Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Четириесетница се дотркала и веќе расцвета великиот владички пост, пролетта на Христијаните според зборовите на Паладиј, биографот на светиот Јован Златоуст, бидејќи тогаш религиозната година почнуваше со празнувањето на Пасха. Никаде во христијанскиот свет воскресението на Спасителот, празникот над празниците, не се прославуваше поторжествено отколку во Константинополис, во митрополитскиот храм Света Софија. Таму доаѓаше и царот со најголема официјалност, заедно со неговото семејство и неговите дворјани, за да земат учество во светите тајни. Од времето на основање на христијанскиот Рим, беше зачуван овој обичај, кој никој од наследниците на Константин Велики, со исклучок на Јулијан, не го прекрши. Па, така и Аркадиј се покажа верен пазител на овој обичај. Но, што би направил тој за празнувањето на Пасха што се наближуваше? Почна да го вознемирува таа мисла. Од неговиот став и говор можеше некој да се посомнева дека подготвува некаков таен план.

Дворецот беше вознемирен. Поттикнати од царицата, една група Епископи возглавени од Антиох отидоа кришум да го побараат Аркадиј за да го наклеветат Јован. Му кажаа дека е должен пред да започнат светите денови, да го оддалечи од Црквата Јована, зашто тој е расчинет и одлачен. Му рекоа да не комуницира со него ни тој самиот, ниту неговото семејство, ниту верниот народ, и доколку не го направи тоа, тој ќе ја понесе одговорноста. Сè уште не беше соопштена одлуката од Соборот. Но, Eпископите, сепак, претполагајќи го гласањето на секој член, сметаа дека можат да потврдат оти Јован е осуден. Го уверуваа царот и тој поверува. А Паладиј се запрашуваше себеси: „Зарем беа Eпископи оние што го потврдија тоа? Како да се посомнева дека може да лажат оние кои се испратени да го учат народот за вистината?“

Поткрепен од тие потврди, Аркадиј, испрати еден од неговите офицери при Архиепископот за да го извести дека веднаш треба да ја напушти Црквата.

- Не можам да го направам тоа - одговори смирено Златоуст. Ја примив оваа Црква од Господа, мојот Спасител за да се грижам за паствaтa и нема да ја напуштам.

Но, офицерот продолжи да настојува, па Архиепископот додаде:

- Ако царот сака да ме изгони ќе мора да употреби сила, бидејќи градот е негов. Насилството ќе биде моето оправдување пред Бога. Но, никогаш нема да заминам по своја волја.

Одговорот беше јасен. Познат беше непоколебливиот карактер на Златоуст. Офицерот му го пренесе одговорот на царот и не преостануваше ништо друго, освен војниците на царот со сила да го изгонат. Но, Аркадиј немаше храброст за тоа. Илјада пати се колебаше за на крај да донесе друго решение. Го испрати повторно неговиот офицер да му објасни на Архиепископот дека царот не мисли да го стави во затвор, туку да остане затворен во зградата на Архиепископијата, но со забрана да се појавува во храмот. Златоуст го послуша. Беше применета принуда, ако не материјална, тогаш морална. Архиепископот се повлече за да избегне голем скандал пред храмот.

Оваа идеја на Аркадиј да употреби средно решение беше помалку чудна. Сеќавајќи се на земјотресот кој се случи после првото заточение на Архиепископот, помисли: „Ова што ми го предлагаат Епископите или му се допаѓа на Бога или Бог го осудува. Ако Бог го одобрува тоа, ќе размислам што би правел понатаму, а ако го осудува, пак, ќе ми покаже со некое чудо. Во овој случај, бидејќи не употребив сила, туку напротив, го задржав Јован блиску до неговата Црква, би можел повторно да го востановам додека сè не се среди.“ Треба да се признае дека таквиот заклучок беше многу детинест. Меѓутоа, тоа ни го пренесуваат и историчарите. Едно остарено дете се обидуваше да ја прелаже Божјата праведност.

