Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Кога Анастасиј (тоа е крстеното име на светиот Нектариј) имал 14 години, поради немаштијата на своите родители, како и отстуството на средно школо во неговото родно место, заминал за Цариград, надевајќи се дека ќе може таму да се школува, а и да спечали некоја пара за да го помогне своето сиромашно семејство.

Во Цариград, Анастасиј нашол работа кај еден трговец којшто не му плаќал доволно, па тој одел бос и со искината облека. Гледајќи како неговиот работодавец прима и праќа писма секојдневно, што за Анастасиј било нешто ново, тој, во својата детска наивност, се решава преку писмо да му се обрати на Христа Бога: „Христе мој, немам облека, ниту чевли. Те молам испрати ми ги. Знаеш колку те сакам. Анастасиј.“ Го затворил писмото и со увереност ја напишал адресата: „до Господа Исуса Христа на Небесата“, па се упатил кон поштата. По пат го сретнал еден трговец од соседниот дуќан, којшто исто така тргнал да испраќа писма, и го прашал каде оди. Дознавајќи дека и малиот Анастасиј оди на истото место, трговецот му го зел писмото, ветувајќи дека тој ќе го испрати. Анастасиј без размислување му го предал пликото и радосен се вратил на својата работа.

Кога трговецот ја видел адресата на примачот на писмото, се зачудил, и го отворил да го прочита. Потресен од неговата содржина, одвоил неколку новчаници и ги затворил во плико за малиот Анастасиј.

Голема била радоста на Анастасиј кога го добил овој одговор од Бога, па благодарејќи Му, ги искористил парите да си го купи тоа што му било неопходно.

Но, новата облека на момчето не останала незабележана од неговиот работодавец, кој мислејќи дека детето украло пари од него, решил да го отпушти, а пред тоа, секако да го дисциплинира со – ќотек. Анастасиј попусто се бранел викајќи: „никогаш во животот не сум украл!“

За среќа, вревата ја чул трговецот од соседниот дуќан, кој го избавил детето од ударите, откако одвлекувајќи го неговиот работодавец на страна, му објаснил на од каде му се парите на Анастасиј.