Човековите права и етичката одговорност
Последниве години во областа на човековите права се развиваат тенденции, кои од верниците се оценуваат, во најмала мерка, како двојни. Од една страна, човековите права му служат на доброто. Не треба да се заборави дека религиозните општини од социјалистичкиот блок се ослободија од окoвите на безбожието токму под влијание на таа концепција на општествено мислење. Освен тоа, човековите права им објавуваат војна на различните злоупотреби, на понижувањата и злото, кое во општеството се врши против личноста.
Но, од друга страна, ние стануваме сведоци, дека под концепцијата на човековите права се прикриваат лага, неправда, повредување на религиозните и националните вредности. Освен тоа, во комплексот на права и слободи постепено се инволвираат/интегрираат идеи кои се противречни не само на христијанските, туку и воопшто, на традиционално етичките претстави на човекот. Последново предизвикува особена опасност, бидејќи зад човековите права стои принудителната сила на државата, која може човекот да го принудува да прави грев, да сочувствува со гревот или да му попушта заради банален конформизам.
Сето ова ја преместува темата на човековите права од чисто политичката област во областа која ги засега прашањата на животот и судбината на човекот, или кажано на црковниот јазик − спасението на човекот. Напомнувам, дека сотириологијата или учењето за спасението е во центарот на христијанската проповед. Во врска со тоа, за свеста на верникот е важно да се одговори на следните прашања: Дали признавањето и следењето на нормите на концепцијата на човековите права влегува во противречност со Божјата замисла за човекот, во оној вид во кој таа концепција секогаш се воплотува во меѓународното и националното законодавство? Колку човековите права можат да го помагаат или да го попречуваат животот на христијанинот и воопшто, на верникот, согласно неговата вера? Ова тема мора да се истражи со соборнички разум.
Постои мислење дека човековите права се универзална норма. Не може да постои православна, исламска, будистичка, руска или американска концепција на правата на човекот. Тоа внесува релативност во разбирањето на човековите права, а следствено − суштествено го ограничува неговото функционирање во меѓународниот живот. Така размислуваат многу политичари и општествени лидери. Навистина, може да се разбере желбата да се зачува универзалниот карактер на концепцијата на правата и слободите, кој не би зависел од никакви промени. Од своја страна, ни православните луѓе немаат ништо против постоењето на некои универзални правила на однесување во современиот свет. Но, тие правила мора да бидат навистина универзални. Се појавува прашањето: Такви ли се правата на човекот кои претендираат на таа улога во современото изложување?
Се работи за тоа, дека оваа концепција е родена и развиена во западните држави со нивната особена историска и културна судбина. Треба да се признае дека во тие држави таа имаше свои успеси, но ги покажа и своите недостатоци. Имено, неретко со зголемениот степен на индивидуализам се објаснува демографското опаѓање, асоцијалното и неетичко однесување − т.е. сето она што денес претставува општествена норма на Западот. Но, значи ли тоа, дека западните стандарди за човековата среќа се погодни за сите држави и за сите култури? Другите цивилизации, исто така, имаат свое политичко искуство од општестениот живот. Зошто тие немаат право да го кажат свјоот збор? Секако, имаат. Тоа е право на секој народ.
За да може христијанската цивилизација да го каже својот збор за правата на човекот, неопходно е да се направи внимателна анализа на оваа концепција во нејзината современа состојба. Пред сè , неопходен е разговор за философските идеи кои лежат во основата на концепцијата на човековите права, а потоа влијаат на нејзиниот развој и примена.
Централниот поим на современата концепција на правата на човекот е поимот − „човеково достоинство”. Достоинството на човекот е главен мотив и оправдание за постоењето на правата и слободите. Имено, заради заштитата на човековото достоинство се формулираат едни или други права и слободи. Во историскиот развој на западните држави списокот со права и слободи се ширел, опфаќајќи сè понови и понови сфери на општестениот живот. Така се појавиле политичките, економските, културните и социјалните права. Овој процес покажува, дека во историјата настанува постепено појавување на нови гранки на човекото достоинство. Во последниве години особено се заострија прашањата за одоносите меѓу половите, за статусот на човековиот живот, за биоетиката. Со други зборови, надоаѓа ново поколение на човекови права − права поврзани со определбата на тоа, што е човекот на ниво на неговата природа. Затоа денес, како никогаш, е важно да се направи обид за објаснување; што е тоа човеково достоинство.
