Кратко житие на светиот отец наш Лука лекарот и исповедникот, Архиепископот симферополски и кримски
Светиот Архиепископ Лука, во свет Валентин, од татко Феликс Војно-Јасенецки, е роден на 14/27 Април 1877 год., во Керц, на Кримскиот Полуостров. Семејното опкружување во коешто пораснал, било особено, бидејќи татко му бил римокатолик, а мајка му, иако православна, се ограничувала на добри дела, без дејствително да учествува во богослужбениот живот на Црквата. Многу рано се преселиле во Киев.
Во Киев, Валентин се одлучил да студира медицина. Дипломирал во 1903 год., и следел лекции по офталмологија.
Во 1904 год., со почнувањето на руско - јапонската војна, се нашол на Далечниот Исток, кадешто со голем успех работел како хирург. Таму се сретнал со Ана Василиевна - Ланскаја, негова идна сопруга со којашто добил четири деца. После завршувањето на војната работел во различни периферни болници. Неговите успеси биле толку многубројни, што гласот за него брзо се распространил и болните пристигнувале од секаде. Во тоа време вршел истражувања за локалната анестезија и составувал научни текстови. Се истакнувал со операциите на очите и одлучил да се занимава со терапија на гнојните рани.
Во 1917 год., Валентин бил избран за професор на Универзитетот во Ташкент. Руската револуција веќе има започнато и Црквата се нашла на удар на болшевиците. Состојбата била излезена од контрола. Тогаш Валентин бил уапсен за првпат. Причината била клеветата од еден болничар. Со Божја помош се открила вистината и лекарот бил пуштен на слобода. Но овој настан и покрај благопријатниот крај, ја вознемирил Ана, којашто веќе боледувала од туберкулоза, та нејзиното здравје се влошило до тој степен, што по неколку дена се упокоила. После нејзината смрт, лекарот ги доверил своите деца на Софија Сергеевна, една верна болничарка, којашто им станала втора мајка во текот на многу години.
Валентин бил голем верник и тоа доаѓало до израз при начинот на којшто работел. Тоа резултирало со создавање на првите отпори од страна на претставниците на атеистичката управа. Во меѓувреме на гонењата се придодава и раната од „живата црква“[1], којашто имала за цел да угоди на интересите на државата, разединувајќи ги клириците и верните, и оддалечувајќи ги од вистинската вера. Во тоа време на искушенија за Црквата, лекарот дејствително учествувал во животот на Црквата. Кога Архиепископот на Ташкент и Туркестан Инокентиј бил обвинет од шизматиците, лекарот со сите сили го заштитувал канонскиот поредок на Црквата. Архиепископот Инокентиј восхитен од дерзновението на Валентин му предложил да стане свештеник. Навистина, неговата хиротонија во ѓаконски чин се случила на 26 Јануари 1921 год., а една седмица подоцна бил хиротонисан за презвитер.
Летото 1923 год., „живата црква“ направила напад и го отстранила Архиепископот Инокентиј. Останувајќи во немилост на шизматиците, канонските свештеници и верниот народ на Ташкент, на местото на Архиепископот Инокентиј го избрале отецот Валентин Војно-Јасенецки. Неговиот монашки потстриг се случил тајно, во куќата на свештеникот-професор. Се проценило дека најприкладно име за новиот Епископ било она на Апостолот, Евангелист, иконописец и лекар Лука. Во продолжение отпатувал до Пенџикент за да биде хиротонисан за Епископ.
Овој настан не поминал незапазен, та многу брзо Епископот Лука бил уапсен. Обвинет е за предавство и бил затворен. Во затворот имал можност да го заврши својот „Труд за оперирање на гнојните рани“, којшто не бил отпечатен долги години и покрај неговата важност за лекарската наука, затоа што писателот настојувал на корицата да го пишува неговото архијерејско достоинство.
Во периодот на неговото отсуство, претставниците на „живата црква“ ги зазеле храмовите, но народот, верен на советите на својот пастир, не влегувал во храмовите. Заради неговото големо влијание, одговорните од ГПУ[2], одлучиле да го оддалечат Епископот Лука од Ташкент. Во мигот на неговото заминување, мноштво народ застанал на пругата пред возот, со цел да го оневозможи заминувањето. Народот бил отстранет од полициските сили, а Епископот Лука тргнал на далечниот и измачувачки пат на прогонството.
Затворен е во мизерни услови, во Москва. Таму се уверил во првите симптоми на срцевото заболување, коешто ќе го следи во текот на целиот негов живот. И покрај сите незгоди, однесувањето на Епископот кон сите заробеници предизвикувало почит дури и кај најголемите противници.
