Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Свети Нектариј Егински

Светост! Божествен призиву, божествено дело. Твоето име го објавува човекот од Бога осветен, целомудрен и чист, ослободен од секој нагон и од секоја страст. О, светост, висок призиву што укажуваш на совршенството кое ја означува секоја добродетел. Ти според Божјиот образ создадениот човек го славиш како оној кој се покажал како Божјо подобие. Ти човекот којшто живее во светот го јавуваш жител на небото. Ти земниот човек го ослободуваш од земните страсти и го прибројуваш кон небесните хорови. Ти за оној кој е по природа лишен од светоста сведочиш како за преисполнет со божествена благодат. Ти сведочиш за неговото дело кое е сокриено во катчињата на срцето. Ти укажуваш на пратеникот на доброто, честа, вистината и правдата. Ти го објавуваш љубителот и верниот чувар на божествениот закон. Ти го покажуваш оној кој ја поистоветил својата волја со Божјата. Ти го прославуваш оној којшто сака со подвиг и молитва да Му благоугоди на Бога. Ти покажуваш кој е едноставен и незлобив. Ти го објавуваш верниот којшто во срцето има топла љубов кон Божјото. Ти и оној кој се подвизува во планините го овенчуваш, и оние кои во градовите се борат за добродетелите ги преукрасуваш со порфира. Ти секоја возраст на луѓето коишто по Христа живеат ја озаруваш со својот блесок. Твоето име укажува на оној кого Бог го осветил и кој се удостоил да стане Божји пријател. Ти си залог на правилната вера. Ти го јавуваш милостивиот, човекољубивиот, оној којшто својот ближен го сака како самиот себеси. Ти го прославуваш оној којшто преодолеал во подвигот на добродетелта. Ти оној што само горното го бара го објавуваш како вистински заљубеник во Божјата убавина. Ти си верен и вистински сведок на високата чест на Божјата слава која им е од Бога дарувана на луѓето. Ти верно сведочиш за врската помеѓу земјата и небото. Ти си залог на идната Божја слава. Ти си сигурност на ветувањето за наследството на Небесното Царство, за кое нека се удостојат сите светители, сите Христијани. Амин.