Во различни јазици зборот достоинство секогаш бил поврзан со определена социјална позиција, што ја заземал човекот. Да се дејствува согласно своето достоинство значело да се постапува во согласност со правилата и обврските кои исприпаѓале на позицијата што ја заземал. Самиот збор „достоинство” го означува „она што заслужува почитување и чест и она што има поголемо значење и вредност.” Така, во овој збор се соединуваат два смисла. Како прво; тој значи дека некој субјект има вредност. Како второ; достоинството означува соодветен живот на субјектот со таа вредност. За православната традиција многу важно е востановувањето на соодносите меѓу овие два аспекта на достоинството.
Во христијанската култура вредноста на човекот е утврдена и објективна. Човекот припаѓа во Божјото создание, за кое Господ рече, дека „е добро” (Бит. 1, 25). Но, оценувајќи го човекот, Бог него го одделил пред целото создание, како што е кажано во книгата Битие, дека по создавањето на првите луѓе Бог ги благословил (Бит. 1, 28). Тоа значи, дека Бог му посакал добро на човековиот род, а Божјото посакување има неизменлива сила. Така, вредноста на човекот се определува со неговата вредност во Божјите очи. Потврда на ова е присуството на печатот на самиот Бог во човековата природа − Неговиот образ/икона. За ова, исто така, дознаваме од книгата Битие (1, 26).
Дури гревопадот на човекот не ја смалил таа вредност. Бог не го уништил човекот што отстапил од Него, но направил и продолжува да прави сè за неговото враќање кон својата предназначеност, т.е. сè за спасението на човекот. Особено важно сведоштво за тоа, дека Бог не го оставил човекот по гревопадот, е фактот на воплотувањето на Божјиот Син. Господ Исус Христос ја примил човековата природа и ја очистил од гревот. Боговоплотувањето сведочи за највисоката вредност на човековата природа, која беше примена од Исус Христос и вклучена во животот на Триедниот Бог.
По создавањето човекот не бил просто вреден пред Бога, туку и со својот живот бил соодветен на таа вредност. Со други зборови, тој имал достоинство. Задача на човекот било да расне во тоа достоинство. Во книгата Битие се кажува дека, Бог го поставил човекот на тој пат, го благословил да го обработува створениот свет. Осмислувајќи го библискиот расказ за природата на човекот, некои свети отци укажуваат на истовремено присуство на статичкиот и динамичкиот елемент во природата на човекот. Присуството на Божјиот образ во човековата природа ја означува неминливата вредност на човекот, а подобието ја означува задачата за развивање на таа вредност. Според зборовите на преподобен Јован Дамаскин: „Изразот: според образот − го означува уподобувањето во добродетелта, колку што тоа е можно за човекот.” Така, во процесот на својот живот човекот е должен сè повеќе да се уподобува/да станува сличен на Бога, што значи, да расне во своето достинство.
Гревопадот не ја изменил таа задача, но ја направил неостварлива за човекот без Божјата помош. Посакувајќи да го достигне совршенството без Бога, човекот ја изгубил својата врска со Изворот кој го хранел со творечка дејност. Што се случило? Иако човековата природа како носител на Божјиот образ продолжуваше да има вредност во Божји очи, самиот човек престана да биде соодветен на вредноста на својата природа; што значи дека во значајна мерка го изгубил достоинството. Целта за човекот сега се состои во враќањето и умножувањето на изгубеното достоинство. Во врска со кажаното, не сите постапки на човекот може да се сметаат соодветни на нормите кои биле заложени од Бога при неговото создавање. Следствено, постојат дејства кои не можат да се сместат во сумата на права и слободи на човекот.
