Значењето на празникот Рождество Христово
Христос се вочовечи, за ние да се обожиме—вели отецот на Православието, светиот Атанасиј Велики. Христос се овоплоти за човекот толку да стане бог, колку што и Бог станал човек—вака пишува светиот Григориј Богослов. Со зборот овоплотување, означуваме дека Бог постанал човек. Но, штом Бог постана човек, тогаш и човекот е повикан да постане бог по благодат, и тоа се изразува со зборот обожение. Со овоплотувањето на Бога се објавува целта и смислата на човековото битие—обожението, и воедно се даваат средствата за неговото остварување. Тоа е смислата на боговоплотувањето, тоа е и целта која што Богочовекот Христос ја даде и ја оствари. Станувајќи човек—му даде цел на човекот; влегувајќи во тело—му даде цел на телото; влегувајќи во материјата—ѝ даде цел на материјата. Станувајќи човек—осмисли сè што е човечко: и раѓањето и животот и смртта. До Него—сè било бесмислено, од Него—сè е осмислено.
Затоа, Божик е центарот на севкупната човекова историја. Од тој настан и времето се дели на време пред Христа, и време по Христа.
Богочовекот Христос е суштината на Православието. Господ Христос самиот себе, својата Богочовечна Личност ја остави како Црква, и Црквата всушност е Богочовекот Христос продолжен во сите векови. Заради тоа, Црквата преку сите свои апостоли, маченици, исповедници, светители и верници, бестрашно го исповедала, проповедала и бранела повеќе од сè друго: Богочовештвото на Господа Исуса Христа, Неговата чудесна и незаменлива Личност. Бивајќи милосрдно снисходлива кон грешниците, таа отсекогаш била ревносно неумолива и одлучна во осудувањето и отфрлувањето на сите оние коишто на било кој начин го порекнувале, отфрлале, или унакажувале Богочовештвото на Господа Христа, и постојано била радосно подготвена да појде и на најстрашните апокалиптични измачувања, само за да не Го предаде Него.
Спротивно на ова, спротивно на Православното Христијанство, е тежнеењето Божик да се сведе на „празник на семејството“, при што за главна содржина на празникот да се прогласи богатата трпеза, а поздравот „Христос се роди“ да биде само една декорација, адет. Исто како и пиењето ракија во пост и осветувањето бадникови гранчиња—за што во православните молитвеници не постои ни служба, ни молитва. Ваквото унижување на празникот произлегува од унижувањето на Богочовекот Христос—до обичен човек!
Има и такви, кои не верувајќи во Бога, се во заблуда дека давајќи му на празникот на Рождеството Христово некаква општочовечка димензија, му го зголемуваат значењето, правејќи го подобен не само за Христијаните, туку и за сите луѓе. Но, каква е радоста без Богочовекот Христос? Каков е тој Божик без Христа Бога? Во тој случај, нашите ближни коишто не се Христијани, со право ќе ги презрат адетите коишто им ги прикажуваме—затоа што не се повеќе од обична човечка измислица.
Единственото ново под сонцето е Сонцето на Правдата—Богочовекот Христос, Којшто е Вистината, Патот и Животот. Тој дојде за да ги избави од ропството на смртта сите луѓе. Тоа е радосната вест што му ја објавуваме на светот. Секое заменување на Богочовекот со било каков човек, секое одбирање од Православното Христијанството само она што му се допаѓа на човековиот индивидуален вкус и разум, го претвора Христијанството во површен и беспомошен хуманизам. Секое тежнеење и обид Православието да се изедначи со другите религии, со духот на времето, со минливите трендови на различните историски периоди, му ја одзема специфичната вредност којашто Православното Христијанство го прави единствената Богочовечка религија во светот. Не сообразувањето на Богочовекот Христос кон духот на времето, туку сообразувањето на духот на времето кон духот на Христовата вечност, Христовата Богочовечност—тоа е единствената вистинска мисија на Црквата во светот.
Сведоци сме и на еден друг вид унижување на големите празници коишто следуваат во овој период—преку недоличното прославување, на места целосно отсечено од христијанската смисла на празникот: разните пагански „некрстени денови“, и обичаите кои неточно ги именуваат „василичарски“, а тие немаат ништо заедничко ниту со светиот Василиј Велики, ниту со Православието воопшто.
Игуменот Кирил Пејчиновиќ во врска со ова поучува: „А ние и празникот што го служиме еднаш во годината, и него непристојно го служиме, а не побожно. Токму на денот гледаме да се опиеме, да скокаме, да збеснуваме. Цела ноќ седите, пиете и збеснувате, не го молите светителот туку го лутите, та тој не ве измолува пред Бога и не ви помага, па попусто се трошите. Ама ќе речете: не знаеме како треба. Така најдовме, така ќе оставиме. Немој, брате, не оставај, туку тргни се од злото и прави добро. Ако, пак, не си кадар и не можеш ништо да направиш според законот, барем не прави беззаконие, но седи си ужален и речи: на денешен ден сите Христијани стојат во законот, Бога Го молат, Бога Го фалат по црквите и Божјите домови, а ние сме принудени од сето тоа да се лишиме. И, помоли му се на Бога со солзи и речи: избави нè Боже од овој лош есап што го имаме и научи нè Господи на вистината Твоја и исправи ги стапките наши кон остварување на Твоите заповеди.“
Ние, пак, долично и со неизменлива радост да го прославиме Рождеството на Спасителот и да воспееме со целата Негова Црква: Денес се раѓа од Дева, Оној Којшто во рака ја држи сета твар; во пелени, како земен, се повива Оној Кој Е по суштина неприкосновен Бог. Во јасли лежи, Оној Кој во почетокот небесата ги утврди со збор; од гради со млеко се храни, Оној Кој во пустината на луѓето им излеа манна од небото. Женикот Црковен ги собира магите и Синот на Девата ги прима нивните дарови. Христос се роди! Навистина се роди!