Чудото што Аркадиј го очекуваше не се случи, па тој се успокои. Но, Архиепископот, кој се согласи да биде затворен во зградата на Архиепископијата, го изгризе совеста. Страсната седмица, во која се случуваа подготовките за Пасха, налагаше извршување на должностите, особено на епископските, главно на Велика Сабота, која во раната Црква, како и навечерието на Педесетница, беше посветена на покрстување на катихумените. Во воведувањето на катихумените во христијанскиот живот, обично началствуваше Епископот кој во текот на целата година ги подготвуваше со своите проповеди. Па, така Златоуст знаеше дека над три илјади катихумени ќе дојдат на Велика Сабота во крстилниците на митрополитската црква за да бидат крстени. Како што наближуваше тој момент, тој жестоко се обвинуваше самиот себеси за пропуштање на својата свештеничка должност и напуштање на својата паства. Добриот пастир и својот живот би го дал, а тој, за да избегне едно зло, прифати друго, уште поголемо. Па, затоа, одлучи да отиде во својата црква токму на Велика Сабота, за да ја изврши својата епископска должност.

И навистина, на Велика сабота, уште рано наутро, Архиепископот ослободувајќи се од заробеништвото отиде во храмот. Илјадници катихумени наредени во припратата го чекаа часот на крштевањето. По неговото доаѓање службата започна. Стражарите на коишто строго им беше забрането да употребуваат сила, не се осмелија да го спречат, туку истрчаа во палатата на царот за да ги известат неговите офицери. Аркадиј силно се вознемери од тоа што го слушна. Но, уважението за овој голем ден го спречи да употреби сила. Освен тоа, се исплаши од надоаѓањето на народот од сите делови на градот и предградијата кој иташе кон Света Софија. Тогаш ги повика кај него Антиох и Акакиј, ги извести за случувањата, и енергично додаде:

-Зарем не гледате дека не ме советувавте како што треба? Сега кажете ми барем, што ми остана да направам?

Разгневените Епископи одговорија дека го советувале само да го направи вистинското, затоа што Јован не е веќе Епископ и нема право да чиноначалствува со Тајните. Па, така, останувајќи на неговата осуда, рекоа: - Судот негов го земаме на себе.

Јудеите, кога од Пилат бараа да го распне Исус Христос, рекоа: „Крвта Негова нека падне на нас и на нашите деца“ (Матеј, 27,25). Тоа беше истата свест, но не беа исти зборовите. Нивната изјава го смири царот и тој сметајќи дека се ослободил од обврската да делува неисправно, им нареди на своите војници да отидат веднаш во црквата, да го извлечат оттаму заробеникот и повторно да го однесат во зградата на Архиепископијата. Војниците заминаа да ја извршат наредбата.

Во дворот на Света Софија службата веќе беше почнала. Се читаа егзорцизмите, се осветуваа елејот и водата, ѓаконите и ѓаконисите беа на своите места принесувајќи ги одеждите, а катихумените, еден по друг, пристапуваа кон светото крштение. Тогаш се слушна страшна врева од пред портите на црквата и група војници со мечеви во рацете ја преплавија надворешноста на храмот. Најпрво го фатија Архиепископот и покрај неговото противење, грубо го извлекоа за да го однесат повторно во изолација. Потоа, откако се разделија на два дела, едни се вдадоа накај крстилниците, а други во нартексот на црквата кон средината на храмот и олтарот.

Оние што влегоа во машката крстилница, ја испразнија грубо удирајќи ги новокрстените и клириците. Многумина пострадаа во тој судир. Еден сведок, очевидец на тој настан, додава: „Водите за повторното раѓање на луѓето станаа црвени од човечката крв“.

Во женската крстилница глетката беше уште пожалосна. Кутрите тие, полуоблечени се разбегаа насекаде по црквата преплашени и испуштајќи страотни крици. Дури, видоа една жена како избезумена од страв се втурна низ толпата и така гола трчаше по градските улици.