Најважно во процесот на враќање на човекот кон своето достоинство е насоченоста на човековата волја. Човекот има слобода, без која не е можна и самата Божја помош во исправањето на човекот. Благодарение на својата слобода човекот има избор − да го следи доброто и така, да се враќа себеси во достонството или да го избира злото и така да го уништува достоинството. Не може да се одрекува дека и во современата хуманистичка мисла постои разбирањето дека човекот постојано се наоѓа пред изборот меѓу лошите и добрите постапки. На таа основа постојат норми на однесување, обезбедени со закони, а исто така постојат и казниви постапки. Сепак, разликата меѓу секуларниот хуманизам и религиозната традиција се однесува на решението на прашањето за тоа, што да се смета за авторитет во определувањето на доброто и злото.
Во современото западно мислење, уште од времето на Жан Жак Русо, некако цврсто се вкоренила претставата за тоа, дека е доволно да се обезбеди слободата и на личноста да и се дадат права, а таа самата неизбежно ќе го избере доброто и полезното за себе. Затоа, никакви надворешни авторитети не треба да и укажуваат што е добро, а што зло. Човекот сам ги определува етичките норми на однесување. Тоа се нарекува етичка автономија на човекот. И таквата автономија може да биде ограничена само од автономијата на друг човек. Тажната последица од таквиот антропоцентричен пристап се состои во тоа, што денес во многу земји се гради општествен систем кој го превидува гревот и се откажува од задачата да го помага етичкото усовршување на личноста. Општеството, па и нашето, се соочува со циничен фалсификат. Дозволеноста на неетичноста се оправдува со учење за достоинството на човекот, кое, како што рековме, има религиозни корени.
Навистина, човекот има целосна автономија во прифаќањето или неприфаќањето на едни или други правила. Имено, Бог го надарил човекот со таа способност за самоопределување. Тоа е слободата пред која запира самиот Бог. Сакам да истакнам, дека оваа теза христијанството не може да ја оспорува во дијалогот со секуларниот хуманизам. Тоа го оспорува тврдењето за способноста на човекот автономно да прави избор, неизбежно соодветен за негово сопствено добро. Самиот по себе човекот во состојба на грев не може секогаш јасно да распознава, што е добро, а што зло. Не затоа што човекот е глупав, туку затоа што неговиот разум, волја и чувства, се наоѓаат во сферата на дејството на гревот и човекот погрешува во определувањето на животните цели. Трагедијата е во тоа што, во човекот се чува само претставата за постоењето на доброто и злото, но тој не секогаше е способен јасно да распознава што е добро, а што − зло. Бог му помага на човекот да ја зачува таа способност на распознавање преку своето Откровение, кое ја содржи сумата на добро познатите и признати од сите религиозни традиции − етички правила.
За верниот човек, кој вака го осознова проблемот на самоопределување на волјата, предизвикува сомневање тезата за тоа, дека етичкиот антропоцентризам се јавува како универзален принцип кој ја регулира општествената и личната дејност. Најважен критериум кој помага во разликувањето меѓу доброто и злото е − совеста. Народот не вели напразно: Совеста е Божји глас, зашто во гласот на совеста се познава етичкиот закон кој Бог го заложил во човековата природа. Затоа човекот во својот етички избор мора да се раководи и од надворешни критериуми, и пред сè, со заповедите кои се дадени од Бога. Во тој однос, важен факт е тоа што во рамките на десетте заповеди сите основни религии на светот се совпаѓаат меѓу себе во определувањето на доброто и злото. Така, религиозната традиција во себе го содржи критериумот за разликување на доброто и злото. Од гледна точка на таа традиција не можат како норми да се признаваат; подбивањето со светињата, абортусите, хомосексуализмот, евтаназијата и другите видови однесување кои денес активно се заштитувани од позиција на концепцијата на човековите права. Денес, за жал, како смена на апсолутизацијата на државата, карактерна за новото време, доаѓа апсолутизација на суверенитетот на одделната личност и нејзините права без етичка одговорност. Таквата апсолутизација може да ги урне основите на современата цивилизација и да ја одведе во погибел. Како што е познато, погазувањето на етичкиот закон одвело многу силни народи и цивилизации во крах и исчезнување од лицето на земјата. Без етичкиот контекст човештвото не може да живее; со никакви закони не ќе го зачуваме општеството животоспособно, не ќе ја запреме корупцијата, злоупотребата на власта, распадот на семејството, абортусите, уривањето на природата, појавата на воинствениот национализам, ксенофобијата и навредувањето на верските чувства. Ако човекот не гледа дека прави грев, тогаш нему сè му е дозволено (Ф. М. Достоевски).
