Владета Јеротиќ
Човекот и неговиот идентитет
Од првиот момент се чини необично, но класичната психоанализа не го познавала проблемот на идентитетот. Дури по 1930 год., Фројдовиот ученик Ото Фенихел укажал на големиот број пациенти со неодредени симптоми, каде што во болниот психички процес, очигледно било вклучено само нивното Јас. Значајниот американски психотерапевт, Ерих Ериксон, во својата, можеби најдобра, книга: „Детството и општеството“ од 1950 г. (преведена на 11 јазици), пишува дека нашиот денешен интерес за проблемот на идентитетот настапил кога самиот идентитет станува проблематичен. А што претставува идентитетот?
Иако субјективната содржина на нашето доживување постојано се менува, некое јадро на нашата личност, кое што тешко може да се опише, останува секогаш исто наспроти сите промени на кои сме подложни однадвор, но и на оние, кои самите ги создаваме. Ова јадро на нашата личност, на кое луѓето од дамнини му даваат различни имиња, ни дава чудна сигурност и извесност дека нашето Јас, или субјектот, во широк спектар од чувствувања, забележувања, слики и дејства, практично во текот на целиот свој живот, останува со себе идентичен. Интересно е дека ова чувствување на идентитетот, е потрајно доколку човекот доживува почести и поинтензивни внатрешни или надворешни промени. Како тие промени да се услов за стабилноста на ова чувство. Напоредно со доживувањето на оваа постојаност, непроменливост, речиси вечното траење на ова јадро во личноста, и светот со сите свои промени (брзи или бавни), се доживува идентично на себе.
Оправдано се поставува прашањето, дали ова наше чувствување на идентитетот, на себе, како на невидлив субјект, така и на светот, како објективна стварност, е илузорно и во тој случај, дали тоа исполнува некоја одредена цел во човековиот живот. Зарем не се менува сè околу нас постојано, зарем не се случуваат лични и светски катаклизми, зарем во минатото не исчезнале цели континенти, на крајот, зарем човекот не умира?
Состојбите кои темелно ја менуваат стварноста, така што субјектот веќе не е во состојба да го доживува светот идентично со оној кој претходно го познавал, американскиот психотерапевт со германско потекло, Курт Ајслер ги нарекува – мутации. За пример, таква мутација во психопатолошки облик се случува на почетокот на некои шизофрени психози, потем во некои мистични преобразби, и најчесто при смрт на некоја особено сакана личност. Во сите наброени случаи, посебно во случајот на смрт на саканото битие, нашето чувствување на идентитетот е сериозно загрозено и ние мораме да се браниме, за повторно да се воспостави разнишаната рамнотежа на личноста, онака како што треба. Оваа рамнотежа (остануваме кај доживеаната болка за време на смртта на близок човек) се воспоставува побрзо и подобро, доколку чувствувањето на идентитетот кај човекот било претходно и темелно утврдено. Очигледно е дека она јадро во личноста кое го дава чувството на трајност и непрекинатост, иако е кај сите присутно, не е кај сите подеднакво силно. Во ваков случај, кон човека итаат на помош разни други одбранбени механизми, помеѓу кои и невротичната симптоматологија и невротичната идеологија кои се обидуваат, со помалку или повеќе успех, да го заобиколат, прескокнат или ублажат чувствувањето на мутацијата, која за човекот е секогаш заканувачка, зашто го исфрла од сигурното и познато корито на дотогашната егзистенција.
Ако човек во однос на своите лични мутациони доживувања кои го загрозуваат неговото битие, се брани успешно, или со она што е најдлабоко во него, или со филогенетски најстарото (Јунг би кажал дека тоа е архетипот на спасител во човекот, т.е. во неговото Јаство), или му оди помалку успешно, но сè уште целисходно, со механизмот на порекнување, лично одрекување, рационализирање, во најдобар случај со сублимирање на мутационото случување, се запрашуваме како човекот се однесува пред мутациите на историските случувања кои бараат „превртување на сите вредности“.
Изгледа сè потешко е да се одржи чувствувањето на идентитетот на светот во човекот, исправено и стабилно, во современите услови на живот, особено по преживеаните револуции, но и пред идните кои допрва се закануваат. Постојан извор на закана и страв во човекот претставува жестокото доживување на дисконтинуитетот на светот. Неговите одбранбени сили кои мирно можеме да ги наречеме конзервативни (и во позитивна и во негативна смисла на зборот), потешко воспоставуваат континуитет на случувањата, не само на личен план, туку и на општествено–историски. Смртта, за мал број луѓе денес е премин „од едни, на други мајчини гради“, како што била за Тагоре и безброј, сосем обични луѓе. Стравот од смртта денес е пораснат дотаму, што човек против него успешно може да се бори, само ако со сета сила ја пронајде извесноста дека помеѓу минатото и сегашноста не постои никаква бездна. Чувството дека минатото и сегашноста се идентични, опфаќа несвесно убедување дека овој идентитет ќе се протегнува и во иднината. За да се заштити од уништување и смрт, човековото Јас и на личен и на социјален план, императивно бара „сè да остане по старо“. Трагичното недоразбирање настанува во моментот кога се испоставува дека тоа „старото“ за едни било добро и пробивно, додека за други е крајно лошо и штетно. И така, едни грчевито го бранат временскиот континуитет на доживеаното, заборавајќи на тоа дека човекот е Прометеј, но и паднат Луцифер, а други бараат рушење на секаков континуитет, заборавајќи дека човекот не е tabula rasa и „апсурдно битие осудено на слобода“.
Во основата на сите големи револуционери во светот, не лежи само Прометеевата гордост, туку и Прометеевата храброст активно да ѝ се спротивстави на Моира, божицата на судбината, со современ Ајслеров речник кажано, да се спротивстави на неочекуваните, неповикани, страотни мутации, од престоечката човекова историја. Наместо луѓето пасивно да восприемаат мутации од разни видови, човекот – револуционер, се занесува во врвен занес: сам да произведе мутации (овде неминовно се наметнува асоцијацијата од подрачјето на современата генетика, во кое, човекот исто така произведува мутации).
Голема е битката во човекот и за човекот. Очигледно е дека, доколку во човекот и човештвото слабее оној вид идентитет кој од една страна, на негативно конзервативен начин ги одржувал животните мени на веќе сериозно трулиот континуитет на минатото, а од друга страна на позитивен начин ја потврдувал смислата на човековото постоење и траење, сè посмели и поопасни се човековите пронаоѓања и дела кои се движат надвор од границите на вековно посведочениот континуитет.
Распнат помеѓу духот на потврдувањето, кој стреми кон одржување на својот идентитет и идентитетот на светот, негирајќи ја смртта, и духот на одрекувањето кој навидум, прифаќајќи ја смртта тежнее кон мутација на некогашниот идентитет, вознесувајќи се себе си како господар на небото и на земјата, кој веќе денес е во состојба да разори еден свет и да создаде еден нов – човекот се наоѓа пред пресвртница и избор.
Пред еден послободен и поличен избор...
Превод од српски јазик:
Маја Дамјанска
извор: rastko.rs