во Хоран. Што ја карактеризира Вашата митрополија?

Архимандрит Серафим: Најкарактеристично е што во митрополијата имаме издавачка куќа. Издаваме многу богословски книги, и можам да речам дека во нашата татковина, нашата митрополија е еден вистински центар за духовна литература. За да може да се организира таквото работење нашиот митрополит г. Сава има направено хотел, а за продажба произведуваме вино и други прехрамбени производи.

Каков е односот помеѓу Христијаните и муслиманите во Сирија?

Архимандрит Серафим: Ќе одговорам накратко: во Сирија Христијаните и муслиманите живеат заедно, во мир, со взаемно почитување и уважување. И односот на државата е за пофалба. Таа навистина ги помага Христијаните.

Лично запознавме Аргентинци, Италијанци, Американци од Антиохиската патријаршија. Заеднички ни е впечатокот дека етнофилетизмот и е непознат на вашата патријаршија. И самите велите дека во Вашата патријаршија немате етникологија. Какви се Вашите размислувања за оние коишто од сопствениот народ направиле златно теле и со тоа станале предавници на православната вера, за етнофилетизмот од којшто боледуваат мнозина неупатени во духовниот живот?

Архимандрит Серафим: Нацијата не нè спасува. Нас нè спасува само вистинската вера. Служев Литургија во Москва, потоа во Ирска со романски свештеници, сега во Грција. Каде и да сме, ако имаме вистинска вера можеме да се причестуваме заедно. Ако сме од различни нации – ние сме соединети во Христа. Христос, пак, не ни зборува за нацијата, Он ни зборува за спасението, ни зборува за точната вера и добрите дела. При Неговото второ пришествие Христос нема да нè прашува за нашата национална припадност, но ќе нè праша за нашата вера и за делата што сме ги правеле.

Верувам дека ќе се сложите дека запазувањето на единството на Православната Црква, особено во времево во коешто живееме, е големо дело. Вам ви е добро познато дека во нашата татковина постојат схизматици, коишто лажејќи го народот дека се Црква, всушност, во нивното слепило се обидуваат да ја уништат Онаа, којашто ни вратите на адот нема да ја надвладеат. Вашиот патријарх Игнатиј IV меѓу првите испрати писмо со подршка до нашиот Митрополит г. Јован. Како човек којшто од крајно објективен аспект ги гледа работите, што ќе му предочите на православниот македонски народ во врска со проблемот што го има, а којшто од народот бива лукаво прикриван со евтин патриотизам во недостаток на автентична духовност?

Архимандрит Серафим: Македонскиот народ треба да знае дека македонски епископи и свештеници се клириците на Православната Охридска Архиепископија коишто служат на македонски јазик и немаат догматски проблеми.

Схизматичките клирици на МПЦ се одделија, се отцепија од Црквата Христова, за да си направат своја црква којашто не е Христова, и којашто нема врска со ниту една Православна Црква. И треба да се знае дека сè додека се во раскол и ерес нема ниту да дојде ден во којшто би имале нешто заедничко со Православната Црква.

Грдо е што го држат народот во заблуда и што од него ја кријат вистината дека Православната Црква постои, и дека тие ја напуштиле формирајќи своја сопствена. Вашиот народ треба да сфати дека не вреди да се става Црквата во схизма само заради причините коишто ги наведуваат схизматиците. Мојот смирен совет е: ако луѓето заради схизматиците сега не знаат што е Црква, почнете од нула, работете со децата, со младите, пастирската работа е многу важна, свештениците нека им се вратат на луѓето. Така, еден ден, ќе имате луѓе коишто ќе знаат дека епископите не е возможно да бидат пропаднати, без благослов избегани монаси, не е возможно да имаат жена и дете, не е возможно да се судат на црковен трошок, со еден збор многу брзо ќе имате луѓе коишто знаат што е Црква.


Додека зборуваме со отец Серафим, во разговорот ни се приклучува една ведра и жизнерадосна личност. Тоа е архимандритот Анастасиј од Александриската патријаршија. Овој православен црнец од Кенија докторирал на теолошкиот факултет Светиот Крст во Соединетите Американски Држави. Бидејќи во нашето најнепосредно соседство ќе посвети подолго време на православната догматика, се договоривме за чести средби и соработка. Ова е само накратко запознавање со нашата читателска публика, пред наскоро да се сретнеме во Македонија, доколку му допуштат да влезе, забележува отец Анастасиј, нагласувајќи дека добро го познава односот на схизматичките епископи на МПЦ и македонската полиција кон Православната Црква.