Иако лекарите потврдуваат дека состојбата на неговото здравје не го дозволува тоа, Епископот Лука заминал во прогонство во Сибир. Власта го поставува во градот Јенисиск, за подоцна да го испрати уште две илјади километри подалеку, во градот Туруханск. И во новото место на прогонство, не одбивал да ја принесува својата помош на оние што имаат потреба, и покрај сите неблагопријатни услови. Народот на Туруханск го примил со голема љубов и почит. Ова било доволно за безбожниците, коишто планирале ново прогонство за Епископот – лекар. Овој пат го пратиле над арктичкиот круг, во селото Плахино, кадешто за време на зимската рамноденица сонцето не изгрева. Здравјето на Епископот се влошило. Едно такво прогонство претставувало опасност за неговиот живот. Но, тоа била и целта на неговите гонители. Таму, во Плахино, отстрадал многу, колку заради временските неприлики, толку и заради однесувањето на жителите на областа. За среќа, два месеци подоцна, заради смртта на еден земјоделец, жителите на Туруханск, коишто немале лекар, се кренале и побарале враќање на Епископот. Властите немале друг избор освен да отстапат. Така, Епископот Лука, којшто во видение бил известен за крајот на неговото искушение во Плахино, се вратил во Туруханск и непречено го продолжил своето лекарско делување, уште осум месеци, се до крајот на неговото прогонство.
И покрај сите тешкотии со коишто се соочувал, никогаш не заборавил на своите деца и со нив одржувал контакти, колку што било возможно.
Во Краснојарск се појавил пред ГПУ за иследување. Таму, помошникот судија на Епископот му објавил дека може да оди каде што сака. Бил слободен. Како што било природно, Епископот тргнал за Ташкент. За жал, таму се соочил со клевети дури и од своите соработници, факт што го одвел во оставка од епископската катедра.
Во Ташкент продолжил со неговите човекољубиви дела, но неговите противници не престанале да бараат прилика за да го протераат.
Не задоцниле со изнаоѓањето причина, и Епископот повторно се нашол виновен пред партиските кадри. Овој пат целта била да го принудат да се откаже од неговото свештенослужителско достоинство. После исцрпувачки испитувања, откако поминал цела година во затвор, Епископот уште еднаш бил прогонет во северна Русија. Неговите активности таму, им пречеле не само на властите туку и на жителите. Наскоро, еден сериозен проблем со здравјето го приморал да отпатува во Ленинград.
После неговото опоравување, поминал низ еден долг период на искушенија. Претставниците на партијата го притискале Епископот да го напушти свештенослужењето. Во овој период на духовно испитание почнал да го губи видот на левото око заради откачување на амфивлистроидната прекривка. Исто така, „Трудот за оперирање на гнојните рани“ бил отпечатен без да биде напишано неговото архијерејско достоинство. Со време, повторно се здобил со внатрешниот мир што го имал изгубено, та поминал две мирни и спокојни години близу до неговите деца.
Епископот Лука имал шеесет години, кога го уапсиле по четврти пат. Од досието, коешто е зачувано во полицијата, можеме да ги дознаеме неговите активности. Од болните никогаш не земал пари, а својата плата ја давал на добри дела. Значи, ги помагал сиромашните, безработни и изгонети луѓе, коишто случајно ги запознавал. Неговите човекољубиви дејствија повторно им пречеле на властите, коишто го уапсиле и го протерале во Сибир.
Кога на 21 Јуни 1941 год., хитлеровата војска навлегла во Русија, Епископот – лекар, иако во прогонство, доброволно се пријавил да работи на лечење на ранетите. Партијата ја видела неговата вредност како лекар, та го назначиле за прв лекар на воената болница и советник на сите болници во областа. И покрај сето ова, условите биле мизерни, а истовремено не му признавале никакво граѓанско право.
Во пролетта 1942 год., се променил односот на општеството кон него, но и кон Црквата. Во сите руски области се отвараат храмовите и народот во нив наоѓа прибежиште од безумието на војната. За да се покријат постоечките потреби Епископот Лука бил назначен за Архиепископ краснојарски.
Германците се повлекуваат и Архиепископот бил префрлен позападно, во Тамбов. Во тоа време бил одговорен за 150 војни болници. За да му ги олесни задолженијата, Црквата го преместила во Архиепископијата Тамбовска и Мичуринска.
Во 1946 год., Архиепископот Лука бил награден со наградата „Сталин“ за херојската работа во Втората светска војна и за неговиот голем придонес во лекарската наука.