Војниците, коишто го пробиваа патот низ народот, ги обија дверите на храмот, та внатре извршија тешки сквернавења. Сеќавањето на нив доведе до тоа и половина век подоцна црковните писатели со негодување да раскажуваат за овие настани. Мнозина од тие груби војници беа идолопоклоници. Ја пружија тие нечестивата си рака по Светите Дарови, и Крвта на Божествената Евхаристија се излеа врз нивните алишта. „Ќе замолчам“ - извикува историчарот Созомен на оваа тема, „за да не им го откријам на неверните страшното наше Таинство.“

Катихумените и клириците, коишто беа истерани од црквата, беа на мисла да се соберат на друго место. Решија да се соберат во Константиевите терми, каде би ја завршиле крштелната служба. Оваа вест се пренесе од уста на уста. Набрзо се собра огромен број на Христијани од секоја возраст и општествен слој.

Јавните бањи, изградени од Константиј, синот на великиот Константин, беа најпространи во градот, бивајќи сместени во една од најгусто населените негови области. Така, катихумените побегнаа таму заедно со своите свештеници и ѓакони. Доаѓајќи до тоа место, ги благословија водите во бањата, ги положија сите служебни сосади, па тоа осквернето место се престори во црква. Врз еден жртвеник, кој беше подигнат на брза рака, го продолжија совршувањето на Светите Таинства токму од она место, каде што вооружената сила ги имаше прекинато. Псламопевот што се излеваше и надвор, како и вестите, кои насекаде се ширеа, придонесоа таму да се срои огромно мноштво Христијани.

Тоа што се случи ги замрси лукавите планови на Севиријан и неговите содружници, коишто сакаа крштевањето да го извршат клирици од нивниот табор. И така, вознемирен, тој фати пат за Света Софија. Поитаа, значи, да се сретнат со управителот, за да го убедат со сила да го растури непослушниот народ. Велеа дека Јован ги има поттикнато да се соберат, само за да пројави непослушност кон автократорот, та додадоа:

- Нема повеќе началник, нема веќе власт. Јован тука е началник и господар.

Управителот Антемиј, на кого му говореа, беше човек умерен и искрен. Иако му беше верен на царот, ги осудуваше дворските сплетки, и целосно му беше посветен на Златоуст. Молбата на Епископите воопшто не му се допадна.

- Доцна е - им кажа. - Уште малку, и ќе се спушти ноќта. Велат дека бројот на луѓе е значителен, и употребата на сила може да донесе несреќа.

Акакиј, којшто говореше од името на другите, остро одговори:

- Доколку не ги растуриме, ние самите, советници на автократорот, ќе излеземе измамници, бидејќи го убедувавме – што е и вистина – дека народот го мрази Јована и не сака повеќе да го има за Епископ. Ако царот излезе од својот дворец, та ја види црквата празна, а народот собран на друго место, ќе помисли дека сме го измамиле и ќе нè смета недостојни за неговата доверба. Следствено, она што треба да се стори е многу едноставно. Треба да се растури оваа парасинагога и да се извести прелажаниот народ дека местото му е в`храм, каде на секој начин треба да биде принуден да се врати.

Антемиј добро знаеше каква казна од царот можат Акакиј и неговите пријатели да му донесат, и каква опасност во овие околности би претставувало отворено одбивање.

- Чинете како што ви е угодно - им рече. - Вас ќе ве сметам за одговорни. Одете да земете еден од моите офицери, Лукиј. Спроведете ја со него намерата, меѓутоа најважно е да не применувате насилство.

Лукиј раководеше со четата на дворски стражари. Се нарекуваа тие и Скутарии (од латински scutum – штит), поради штитовите, кои им беа знак на распознавање. Оваа чета беше засилена со новособрани Тракијци, недоделкани селани, речиси варвари, коишто во голема мера беа и идолопоклоници. Впрочем, и самиот Лукиј беше идолопоклоник, груб војник, но совесен во службата. Напатствијата, пак, од Антемиј му порачаа нему воопшто да не употребува оружје против невооружени луѓе. Следствено, реши да се упати кон мноштвото народ собран во термите, оставајќи ги речиси сите војници пред портата. Им кажа на собраните Христијани, колку што можеше поблаго, дека таму не е пригодно место за крштевање и совршување на Таинствата, дека црквите се напуштени и дека најдобро би било да си се вратат заедно со свештениците. Тоа го сакаше и царот. Меѓутоа, говорот на полководецот на Скутариите не вроди со плод. Катихумените не се ни помрднаа од крстилниците. Псалмопевите продолжија, а народот започна и да му се потсмева. Овој, пак, налутен и вџашен си замина. Колку што можеше, ги послуша наредбите од управителот.