Неспорно е дека нестабилно и античовечно е она општество, во кое човекот е презиран, а сите права над човекот ги има општеството и колективот. Но, античовечно станува и она општество, во кое човековите права стануваат инструмент за распуштање на инстинктот, а поимите за добро и зло се помешуваат и се истиснуваат од идејата за етичка автономија и плурализам. Таквото општество ги губи лостовите за етичка реакција на личноста. Во цивилизираното општество (да го наречеме така) мора да се зачува балансот меѓу овие полови. Тоа мора да тргнува од разбирањето, дека секој човек по својата природа има неминлива вредност и истовремено, од тоа, дека секој човек е повикан да расне во достоинството и да сноси одговорност, како пред законот, така и етичка одговорност за своите постапки.
Според кажаното до сега, се појавува многу важно прашање: Како да се обезбеди слободниот избор на човекот, а истовремено да се се поддржи и етичкиот правец на тој избор? На тој пат се важни и човечките напори и Божјата помош.
Секако, на право место треба да се постави Божјата помош, која му се дава на човекот во религиозниот живот. Општењето на човекот со Бога му помага да научи да ги разликува доброто и злото, а исто така да има сила да прави избор во полза на доброто. Во молитвата, во мистичниот живот на Црквата и добротворењето, настанува соединување на човекот со Бога, односно му доаѓа помош во творењето на доброто. Имено, затоа за верниот човек религиозниот живот и сите поими поврзани со него добиваат првостепено значење. Тој/ религиозниот живот покрај слободата станува станува главен услов за благосостојбата на човековиот живот на земјата и во вечноста.
Но, важни се и човековите напори. Тие мора да бидат насочени во градење на општествените односи, кои од една страна би ја обезбедувале слободата на личноста, а од друга, би и помагале да ги следи етичките норми. Веројатно, би било неправилно да се применува кривичното право за хазардните игри, за евтаназија, хомосексуализам, но и не може тие да се прифаќаат како законодавни норми, и што е уште поважно, во својство на одобрувана норма.
А, што се случува, кога се донесува закон кој официјално ги дозволува ваквите форми на однесување? Тие не остануваат само дел со кој се користат мали групи кои веќе го направиле својот избор. Тие закони стануваат основа за незадржлива пропаганда на таквите форми на однесување во општеството. А, бидејќи гревот е привлечен, тој бргу заразува значителни слоеви на општеството. Уште повеќе, ако во таа пропаганда се вложуваат големи пари и се користат напредни начини за влијаење врз човековата свест.
Така се случува, например, со хомосексуализмот. Резолуцијата донесена од Европарламентот во јануари оваа година, пропишува во школите да се воведе воспитување во духот на прифаќање на хомосексуализмот и дури се фиксира ден во годината кој ќе биде посветен на борбата против хомофобијата. Што се добива? Општеството не само што се повикува кон почитување на животот на определено малцинство, туку му се наметнува пропагандата на хомосексуализмот како некаква норма. Како резултат на таа пропаганда се соблазнува оној што може да се бори со таа болест и да создаде полновредно семејство.