На седумдесетгодишна возраст постанал Архиепископ симферополски и кримски. Таму делувањето било тешко. Сиромаштијата имала земено такви размери, та тој бил приморан во својата куќа секојдневно да ги храни гладните од областа. Целосно се посветил на организирање на црковниот живот, бидејќи бил исклучен од сите научни собири. Правел натчовечки напори за да се отворат храмовите. Истовремено се обидувал да ја отстрани небрежноста и рамнодушноста на свештениците, нагласувајќи им дека истите треба да претставуваат пример за подражавање на верниците. Паралелно го вршел и делото на лекар, бесплатно принесувајќи им ги своите услуги на луѓето што страдаат. Следејќи го примерот на Богочовекот, целиот живот го поминал доброделајќи и лечејќи.
Со подобрување на односите помеѓу Црквата и државата, Архиепископот наоѓа можност да се врати на неговата сакана дејност т.е. проповедништвото. „Го сметам за основен мој архијерејски долг, да го проповедам секогаш и секаде Христа“, забележал самиот. Од неговите проповеди, запишани се 750, коишто се собрани во 12 томови (4500 страници), и означени се како „исклучителен феномен во современиот црковен живот и теологија.“
Пролетта 1952 год., се влошил неговиот вид, а во почетоците на 1956 год., Архиепископот Лука целосно ослепел.
Во 1953 год., Сталин бива наследен од Никита Хрушчов, којшто започнал со нов бран на гонења против Црквата, коишто својот врв го достигнуваат во 1959 година. Архиепископот се грижел за своето стадо и се обидувал да ги охрабри.
Во тоа време му пишува на најголемиот свој син Михаил: „се потешко е некој да управува со приликите во Црквата. Храмовите се затвораат еден по друг, не постојат доволно свештеници, згора на тоа нивниот број се повеќе се намалува... На некои места спротивставувањата стигнуваат до бунтување против мојата архијерејска власт. Не можам тоа да го поднесам на моиве осумдесет години. Но, со Божја помош го продолжувам моето тешко дело.“
Љубовта на народот кон Архиепископот Лука била очигледна. Дури и друговерците, и безбожниците го гледале со почит.
Архиепископот бил веќе осумдесет и четири годишен. Претчувствувал дека крајот му се наближува. На Рождеството Христово, 1960 год., свештенослужел Литургија за последен пат и во времето коешто му останало се ограничил само на проповеди. На 11 Јуни 1961 год., денот кога се прославуваат сите светии на светата Русија, се упокоил Архиепископот – лекар Лука Војно-Јасенецки. И покрај нагласеното спротивставување на партијата, погребот на Архиепископот се претворил во сенародно востание. Е. П. Леикфелт опишува: „патиштата се исполнија од женички со бели шамии на главите. Одеа полека-полека пред ковчегот на Владиката. Патот до гробиштата беше послан со трендафили и до портата на гробиштата се слушаше: Свети Боже, Свети Крепки, Свети Бесмертни помилуј не. Што и да му говореа на ова мноштво, колку и да се обидуваа да го замолчат, одговорот беше еден: го погребуваме нашиот Архиепископ.“
Во Ноември 1995 год., Архиепископот Лука е прогласен за светител на Украинската Православна Црква при Московската Патријаршија.
На 17 Март 1996 год., свечено е извршено пренесувањето на неговите мошти, коишто биле поставени за сенародно поклонение во храмот на гробиштата, посветен на споменот на сите Светии.
Три дена подоцна, на 20 Март 1996 год., светите мошти се пренесени во храмот „Света Троица.“ Определно е неговиот спомен да се чествува на 11 Јуни, на годишнината од неговото упокоение.
Од неговите свети мошти се излева едно неискажливо благоухание, а многу болни се исцелуваат преку чуда.
[1] „Жива црква“ – од 1922 год., движење на група свештеници од Санкт Петербург, коишто потикнати од поддршката на болшевиците, создаваат црковен раскол, со намера да ја ослабнат Црквата. „Живата црква“, како што се нарекувале, давала целосна поддршка на комунистичкиот режим, дејствувајќи против канонската Црква и Патријархот Тихон. За комунистичката власт била единствена призната црковна организација, со која комунистите се обидувале да ја разделат Црквата од внатре. Многу Архијереи се спротивставиле, а вистинските Православни Христијани останале верни на канонската Црква. Движечка сила на расколниците не била љубовта за човекот, но нивното самољубие и духот на гордоста. И во нашето современие овие симптоми се појавуваат повторно, измачувајќи го телото на Црквата и предизвикувајќи раскол и смут кај клирици и лаици. Тоа се случува заради недостатокот на православен, литургиски начин на живот, смирение, суштинско самопознание и расудување – најголемата меѓу доблестите.
[2] руски: Государственное политическое управление т.е. Државна политичка управа.