Отец Анастасиј, каде и да излеземе од Македонија се среќаваме со луѓе Сиријци, Кенијци... на коишто им е кристално јасно дека во Р. Македонија од една страна се наоѓа Православната Охридска Архиепископија како канонска македонска Црква којашто во Светиот Дух ја негува заедницата со сите канонски православни цркви, и од друга страна безблагодатното подрачје на расколот, односно премногу лесно забележливото отсуство на Духот Свети. Ве прашувам, постои ли нешто што целиот свет го знае за македонскиот народ, некаков заговор на човештвото против него, или обратно, македонскиот народ, на црковен план знае нешто за што целиот православен свет нема поим? И по која цена македонскиот народ треба да ја трпи схизмата во којашто го туркаат неколкумина, разбунтувани против Црквата, лажни пастири?

Архимандрит Анастасиј: Ниту една заедница не е по себе сама, или одделена од останатиот православен свет, бидејќи Христовата заедница и останува послушна на Неговата волја да бидеме едно како што Он е едно со Отецот. Според благодатта ние сме соучесници во Царството уште овде на земјата. Ослободувањето од грешната заплетканост на бунтовништвото, на расколот, на гордоста на телото и смртта, единствено може да се постигне преку благодатта на нашиот Господ и Спасител Иисус Христос, заедно со љубовта на Бога Отецот, а двете дејствувајќи заедно низ заедницата со Светиот Дух. Тоа им овозможува на луѓето да го примат спасението коешто води во вечен живот, во мир во вечното Царство на Небесата. Едноставно речено – Православната Црква секогаш ја продолжува оваа синергија на заедничарење на Бога-Отецот, Бога-Синот и Бога-Светиот Дух и ја реализира меѓу нас денес. Затоа, нужно е расколите коишто отсекуваат од оваа заедница со Светиот Дух да се избегнат по секоја цена.

Можно е да прозвучи грубо, но реално е дека во Македонија владее општа богословска неписменост. Нашиот народ е навистина прекрасен, има искрено настроение и полн е со вера. Но таквата настроеност на духот останува некултивирана. Врз критичкото расудување се врши терор. Веќе никој како да не се прашува: зошто, ако сме иста вера со другите православни, во Р. Македонија нема дојдено ниту еден православен патријарх да служи Литургија и заедно да се причестиме? Луѓето умираат без да ја доживеат таа заедница. И, ако не сакаат да ја живеат тука, како би сакале тогаш да ја живеат таму? Оттука, која е функцијата на Црквата – да ја манифестира политичката волја на овој свет или, пак, да ја актуелизира таворската светлина за оние коишто се раскол и свет? И, дали структурата на Црквата, во отсуство на автентична духовност, треба да се гледа низ призмата на романтичарскиот националшовинизам?

Архимандрит Анастасиј: Еден прочуен професор по систематска теологија, отец Александар Шмеман, учи дека Православната Црква е пред сè Богосоздадена и од Бога дадена реалност, присуство на новиот Христов живот, манифестирање на новото време на Божјиот Дух Свети овде на земјата. Нејзината основна функција е да го манифестира и актуелизира во овој свет есхатонот, конечната реалност на спасението и искупувањето. Во, и низ Црквата, Царството Божјо е веќе оприсутнето, овде и сега. На човештвото ова му се соопштува преку доаѓањето на Христа Бога. Само во својата полнота (а, расколот претставува отпаѓање од полнотата) Црквата е средство на благодатта, света тајна на Царството. Оттука нејзината хиерархиска, светотаинска, литургиска структура нема друга функција освен овозможување на Црквата да се реализира себе си како Тело Христово. Не постои поделба, раскол помеѓу невидливата - оние победоносни членови на Црквата коишто се упокоиле во верата, - и видливата Црква, односно активните членови. Ниту, пак, постои било каква поделба помеѓу црковното сем5јство на верници: патријарси, митрополити, епископи, архимандрити, свештеници, ѓакони, чтеци, портири, сиромашни, гладни, оние коишто страдаат под секакво угнетување, болни, лепрозни, оние коишто се болни од сида. Иако потекнуваме од различни Цркви, географски и национално, сепак, за разлика од расколот, ние си остануваме една Вселенска Православна Црква обединета во едната вера и во едното Тело Христово.

