Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Кон книгата „Заради идното царство“

Речено е: „Она што било, пак ќе биде, и она што се правело, пак ќе се прави – нема ништо ново под сонцето. Се случува за нешто да ви кажат: „ете, гледаш тоа е ново“; а, тоа веќе биднало през вековите коишто минале пред нас.“

Но, денес знаеме дека единственото ново нешто под сонцето е Христос. Оттука, ново е и сето она коешто живее во Христа. Затоа, и настаните кои заради човечкото непознание на црковната историја се повторуваат во сегашноста, содржат еден неповторлив, оригинален и блескав личносен печат и сјај.

Зар не го распнаа Архиепископот г. г. Јован и зарем не е вистина дека чеканите со коишто му ги коваа клиновите сеуште не одмараат во нивните раце? Зар учениците не излегоа од зад затворени врати бивајќи облечени со сила одозгора и вџашени од убост пред глетката на воскреснувачката Црква? И, зарем, покрај сета емпирија произлегувашта од незапирачкиот процес на повеста со којшто Бог го обдарил човека, првосвештениците и старешините на расколот не рекоа: крвта Негова нека падне на нас и нашите деца?

Речено е: „и сега ви велам – оставете ги овие луѓе на мир, не гибајте ги; зашто, ако е таа замисла или тоа дело од луѓе, ќе се разруши; а, ако е, пак, од Бога, вие не можете да го разрушите; внимавајте да не станете борци против Бога!“

Мерка за Црквата е единството; исто како што и мерката за светоста не е во индивидуалната, приватната светост туку во – заедницата. На човечката намера да се создаде црква по сопствен идеолошки терк се покажува дека ѝ е поминат рокот на траење и почнува да замирисува. Едноставно, не е нова. Новата реалност, пак, изострува и нов критериум за Црквата којашто како Феникс се издига од пепелта.

Зар комунистите не се обидоа да создадат македонска црква којашто се роди болна од аутизам? И, зарем до сегашни дни попусто не се измачуваат таа фиктивна, самозатворена и лажна реалност да ја одбранат со политичко-полициска сила? Зар Православната Охридска Архиепископија не е иљач, не од луѓе, туку од Бога за македонскиот изход вон од светот? Зарем не е напишано: „Ако светот ве мрази, знајте дека Мене светот уште пред вас Ме замрази?“ Зарем е возможно вистината да се докажува со насилие? Зар не е точно дека карактеристика на забревтаниот македонски неокомунизам е присуство на официјален верски дискурс којшто ги дисциплинира сите други дискурси? Зар претходното прашање не е портрет на Р. Македонија во еден потег? Зарем не е точно дека тоа е спротивно на демократичната публичност? Зар не е точно дека метадискурсот на пролетерската идеологија е минато, и дека насекаде, освен во нашата татковина, тече процесот да се нормира новинарскиот говор на завидно високо ниво? Зарем православната вера треба да се претвори во тоталитаристички дискурс? Зар Црквата не е вертикално пространство коешто се води според апсолутната вистина? Зарем не е точна констатацијата дека медиумите се хоризонталното пространство кадешто нема вистина постара од вчерашната вест? Зарем од гледна точка на вертикалното пространство, хоризонталното не е непрестана лага? И, оттука, зар Црквата и медиумите не се етички скарани и каква е потребата да не бидат?

Зар? Зар? Зар?...

„Заради идното царство“ е книга којашто за минатото говори низ призмата на иднината. На тој начин таа книга ја потврдува неопатристичката определба дека нашата планета има две обвивки. Првата е воздухот којшто го дишеме со животните, а втората е слободата којашто ја дишеме со ангелите. „Заради идното царство“ е книга на полни гради со слобода. А, токму пред таквиот испит на полнење на градите со слобода, пред којшто застанува секое поколение, денес е застанато и нашето. Испитот, пак, ќе покаже на која категорија луѓе припаѓаме: на Божји народ, односно луѓе коишто до саможртва ги љубат другите околу себе, или, сатанизирани луѓе коишто се љубат само себе си.

Книгата „Заради идното царство“ кристално бистро сведочи за Црквата како работилница на спасението. Во неа, од историско-есхатолошки аспект, за првпат на нашиве простори, разнебитени се предрасудите за Православието како идеологија и систем на идеолошки чувства под којшто, на сметка на Христократијата, може да се протнат и расколи, и комунистички декрети и политика за еднодневна употреба.

Црквата не е заедница на елитно друштво луѓе, ниту на оние коишто за себе мислат дека се безгрешни. Неа ја сочинуваат конкретни личности коишто во нивната смиреност и целосно отсуство на очај, имаат литургиско сфаќање за Црквата, и низ призмата на тоа сфаќање – пристап кон светот.

Книгата „Заради идното Царство“, согласно на зборовите на Апостолот е повик на судир. Повик на судир на говорот и мислата како одлика на секоја висока цивилизација. Таа не е повик на нечие истребување, како што тоа денес го прави нашата власт неползувајќи го дарот на размислување и изразување.

Во овој зборник на акти, преписки и документи ја согледуваме богатата и живописна кореспонденција на водечките луѓе во Православието. Во книгата се изложени ставовите на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Митрополит Скопски г.г. Јован, како и застапувањата и подршката којашто тој ја доби од Нивната Светост Патријарсите г.г. Вартоломеј, г.г. Павле, г.г. Алексеј, г.г. Игнатиј IV, на Атинскиот Архиепископ г.г. Христодулос. Во книгата се наоѓа и Нишкиот документ, а исто така и потписите на свештениците од велеско-повардарската епархија дадени во знак на согласност за пристапување во литургиска и канонска заедница со Православната Црква. За предочување се бројните интервјуа, протести и обраќања до личности од политичката јавност и медиумите во Р. Македонија. Во книгата се публикувани и ставовите и подршката којашто Архиепископот г.г. Јован ја доби од Советот на сите манастири на Света Гора Атонска, како и неговите обраќања и посланија по разни пригоди и незгоди од животот на Црквата во изминативе неколку години. Во книгата на еден брилијантен и студиозен начин Архиепископот г.г. Јован го изложува и богословско-историскиот аспект на расколот на Црквата во Р. Македонија и неговото надминување. Зборникот е збогатен и со голем број фотографии.

Конечно, ова историско дело чиишто корени се простираат во Осмиот Ден, претставува и повик на живиот живот на Црквата заради идното Царство.

For the Kingdom to Come / Заради идното царство


книгата Ви е достапна во pdf формат со големина ~9,5MB kingdom.pdf