Во палатата, каде што се врати со своите војници, го најде Антиох како го чека. А тој, изнасилено и подбивно му се нафрли со зајадливости, велејќи:

-Што? Дозволивте да бидете исмеани иако со себе имавте војници? А појдовте да исполните заповед од автократорот? Каква тогаш благонаклоност се надевате да добиете?

Потоа му упати попримамливи ветувања за унапредување доколку употреби подобра тактика. Му говореше „со златни думи“, како што вели Паладиј. Во две реченици го запозна со своите идеи, а војниците ги подмити со подароци, та го упати Лукиј да појде во втор поуспешен потфат.

Лукиј, сепак, не сакаше да замине без да има со себе првенци од клириците, коишто ќе го водат и заштитат, преземајќи ја одговорноста врз себе. Антиох, пак, му даде ѓакони што му беа посветени нему. Потоа, предводена од оваа мешана група од офицери и клирици, четата на Скутариите повторно тргна кон Константиевите терми.

Овој пат немаше никакво предупредување или обраќање. Лукиј, збеснат до лудило, упадна во средишната крстилница вооружен со копје, растерувајќи ги оддесно и одлево катихумените. Со еден силен удар по раката на ѓаконот, кој ги помазуваше крштеваните, го истури светото миро во водата. Потоа бесчувствено го турна свештеникот што ги вознесуваше молитвите на Тајната. Старецот, паѓајќи си ја расцепи главата, та крштелните води се наполнија со крв. На еден знак војниците се нафрлија бездушно. Едни поитаа кон соблекувалните на жените, каде што ги крадеа облеките и накитот. Други, пак, се втурнаа кон Жртвеникот и ги разграбаа плетените ткаенини и свештените сосади. Свештениците, облечени во свештените одежди беа тепани и газени. Жените беа псуени, а мајки со деца завршија убиени. И целиот народ беше принуден да бега и да се распрсне. Со мечови беа гонети по улиците. Никој, меѓутоа не влезе во црквите.

Утрото во тој тажен ден, на Велика Сабота, настана една премногу печална глетка. Четириесет или четириесет и двајца Епископи, кои беа на страната на Златоуст на Соборот, се обидоа за последен пат да го спасат. Само што дознаа дека царот и царицата беа по обичај во посета на Мачениците (имено, така во првата Црква се нарекуваа храмовите и параклисите, каде што се положени телата на Светиите, кои пострадале за Верата), ја искористија таа прилика да му се приближат на автократорот. Паднаа пред неговите нозе и со солзи го молеа да се сожали на Христовата Црква, најповеќе заради претстојната Пасха и катихумените, кои го исчекуваа крштението, та да им го пушти Епископот. Царот нив ги сослуша, меѓутоа царицата со презир ги испади.

Тогаш, еден од нив, Павел, Епископот кратејски, стана и викна огорчен:

- Евдоксијо, имај страв од Бога и жали за децата свои! Немој со крвопролевањата да го сквернавиш празникот Христов.

Царицата само ги одмина. Вознемирените Епископи се упатија на различни места. Некои кон своите живеалишта, други да ја исплачат несреќата што ја снајде Црквата, а трети пак, да ги извршат своите свештенички должности во нивните домови, плашејќи се да не се осквернат во храмовите каде што сега господареа гонителите.

