Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Оваа година се навршуваат 20 години од воспоставувањето на канонското и литургиско единство на Православната Охридска Архиепископија со Српската Православна Црква, а преку неа и со сите останати православни Цркви во светот. Мал јубилеј за значајната историја на Црквата што се напиша во ова кратко време.

Вакви политички гонења какви што претрпевме скоро сите во нашата Црква, почнувајќи од Епископите, свештенослужителите, монасите, но и многумина од верниот народ, немало одамна. Но, да не заборавиме, вистинската Црква е основана на првомачеништвото Христово, утврдена е на мачеништвото на мачениците, а се восовршува преку современите сведочења за верата.

Современата историја на нашата Црква, пак, преполна е со сведоштва за жртвувања за единство во верата. Од тогаш, кога полицијата без никаква писмена одлука на судот во Република Северна Македонија, а само со одлука на расколниците нѐ изгони од последното мирно владеење на домот, беззаконието на властите, со „благослов” на расколниците не престана. Од тогаш поминаа цели 20 години, а напредокот на државата е рамен на нула.

Врвот на едно општество се критериумите што ги промовира и ги поддржува Црквата, а ако солта не е солена? Држава која ја гонела Црквата значи дека мижела пред препораките од сопствената совест, или пак се тешела со критериумите воспоставени од оние кои не се грижат дека се робови на расколот.

Во секој случај, за ваквата незаинтересираност на населението на оваа држава за единството на Црквата нема никакво логично објаснување. Црква без единство со другите Цркви не постои и треба поприлично да сме ограничени во умствените капацитети та да не сфаќаме дека Црквата постои за да направи единство на „многуте” со „едниот” Христос, тоа значи на сите створени битија со Бога, не постои за да соедини еден или двајца со Бога, па дури и еден цел народ со Бога, а сите други да отфрли. Затоа, нема спасение без единство со Црквата, која е една и единствена, а не е ниту секој човек посебна Црква, ниту пак секој народ може да има своја Црква која е независна од другите Цркви.

Црквата на овие простори отсекогаш, векови наназад била во единство со другите православни Цркви и секогаш останала во единство со нив. Само последниве педесетина години, безбожниот комунизам кој се мешаше во црковните работи, ја доведе Црквата на овие простори до амбис од кој е невозможно сама да се извлече. Наместо таа да биде врвен идентитет на верниците, многумина нејзини верници ја држат за последен идентитет од многуте идентитети што ги има секој човек.

Денес не живееме во безбожното социјалистичко општество, но критериумите за Црквата и кон Црквата на оние што биле на власт низ последниве 30-тина години, време колку што постои нашава современа држава останале да бидат наредбодавачки. Останале Црквата да ја третираат како канцеларија што треба да биде контролирана од властите.

Кога Православната Охридска Архиепископија, која пред 20 години се појави како независна Црква, каква што Црквата била и во многу понезгодни времиња, властите во нашата држава, слично како Ирод кој погуби многу младенци за да го убие младенецот Христос, се обидоа да ги сотрат сите членови на нашата Црква. Спроведуваа апсења, притворања, судски процеси, мене ме ставија пет и пол години во затвор, но што добија?

Конечна победа во борбата со Црквата до сега никој не забележал, особено на долговременски граници. Останаа гонителите, а пред сѐ властите во нашата држава без постигната цел да ја уништат Црквата, но тоа ги посрами, им го срози угледот и ги покажа пред сите на колку ниско цивилизациско ниво опстојуваат. Но, тоа не нѐ прави нас кои веќе 20 години ги трпиме пубертетските нагони на властите во нашата татковина, задоволни и надмени дека сме ги победиле. Подбивот што паѓа врз нив, паѓа и врз нас, зашто тие се власти во нашата држава и луѓето од другите држави за нас судат и нѐ оценуваат токму по постапките на власта. И ако тие постапки се незрели, какви што беа постапките на власта кон Православната Охридска Архиепископија, дури и нашите постапки да се зрели, луѓето даваат општа оцена за еден народ најчесто според постапките на властите во таа држава.

Овие лекции низ долгата историја на Црквата веројатно ги поминале и други држави и порано од нашите властодршци сфатиле дека секоја борба со Црквата води во неизбежен пораз на тие што ја гонат Црквата. Сега дојде редот на нашата млада држава и на несериозните властодршци кои ја владеат, но очигледно без капацитет да ја сфатат големината на човековата слобода.

Чест ми е на сите членови на Православната Охридска Архиепископија да им го честитам овој мал, но значаен јубилеј од кога официјално се раскрстува со влијанијата на безбожните комунисти во Црквата на овие простори, да ја честитам Новата 2022 година и на верниот народ да му посакам да го има Божјиот благослов и во годината што претстои.

Архиепископ охридски и
Митрополит скопски Јован