Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

Зошто се вели дека на Црквата ѝ е потребна мисија, кога св. Серафим Саровски вели: „спасувај се себеси и ќе спасиш уште илјада покрај себе“?

Одговор:

Од „Концептот на мисионерска дејност на Руската Православна Црква“, усвоен од Светиот Синод и Светиот Собор на Руската Православна Црква:

Мисијата (сведоштвото) — проповедта заради будењето на верата — ѝ припаѓа на самата природа на Едната Света Соборна и Апостолска Црква и претставува проповедање на Благата вест на целиот свет: „Одете по сиот свет и проповедајте го Евангелието на секое создание“ (Мк. 16, 15). Таа е устроена за спасение на секој човек.

Православната Црква се именува Апостолска, не само заради тоа што членовите на Црквата „се утврдени на темелите поставени од Апостолите“ (Ефес. 2, 20), туку особено и затоа што низ неа проповедта на Апостолите на Исуса Христа продолжува до денес. Таа постојано расте како едносуштна на онаа Црква којашто се родила во денот на Педесетницата, кога се крстиле „околу три илјади души.“ (Д. Ап. 2, 41)

Мисијата, како и апостолството, отсекогаш претставувала една од главните обврски на црковните луѓе како исполнување на заповедта на Господа кон Своите ученици: „одете и научете ги сите народи, крштевајќи ги во името на Отецот, и Синот и Светиот Дух, и учејќи ги да пазат сè што сум ви заповедал.“ (Мт. 28, 19–20)

* * *

Православната мисија има пред себе задача не само да ги научи народите, просветувајќи ги со вероучителните вистини и воспитувајќи ги за христијански начин на живот, туку во најголема мера таа е насочена кон предавањето на опитот на заедничарењето со Бога, со посредство на личното човеково учество во мистичниот живот на Литургиската заедница. Сепак, благовестието на Црквата е сведоштво за Христа како за Воскреснатиот Господ и е вовед во светот на Неговото Царство — новото небо и новата земја (Откр. 21, 1), коишто се откриваат во совршувањето на Евхаристијата.

Проф. Д-р Јуриј Максимов:

Во што се состои нашата љубов, ако ние десет години се поздравуваме со нашиот сосед, се смешкаме, но ниту еднаш не сме му рекле ниту еден збор за Бога, а штом влеземе дома и мислиме, заради тоа што кај нас висат икони и стојат православни книги, заради тоа сме православни!? Тоа не е Православие!

И преподобниот Серафим Саровски им проповедал на расколниците, кога доаѓале кај него, тој директно им говорел: „без Црквата нема да се спасите.“ Тој ги повикувал во Православната Црква. Што е тоа, ако не мисија?