Откако се случија и првите притворања во ноќта, верниот народ се распрсна од Константиновите терми. Верниците се упатија во различни правци. Тие, заедно со нивните истомисленици, организирани во групи се упатуваа кон едно поле, надвор од населеното место, за таму да продолжат со светата Литургија на Велика Сабота, која според стариот типик завршуваше пред пропејувањето на петлите. Една од тие групи којашто беше сочинета од околу илјада мажи, жени и деца, меѓу кои беа и катихумените со бели хитони, се смести во едно поле блиску до местото Пемпто. Местото се викаше така бидејќи таму се наоѓаше петтиот милјоказ од плоштадот на Константинопол. Следниот ден, на Пасха, рано изутрина, царот заедно со неговата свита, одејќи на неговата вообичаена прошетка надвор од ѕидините на градот, ги препозна луѓето собрани на ливадата. Белите хитони на катихумените блескаа со првите зраци на сонцето.

-Кои се овие луѓе? - љубопитно го праша еден од офицерите од неговата свита.

-Следбеници на некоја ерес кои се собрале овде за да ја заштитат Црквата, одговори офицерот.

-Да ги изгоните одовде и да ги уапсите нивните учители - рече царот.

Војниците кои беа испратени да ја извршат наредбата на царот галопирајќи се упатија кон невооружените верници и ги нападнаа како да се некоја непријателска војска. Мажи, жени, деца, свештеници, сите беа соборени на земја и почнаа да ги газат со коњите и силно да ги удираат со копја и мечеви. Беа уапсени свештеници и новокрстени. Војниците се симнаа од коњите и почнаа да ги ограбуваат богатите луѓе кои ги носеа своите празнични облеки. Ги грабаа од жените ланчињата и обетките „при што им се отсекуваа краевите од ушите, за да заминат поскоро“ - раскажува Палдиј, современикот на тие случувања. Ги парчосуваа и грабаа хитоните и мандиите, бидејќи беа направени од скапи материјали. Една убава и богата жена, сопруга на Елефтериј, богат граѓанин на Константинопол, ја соблече својата и зеде облека од нејзината слугинка, и така успеа да се спаси од нападите на војниците. Кога завршија со пљачкосувањето, војниците триумфално се вратија во градот натоварени со пленот. Позади ги влечеа свештениците и катихумените оковани во пранги, носејќи ги во затворот.

Случувањата од Пемпто се проширија во сите делови од областа. Верниот народ, постојано гонет, настојуваше повторно да се собере на едно место. Се договорија да се соберат надвор од ѕидините, кај еден голем хиподром, изграден од Константин Велики, наречен, на грчки Ксилокеркос. И таму беа опколени.

Избувна граѓанска војна, војна против невооружениот народ. Насилствата од војската беа заменети со гонења и распитувања од страна на полицијата која правеше претрес по домовите за да ги уапсат оние кои тајно се собираа. И најмал сомнеж да постоеше, ги затвараа приврзаниците на Архиепископот кои почнаа да ги нарекуваат Јованити - раскажува Созомен - како да се дел од некоја ерес надвор од Црквата. Затворите беа полни со верници и клирици, кои беа обвинети за престап. Но сите тие со големо трпение го примаа гонењето заради нивниот пастир, којшто во нивните очи беше олицетворение на архијерејската праведност и вера. Штом ќе се најдеа овие чудни „престапници“ во затворот, веднаш започнуваа да пеат псалми, а ако имаше и некој свештеник, продолжуваа со извршувањето на светите тајни. „Затворите беа тогаш вистински цркви, а храмовите станаа места на нечестивоста и богохулењето” - кажува Паладиј. Затоа и верниците тогаш се оддалечија од црквите сметајќи дека се осквернети, освен ако имаа надеж дека таму можат да најдат некој клирик близок на Златоуст.

Ова е извадок од книгата: St. Jean Chrysostome et l’imperatrice Eudoxie, la societe chretienne en Orient, од S.D. Amedee Thierry, но многу настани опишани во неа како историја се повторуваат и во наше време. Променети се само гонителите и гонетите. Некогаш гонители биле царот Аркадиј и царицата Евдоксија, а гонети биле Св. Јован Златоуст и неговата Црква, денес, пак, гонителот е тоталитаристот Бранко Црвенковски, а гонети се Архиепископот Јован и неговата Црква. Сè друго како да се пресликало.