Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Чесно Патријаршиско Писмо до Неговата Екселенција г. Борис Трајковски, Претседател на поранешната југословенска Република Македонија 20.01.2004

До
Неговата Екселенција
господин Борис Трајковски
Претседател на
Поранешната југословенска
Република Македонија

Број на протокол 32

Ваша Екселенцијо,

Се молиме усрдно и од сета душа, во Новата година, за Вашата љубена и уважувана Екселенција, како и за благочестивиот народ на Вашата земја, да добие од Бога секаков благослов заради напредие и благосостојба во мир, слобода и правда, преку коишто човекот се издигнува, а доаѓа до израз и благовремената служба на општеството кон граѓаните во новата светска реалност.

Во овој дух се обраќаме до Неговата Екселенција, информирани, со основана вознемиреност за предизвиканите тензии меѓу верските заедници во Вашата земја, коишто не требаше да се случат. Тие го разгоруваат постојниот и познат јурисдикционен спор и го влошуваат конструктивниот дијалог за надминување на трагичните и болни делби од минатото.

На Вашата Екселенција добро и се познати претходните иницијативи превземени од Вселенската Патријаршија за надминување на црковната криза во односите помеѓу Белград и Скопје, затоа што оваа криза е во спротивност не само со свештениот интерес на Православната Црква, туку и со доброобмислениот интерес на Вашата земја.

Се разбира, нашите упорни иницијативи се уште не ги дадоа позитивните резултати коишто ги посакувавме и на кои се надевавме за возобновување на црковните врски, бидејќи црковните кризи, од една страна брзо се предизвикуваат, од друга страна бавно и со големи тешкотии се лечат, поради што и сегашново заострување на односите ги умножува проблемите во побудување на духот на еден конструктивен дијалог.

На Вашата Екселенција добро и е познато дека своеволното мешање на државната власт во ваквите внатрешни недоразбирања меѓу верските заедници ја зголемува тензијата и религиозниот фанатизам со што ја доведува во прашање надгледувачката улога на Државата, особено во едно мултикултурно општество. На тој начин, превземањето на полициски мерки, во вакви околности, секогаш се покажува, не само неефикасно туку и штетно за угледот на државната власт, особено во време на зголемена чувствителност во однос на заштитата на религиозните обреди и слободата на верските убедувања.

На Вашата Екселенција добро и е познато дека односот со законитоста и редот е специфично и сложено прашање за државната власт, особено при несогласувањата меѓу верските заедници, па затоа превентивниот дијалог се претпочита наспроти секаква репресија којашто го потхранува религиозниот фанатизам и предизвикува непредвидливи последици по општествената сплотеност на народот.

Од друга страна, меѓународните конвенции за заштита на верските слободи и за слободата на религиозните убедувања не треба да се превидуваат во кризите од овој вид.


Ваша Екселенцијо,

во тој дух и се обраќаме на Вашата Екселенција којашто веќе има дадено високи примери на конструктивни иницијативи, со цел да се побуди духот на дијалог меѓу религиите и културите, та преку Ваши нови иницијативи да бидат попречени екстремни опции во однесувањето со свештени лица и да се спречат несаканите тензии. Добро ни е познато дека и Вашата Екселенција е преокупирана со истата загриженост поради непредвидливите последици што доаѓаат оттаму, и затоа Ве уверуваме дека ќе го продолжиме со будна грижа поттикнувањето на конструктивниот дијалог за охрабрување на мирно решавање на постојните несогласувања.

Со оглед на тоа, имајќи цврста увереност дека Вашата Екселенција преку својата грижа посакува решавање на произлезените проблеми, кои не требаше да се случат, а кои и штетат на Вашата земја пред очите на глобалното јавно мнение, Ве уверуваме во нашите молитви за Вашето здравје и благосостојба и Ви посакуваме секаква поткрепа одозгора за продолжување на Вашата угледна функција, па завршуваме сега со љубов и секоја почит во Господа.

20 Јануари 2004,
На Вашата почитувана Ексeленција,
горешт молитвеник пред Бога,
+ Вартоломеј Константинополски