Отец Анастасиј ги просиме Вашите молитви и молитвите на Вашиот духовен отец Архиепископот Албански г. Анастасиј за кого што пишувавме во претходниот број на нашава периодика. Ви благодарам и за тоа што ни се приклучивте во разговорот. Сега можеме заедно да го продолжиме разговорот со отец Серафим. Дојдовме дотаму накратко да ни каже кои се митрополиите на Антиохиската патријаршија?

Архимандрит Серафим: Антиохиската патријаршија заедно со Римската, Цариградската, Александриската и Иерусалимската е една од првите пет помесни Цркви. Денес е устроена со пет митрополии: Лаодикија, Халепиу, Емесо, Епифанија и Вострон (Хоран). Патријаршијата се наоѓа во Дамаск којшто е и главен град на Сирија.

Во Либан се наоѓаат митрополииите: Акар, Триполи, Бејрут, митрополијата Тирон и митрополијата Жбеиљ и Батрун.

Во Ирак е митрополијата на Багдад и на Арапските Емирати.

Антиохиската патријаршија ги има и следниве митрополии: на западна Европа, на Северна Америка и Канада, потоа митрополиите на Аргентина, на Бразил, на Чиле, на Мексико. Антиохиската патријаршија има своја митрополија и во Австралија.

Каква е состојбата со устроеноста на монашкото живеење? Бегло да погледнеме од самите почетоци, па до денес?

Архимандрит Серафим: Монашкиот живот во нашата патријаршија своите корени ги има од самите почетоци. Сите сме чуле за светите: Исак Сирин, Ефрем Сирин, Јован Дамаскин, Петар Дамаскин, бездруго големиот Јован Златоуст, потоа еден од најзначајните - Симеон Стилит и многу други. Монашкиот живот на нашите простори навистина бил многу моќен. Почнува да опаѓа со доаѓањето на муслиманите приближно во почетокот на 8-от век, а речиси целосно замира за време на османлиското ропство бидејќи Турците уништиле стотици манастири и убиле многу Христијани.

Од пред околу 50 години продолжувајќи го преданието, монашкиот живот во нашата земја го доживеа своето воскресение. Во Сирија денес постојат многу манастири. Некои од попознатите се: манастирот Свети Георгиј Алхомеира од 6-от век. Старец на манастирот е отецот Јован Јазити којшто е декан на Баламанд и духовник на женскиот манастир Успение Богородично каде што старица е монахињата Макрина Скаф којашто стана монахиња во познатииот манастир на старец Паисиј – Суроти. Потоа женскиот манастир Света Текла Маалула каде што првата црква датира од 1-от век и се наоѓа токму на местото каде што живеела света Текла, и манастирите Свети Георгиј Саиднаја и Панагија Саиднаја.

Во Либан исто така се возобновува монаштвото. Таму има повеќе манастири: Свети Архангел Михаил каде што старецот на манастирот Ефрем е свет човек, манастирот Панагија Алнурие каде што има чудотворна икона, манастирот Панагија Хаматура и други.

Она што е карактеристично за манастирите, но не само за нив, туку и за градските цркви, тоа е дека тие се полни со луѓе од коишто најголемиот дел се млади дојдени да ги примат Телото и Крвта Христови, да се причестат со Изворот на Животот.

Ги слушав молитвите и византиското пеење на Вашиот прекрасен арапски јазик. Сега се враќате во Сирија, но постои можност студиите да ги продолжите во Солун. Нашиот народ заради схизмата досега немаше можност да се среќава со своите православни браќа од другите земји. Ќе бидеме поблиску. Ве покануваме да дојдете и кај нас?

Архимандрит Серафим: Бидејќи веќе служевме заедно во Грција, можеме да служиме Литургија заедно и кај вас. И мене ми се допадна Вашиот јазик што го слушнав за време на богослужбата. Со радост ќе дојдам кај Вас, и тоа ќе биде голем благослов за мене. Се молиме да имате мирен живот, да немате проблеми од страна на схизматичките епископи и полицијата, и да го соберете народот Христов за да не го губи спасението Божјо.

Бидејќи за Христијанинот се важни две работи: Христос и душата. Ако ја изгуби душата, изгубил сè. И, ако го изгубил Христа Бога, изгубил сè.