Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Андреј Шишков

Во денешно време, кога кон здравиот начин на живот, особено во развиените земји , се гради култ, една од техниките насочени кон одржувањето на здравјето која бргу се шири и добива на популарност е јогата. Оваа техника произлегува од верската традиција на истокот, а денес е добро ситуирана во секуларниот западен свет. Се поставуваат прашањата: Дали јогата го има оставено зад себе својот религиозен товар, или, пак, ги завлекува луѓето кон духовната традиција од кадешто потекнува? Како да одговорат Православните Христијани на овој феномен којшто стреми да стане наше секојдневие?

Често, московските минувачи можат да видат плакати, од кои млади мажи и жени кои „оддишуваат со здравје“, ја рекламираат јогата. „Приклучи се” — нивниот строг императив и одлучувачката појава не оставаат можност да се посомнева човек во виталната важност на оваа техника. „Здравје, здравје, и уште повеќе здравје. Развивање и одржување на нови вештини“ — читаме на веб-сајтот кој ја рекламира Московската Јога Федерација. Под влијание на ваквите реклами, многумина — а меѓу нив и Православни — почнуваат да мислат дека јогата е некој вид на далекуисточен фитнес. Но, реалноста е поинаква.

Јогата е учење кое се користи со систем од вежби чија цел е контрола на психата и на психофизиологијата на човекот, заради достигнување на „повисоки ментални и духовни состојби“. Да се мисли дека јогата може да се практикува единствено за доброто на телесно здравје е, во најмала мера, неточно. Јогата првенствено е систем на духовни верувања, и нејзините цели се духовни, а не физички. Извесниот православен подвижник, о. Серафим (Роуз) пишува: „Оној којшто се занимава со јога само заради телесно здравје, очигледно не е свесен дека всушност се подготвува за одредени духовни поимања и искуства.“ Треба да се напомене дека о. Серафим добро ја познавал јогата, затоа што пред да стане Православен сериозно се занимавал со неа.

Не се вежбите, различните пози и движења, суштината на јогата. Во нејзиното средиште е медитацијата. Телото е тука само за да помага да се сконцентрира умот. Отец Серафим вели: „Целта на јога техниките е да го направат човекот раслабен, заспан, без расудување и пасивен, односно приемчив за одредени духовни идеи и искуства.“ Занимавајќи се со јога, дури само после неколку недели, човек почнува да мисли дека станува посмирен, понежен, поурамнотежен, и дека искусува некаков „духовен раст“.
Всушност, во јогата секое душевно и телесно доживување, без никакво испитување и расудување, се смета за позитивно. Во јогата е непознато разликувањето на духовите, кон коешто е призван секој Христијанин. Доживувањата коишто Православните Христијани ги имаат испитано и нашле дека се прелест, во јогата се препорачуваат и, без размислување, се сметаат за нешто значајно. Оние коишто не го познаваат Православното искуство и учење за молитвата, можат лесно да се поддадат на таква една „духовност“ којашто ги завладува.

Постои суштинска разлика помеѓу молитвата и медитација. „Медитацијата како одвраќање на нашиот ум од секаква форма, може, барем на кратко време, да ни даде чувство на спокој, мир, излез од условите на времето и просторот, но во неа отсуствува сознателното претстоење пред Личносниот Бог, во медитацијата не постои вистинска молитва, којашто е секогаш лице в Лице“ — пишува еден друг истакнат современ православен теолог и подвижник, Архимандритот Софрониј (Сахаров). Молитвата, пак, се изразува со силна верба во Бога, таа се бори, ита кон Бога, во неа нема место за безличност, таа секогаш е дијалог. Тука можеме да се потсетиме на зборовите на светиот Силуан Атонски „молитвата за сите луѓе е пролевање на сопствената крв.“

Кон што, пак, води медитацијата? Отец Софрониј, којшто во младоста исто така се занимавал со далекуисточна медитација, ни го дава одговорот: „Медитацијата може да доведе до тоа, оној кој се занимава со неа да се задоволи со психичките резултати од ваквите експерименти, та, најлошо од сè, поимањето на Живиот Бог, Личносниот Апсолут да му стане сосема туѓо“. Да се биде туѓ за Бога — што има пострашно од тоа?

Освен тоа, модерната широко распространета јога им ветува на следбениците брзо достигнување на „духовни плодови“. А тоа кај многумина предизвикува потрошувачко расположение и еуфорија, проследени со состојба на гордост и со високо мислење за себеси и за своите способности. Архимандритот Софрониј предупредува: „Патот на нашите Отци изискува силна вера и долготрпение, а нашите современици се обидуваат да ги достигнат сите духовни дарови, вклучувајќи го дури и непосредното созерцание на Апсолутниот Бог, и во краток рок, со притискање на копче.“ Модерните гуруа нудат „просветлување“ за само неколку сеанси, и, се разбира, за одреден паричен надомест.

Што може да бара еден Православен Христијанин во јогата? Мир, внатрешна хармонија, духовна утеха, физичко здравје, совршенство? Сето ова е пожелно и привлечно, а пред сè — мошне пријатно. Но, житијата на светите подвижници ни покажуваат еден сосема поинаков идеал во животот – не постигнување на хармоничен и удобен живот со светот и со самиот себеси, туку доброволно мачеништво за Христа! Преку тоа се достигнува совршенството, преку тоа, човекот се искачува кон Бога. Кон тоа да се приклучиме!