Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Православната Охридска Архиепископија на различни начини го одбележува јубилејот 1000 години од основањето на Охридската Архиепископија. Оттука, по повод споменатиот јубилеј, канонската црква во нашата татковина, на јавноста ѝ го предочува и новото печатено издание - вториот том од книгата „Заради идното Царство“.

Ова, од еклисиолошки и историски аспект, скапоцено издание на Светиот Архијерејски Синод на Православната Охридска Архиепископија, е збир од документи, писма и текстови, кои го претставуваат историското сведоштво на Православната Охридска Архиепископија за единството и соборноста на Црквата во нашата татковина.

Првиот том „Заради идното царство“ беше објавен во 2005 година и неговата содржина го опфаќа временскиот период пред потпишувањето на Нишката согласност во 2002 год., сè до моментот на објавувањето на книгата, во 2005 година.

Овој втор том, пак, го опфаќа периодот од 2005 до 2018 година.

Како и првиот том, така и овој том, излегува со паралелен превод на англиски јазик.

Воведниот текст на книгата е студијата „Бесмислата на расколот, посматрана низ решетките на затворот“, на Неговото Блаженство Архиепископот охридски и Митрополит скопски г.г. Јован, пишувана во 2013 год., во времето на неговото повеќегодишно затворање, во затворот Идризово, во близина на Скопје.

Завршниот текст е пресудата на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, во однос на барањето за признавање на правен статус на Православната Охридска Архиепископија од страна на државата.

Текстовите поместени во двата тома објавени со ист наслов: „Заради идното царство”, сведочат за напорите и жртвите на Православната Охридска Архиепископија, а пред сè на Неговото Блаженство Архиепископот охридски г.г. Јован, за решавање на проблемот на долгогодишниот раскол на Црквата во Р. Македонија. Како што вели Архиепископот охридски г.г. Јован, во предговорот на книгата: „текстовите ќе сведочат дека е многу лесно да се направи раскол во Црквата, но дека многу тешко истиот се залечува. Потребни се многу години да се поправи она што некои од негрижа и заради други, па дури и лични интереси го растуриле.“

Книгата е достапна во пдф формат на следнава адреса: http://poa-info.org/mk/izdavastvo/knigi/kingdom2.pdf