Pravoslavna Ohridska Arhiepiskopija

A кога се исполни времето, Бог Го испрати Синот Свој (Гал. 4, 4) Единороден за да се спаси човечкиот род. И кога се навршија девет месеци од благовеста којашто Архангелот Гавриил ѝ ја јави на Пресветата Дева во Назарет велејќи: „Радувај се, благодатна! (Лк. 1, 28)... еве ќе зачнеш и ќе родиш син“ (Лк. 1, 31) — во тоа време излезе заповед од кесарот[1] Август да се попише сиот народ во Римската империја, во којашто се наоѓала тогаш и Палестина. Според таа заповед, секој требало да отиде во градот од којшто потекнувал, и таму да се запише. Преблагословената Дева и Праведниот Јосиф, бидејќи биле од родот Давидов, биле должни да отидат во Витлеем, Давидовиот град, за таму да ги внесат своите имиња во списокот на кесаревите поданици. А бидејќи во тој малечок град заради пописот дошол многу народ, Јосиф и Марија не можеле да најдат ноќевалиште во ниту една гостилница, па се засолниле во една пештера, наменета за чување добиток.

Во таа пештера, далеку од постојаното место на живеење, помеѓу туѓинци, во студена зимска ноќ, во место лишено не само од земните величествености, туку и од вообичаената удобност, ноќта меѓу саботата и неделата на 25-ти Декември, се родил Богочовекот, Господ Исус Христос, Спасителот на светот. „Таинство чудно, гледам, и преславно “— со восхит воспева Светата Црква: „Небо – пештерата; Престол Херувимски – Девата: јаслите – сместилиште во кое легна несместивиот Христос Бог.“[2] Откако Го роди без болка, како што и Го зачна без грев, од Светиот Дух, а не од човек, Пресветата Дева сама Го пови во ленени пелени, Му се поклони како на Бог и Го положи во јаслите. Потоа пријде и праведниот Јосиф, и тој Му се поклони како на Божествен плод од девствената утроба.

Среде полноќната тишина, кога целото човештво било обземено со длабокиот сон на гревот, веста за Рождеството на Спасителот на светот ја чуле пастирите, кои биле на ноќна стража крај своите стада. Ангел Господов застанал пред нив велејќи: „Не бојте се, еве, ви благовестам голема радост, којашто е за сите луѓе, затоа што денес ви се роди Спасител, Којшто е Христос Господ, во градот Давидов“, па смирените пастири поитале да се удостојат да Му се поклонат на, заради човечкото спасение Слегнатиот до „обличје на слуга“ (Фил. 2, 7), Месија и Спасител, воскликнувајќи: „Слава на Бога во висините и на земјата мир, меѓу луѓето добра волја“ (Лк. 2, 14).

Потоа пристигнале и тројцата Мудреци од исток, водени од чудесна ѕвезда. Тие на Младенецот Му се поклониле како на Цар над царевите Му ги принесле даровите што ги имале подготвено: злато — како на Цар, ливан — како на Бог и смирна — како на смртен. (Мт. 2, 11) Во ликот на источните мудреци сиот незнабожечки свет ги приклони своите колена пред вистинскиот Спасител на светот, Богочовекот Христос.

Така дојде во светот Оној Чиешто доаѓање беше предвестено од Пророците, Којшто се роди онака како што беше пророкувано: од Пречиста Дева, во градот Витлеем,[3] од коленото Давидово по тело, во време кога немаше веќе во Ерусалим цар од родот Јудин, туку царуваше Ирод туѓинецот. После сето мноштво на Неговите предобрази и навестувања, на пратениците и благовесниците, Пророците и праведниците, мудреците и царевите, најпосле се јави Он, Господарот на светот и Царот над царевите, за да го изврши делото на човечкото спасение, коешто не можеа да го извршат Неговите слуги. Нему Му припаѓа вечната слава. Амин.


[1] кесар = цезар – римски император

[2] ирмос на 9-тата песна од канонот

[3] Витлеем на еврејски значи „дом на лебот“; таинствената смисла на ова име е обелоденета со рождеството на Господа Исуса, Небесниот Леб, на тоа место; Јас сум Лебот на животот, Кој слезе од небото (Јн. 6, 41).