Може да се наведе и пример од нашиот живот. Во многу градови денес како печурки по дожд изникнаа клубови за хазардни игри. Секако, никој никого не запира да игра во нив. Но, нивната реклама е толку агресивна, а страста за хазардни игри е толку лесно возбудлива, што ние денес се соочуваме со вистински семејни трагедии. Татковци, мајки, деца ги губат своите пари и семејството го оставаат без денар. Луѓето доаѓаат во храмовите и плачат, бидејќи се распаѓаат семејства. Како резултат, слободата на хазардниот бизнис − од ништо разумно не ограничувана − го растура општеството.
Се обидов да ги обележам оние опасности кои се појавуваат за верните луѓе, ако пристапот кој не е балансиран од етичките норми, почне да претендира на единствено вистинито разбирање на човековите права. Согласно таа логика, сите други традиции мораат да замолчат и да се покорат. Ова не се измислици. Јас не го преувеличувам диктаторското расположение на припадниците на ваквото читање на човековите права. Ваквиот пристап веќе самоуверено си го пробива патот во современото меѓународно законодавство. Така, Парламентската Асамблеја на Советот на Европа во 2005 г. ја донесе резолуцијата „Жените и религијата во Европа”, во која се вели: „Слободата на вероисповедањето е ограничена од слободата на човековите права.” Со ова религизниот живот се поставува во потчинета положба во однос на човековите права. Така, ако религизниот живот не одговара на определено разбирање на слободата, тогаш тој мора да се измени. За верниот човек ова звучи како повик кон непослушност кон Божјата волја заради човечки претстави/поимања.
Притоа, ќе истакнам дека за појавувањето на таквата норма би било неправедно да се обвинува самата концепција на човекови права. Во дадениот случај со човековите права се прикрива определена философија, која е застапена од мал круг на луѓе. Согласно таа философија, ако жените не се ракополагаат за свештеници и епископи во некоја општина, таа општина мора да се подложи на државна казна и општествено порекнување. Сепак, нормите на религиозната традиција за верниот човек се повисоки од земните закони. Ако денес не се „симне” тој опасен фитил на секуларниот хуманистички пристап кој продира во меѓународнот право, тогаш автоматски ќе избие конфликт. Слава му на Бога, во случајот со резолуцијата на Советот на Европа нејзините положби немаат правни последици, но тие создаваат определена клима во општественото мнение.
Постои уште една либерална теза која претендира на универзалност. Таа гласи: Правата на човекот превалираат над интересите на општеството. Неа во 2005 г. ја повторија во декларацијата на UNESCO по универзалните принципи на биоетиката во следниот облик: „Интересите и доброто на индивидуата мора да преовладаат над единствениот интерес на науката или општеството” (ст.3, п.2). Сосем очигледно е дека таквата теза има позитивно значење кога станува збор за донесување од државните или општествени структури на решенија кои го засегаат животот и благосостојбата на одделни граѓани. Општеството е должно да го цени секој човек и сечиј живот.
Но, тој пристап е многу опасен, ако човекот почнува да го гради своето однесување тргнувајќи од приоритетите на своите интереси над интересите на опшетството. Тоа ги стимулира само егоизмот и индивидуализмот. Од своја страна, Православието секогаш ја поддржувало жртвената љубов кон ближните, што значи кон своето семејство, кон поместната општина, татковината. Затоа, како што нам ни изгледа, би било правилно слободите и правата секогаш да бидат избалансирани со општествената солидарност.
Православните верници секогаш се подготвени да го разберат светогледниот избор на другите народи. Но, тие не можат да молчат кога им наметнуваат туѓи норми, кои се противречни на основите на православната вера. Мислам дека вака размислуваат и муслиманите, будистите, јудеите и претставаниците на другите религии. Затоа, за да се избегне конфликтот во современиот свет, неопходно е интензивно да се работи на хармонизацијата на различните светогледни системи. Општите принципи на животот на светската коегзистенција мора да бидат изработувани заеднички од различните цивилизации.
Како може да биде устроено современото општество, во кое човековото право хармонично би се соединило со етичноста?
Пред сè, законодавството мора да биде чувствително кон етичките норми кои владеат во општеството. Секако, државниот апарат не е должен сам да определува што е добро, а што лошо, но исто така, во законодавството мора да бидат одразени етичките норми кои ги споделува мнозинството во општеството. Ако општеството смета, дека разгорувањето на страстите на алкохолизмот и експлоатацијата на половиот инстинкт во комерцијални цели е неприфатлив, тогаш треба да се најдат соодветни норми кои ќе ја забранат рекламата во тој дух.
Како второ; треба да биде исполнет вакуумот на етичкото воспитание во нашето општетсво. Слободата и правата се големо достигнување на човековата цивилизација, но граѓаните мора да се подготвуваат за да се ползуваат со тие права со обѕир на етичките норми. А со таква подготовка должна е да се занимава државата во тесна соработка со општествените институции за етичко воспитание, вклучително и школите, и секако, со религиозните заедници на државата. Последново значи дека државата е должна да се зафати со разработка на законодавни акти кои го регулираат пристапот на религиозните организации во општествените структури за образование, за социјална служба, во здравството, армијата.
Притоа во сите наброени сфери се должни да се трудат сите религиозни заедници на државата во мерката која е содветна на нивното претставништво во државата. И најважното: Во тие сфери категорички мора да биде исклучен натпреварувањето во мисијата, за да се избегне меѓуконфесијалната спротивставеност, до која неизбежно ќе доведе борбата на религиозните организации за нови следбеници.
Конечно, денес во работата за хармонизаирање на човековите права и етичноста многу важна позиција имаат средствата за масовно информирање. Тие треба да претставуваат позитивни примери на користење со слободата. Како човекот ќе ја користи слободата етички, ако телевизијата му ги демонстрира потрошувачката, насилството, развратот, хазардот и другите пороци, во својство на успешен животен стил? За свое оправдување луѓето од телевизијата и воопшто сите медиуми велат, дека таквата продукција е барана и добро се продава. Никој не порекнува дека порокот лесно се продава, бидејќи лесно се восприема од човекот кој е склон кон грев. Од дамнини таквите дејства се наречени соблазна/наведување на грев.
Сепак, не е вистина дека човекот е во „побарувачка” само за порокот. Тој бара среќа, мир, вистинска љубов и други добродетели. Зачудува, но денес е многу зголемен интересот за филмовите во кои се разработуваат сериозните прашања на постоењето.
Православните луѓе се подготвени да ги прифатат нормите на човековите права и да се трудат за нивно утврдување. Но, под услов тие норми да го помагаат усовршувањето на човекот, а не да ја оправдуваат неговата гревовна состојба. Задачата на концепцијата на човековите права се состои во заштитувањето на вредноста на човекот и да го помага растењето на неговото достоинство. Во тоа се гледа главната и единствено можната − од христијанска гледна точка − предназначеност на дадената концепција.
Многу лошо и гревовно е кога се погазуваат правата на нациите и на етничките групи, на нивната религија, јазик, култура, кога се ограничува слободата на вероисповедта и правото на верниците на свој начин на живот, кога се прават прекршоци на религиозна и национална основа. Нашето етичко чувство не може да молчи, кога личноста се подложува на произволноста/каприцот на чиновниците и работодавците, кога војникот се покажува обесправен пред своите колеги, кога детето и старецот стануваат објекти на малтретирање во социјалните институции. Недозволиви се и бараат отпор; манипулирањето со свеста од страна на деструктивните секти, вовлекувањето на луѓето во криминал, трговијата со луѓе, проституцијата, наркоманијата, игроманијата. На ваквите појави треба да им се спротивставиме, бидејќи таквите постапки го оддалечуваат човекот од неговото достоинство. Во борбата со овие пороци секогаш треба да го повикуваме нашето општество, во таа борба мора да се вклучи Црквата. Од православна гледна точка, во тоа и се состои смислата на правната заштита денес.
http://www.patriarchia.ru/db/text/102261.html
превод од руски: Тони Петрушевски